ПОВЕЌЕ

    БДП СО РАСТ ОД 3,2 ПРОЦЕНТИ, економската активност се крепи на финалната потрошувачка

    Време зa читање: 2 минути

    Раст од 3,2 проценти е забележан кај бруто-домашниот производ во последното тримесечје од минатата година. Во неговата структура и натаму е најголем уделот на финалната потрошувачка, наспроти извозот кој опаѓа.

    „Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2024 година, номинално расте за 6,0 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 66,1 %“, наведено е во соопштението од Државниот завод за статистика.

    Истовремено, извозот на стоки и на услуги номинално е намален за 3,1 отсто. А, увозот, пак, номинално е зголемен за два насто.

    Од Статистика посочуваат дека во четвртото ланско тримесечје поголем раст има во градежништвото – од 13,2 проценти. Додека позитивното дижење кај стручни, научни и технички дејности; административни и помошни услужни дејности е за 10,6 насто.

    Процентите укажуваат дека економската активност во земјава на големо се потпира на приватната потрошувачка, чии потреби се задоволуваат со увоз, додека извозот е слабо конкурентен. Економистите често укажуваат дека растот на финалната потрошувачка од една страна ја стимулира економската активност, но од друга, исто такво дејство има и врз инфлацијата. Оттаму, иако се чини тешко изводливо, мора да се постигне одреден баланс меѓу приватната потрошувачка, инвестициите и извозот, како услов за одржлив економски раст. За тоа, велат, потребни се политики кои ќе придонесат за продуктивни инвестиции и за подобрување на конкурентноста, првенствено со иновативни производи и услуги.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично