ПОВЕЌЕ

    БЕРЗА: СЕКОЈА ТРЕТА КОТИРАНА КОМПАНИЈА ГОДИНАВА СО ПОМАЛА ДОБИВКА од лани

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа на работењето на котираните друштва во првите девет месеци од годинава во однос на лани

    Во првите девет месеци од годинава на берзата имало 94 котирани компании, исто колку и лани. Но, вкупниот ефект од нивното работење годинава бил послаб, покажува најновата анализа на порталот Пари. Нивниот вкупен финансиски ефект бил: помала заедничка добивка и поголема заедничка загуба!

    Компаниите кои работеле со добивка, годинава направиле заеднички профит од 230 милиони евра, додека претходната година во првите три квартали, вкупната добивка на тогашните компании со профит изнесувала 235,7 милиони евра. Така, годинешната вкупна добивка е за 2,49 проценти помала од ланската.

    Ако, пак, се погледаат поединечните извештаи на котираните друштва, може да се забележи дека речиси секоја трета, или точно 32 од 94 компании, има намалена добивка во деветте месеци од 2022 година во однос на истиот период лани.

    Истовремено, котираните компании направиле и поголема вкупна загуба. Годинава, заклучно со 30.09.2022 година, вкупната загуба од котираните компании била 24,8 милиони евра, додека лани тогашните загубари за девет месеци генерирале вкупна загуба од 8,3 милиони евра. Така, годинешната загуба е за 197,7 % поголема од ланската.

    Вкупен финансиски ефект на котирани друштва

    Финансиски резултат1.1.2021 – 30.9.20211.1.2022 – 30.9.20222022 / 2021
    Остварена добивка235,7 милиони евра230 милиони евра‒ 2,49 %
    Остварена загуба‒ 8,3 милиони евра‒ 24,8 милиони евра+ 197,7 %

    ТРИ ДРУШТВА ШТО ЛАНИ БИЛЕ ВО ДОБИВКА, ГОДИНАВА СЕ ВО ЗАГУБА

    Берзанските податоци покажуваат дека лани три котирани друштва, кои во првите девет месеци од годината имале позитивен финансиски резултат, за девет месеци работење во 2022 година направиле загуба.

    Најмногу преобратен резултат од добивка во загуба има компанијата од челичната индустрија, Либерти, која лани била во добивка од 12,9 милиони евра заклучно со 30.09.2021 година, а сега за девет месеци создала загуба од дури 16,9 милиони евра!

    Во првите девет месеци од годинава во загуба влегла и Стопанска банка – Битола, со 320.000 евра, додека лани во истиот период направила добивка од 6,2 милиони евра.

    Центарот за ортотика и протетика СЛАВЕЈ АД Скопје (од 2000 година целосно во приватна сопственост) до октомври направил загуба од 27.000 евра, а лани во првите девет месеци остварил добивка од 95.000 евра.

    Финансиски резултати на котираните друштва што од добивка влегле во загуба

    Компанија1.1.2021 – 30.9.20211.1.2022 – 30.9.2022
    Либерти АД Скопје+ 12,9 милиони евра‒ 16,9 милиони евра
    Славеј АД Скопје+ 95.000 евра‒ 27.000 евра
    Стопанска банка АД Битола+ 6,2 милиони евра‒ 320.000 евра

    ПЕТ ДРУШТВА ШТО ЛАНИ БИЛЕ ВО ЗАГУБА, ГОДИНАВА СЕ ВО ДОБИВКА

    Покрај компании кои лани биле во добивка, а годинава влегле во загуба, има и обратни случаи и нивниот број е поголем – 5 компании кои лани биле во загуба сега се во добивка.

    Најголем загубар кој се трансформирал во добитник е текстилната компанија Мода АД од Свети Николе. Лани, заклучно со 30.09, компанијата била во загуба од 365.000 евра. Годинава, за истиот период текстилната фирма влегла во добивка од 40.000 евра.

    Акционерското друштво Сигурносно стакло од Прилеп лани имало загуба од 51.000 евра, а годинава за девет месеци успеало да направи добивка од 3.900 евра.

    Добивка со која покрај што се покрила ланската загуба, се реализирал и дополнителен профит, успеале да направат Нова стоковна куќа АД Струмица, РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје и Макотекс АД Скопје.

    Нова стоковна куќа АД Струмица лани во трите квартали имала загуба од 17.600 евра, но годинава направила добивка од 55.000 евра. РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје ланската загуба од 9.000 евра успеал да ја трансформира во добивка од 40.000 евра, а Макотекс лани, истиот период направил мала загуба од 300 евра, а оваа година има добивка од 14.000 евра.

    Финансиски резултати на котираните друштва што од загуба влегле во добивка

    Компанија1.1.2021 – 30.9.20211.1.2022 – 30.9.2022
    Макотекс АД Скопје‒ 300 евра+ 14.000 евра
    Мода АД Свети Николе ‒ 365.000 евра + 40.000 евра
    Нова стоковна куќа АД Струмица‒ 17.600 евра + 55.000 евра
    РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје‒ 9.000 евра+ 40.000 евра
    Сигурносно стакло АД Прилеп‒ 51.000 евра + 3.900 евра

    ЕДНО ДРУШТВО НЕ ОБЈАВИЛО ПОДАТОЦИ, ТРИ СЕ СУСПЕНДИРАНИ

    За работењето во трите квартали од годинава, Берзата известува и дека три друштва се долгорочно суспендирани. Станува збор за: Арцелор Миттал (ХРМ) АД Скопје, Благој Туфанов АД Радовиш и Трудбеник АД Охрид. Истите компании се наоѓаат и на минатогодишната листа на суспендирани компании.

    Берзата известува и дека Технокомерц АД Скопје не објавил податоци. Лани компанијата била во плус 1,2 милиони евра. За друштвото кое нема објавено финансиски извештаи во предвидените рокови се преземаат соодветни мерки во согласност со Правилата за котација.

    Конечната квантификација на резултатите од котираните друштва покажува дека и лани и годинава 72 друштва имале добивки, лани во загуба биле 19, а годинава 18, едно друштво не објавило финансиски резултати и три се долгорочно суспендирани.

    Квантификациски податоци за:1.1.2021 – 30.9.20211.1.2022 – 30.9.2022
    Остварени добивки72 72
    Остварени загуби 1918
    Друштва кои не објавиле податоци01
    Долгорочно суспендирани друштва33
    Вкупно 9494

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично