ПОВЕЌЕ

    БАНКРОТИРАШЕ КОМПАНИЈАТА ШТО ТРЕБАШЕ ДА ПРАВИ ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА ВО ТЕТОВО: e.Go поднесе барање за несолвентност, по вторпат од 2020 година

    Време зa читање: 4 минути

    Германскиот производител на електрични автомобили e.Go, кој требаше да изгради фабрика за производство на електрични автомобили во индустриската зона во Тетово, поднесе барање за несолвентност по втор пат од 2020 година. Компанијата како причина го наведува „неповолното опкружување на пазарот“.

    Во посебна објава, e.Go напиша дека поднела барање за отворање на постапка за несолвентност до окружниот суд во Ахен во Германија. Во петокот, околу 320 вработени во компанијата беа информирани за ситуацијата и следните чекори.

    e.Go наведува дека влегувањето во несолвентност стана неизбежно „среде позадината на неодамнешните негативни случувања и предизвици во индустријата за електрични возила, нестабилноста на пазарите на капитал“. Со оглед на неповолното пазарно опкружување, финансиските инструменти засновани на капитал обезбедени од компанијата не можеа да се применат во обем и со очекуваната брзина.

    Компанијата веќе некое време се соочува со тешкотии. Според германското издание Aachener Zeitung, e.Go го намали работното време за персоналот на почетокот на март. Освен тоа, цената на американската берза паднала во рок од шест месеци од дебито на компанијата на берзата во есента 2022 година. Покрај тоа, e.Go објави задолжителен извештај за американската берза дека холандската матична компанија Next.e. GO N.V. и другите подружници, исто така, се очекува да станат несолвентни.

    Еден од сложените проблеми е доцнењето на одобрувањето на моделот на ЕУ на e.wave X – наследникот на првиот e.Go Life. Претпродажбата, вклучувајќи го и активирањето на конфигураторот, започна во октомври 2022 година, но моделот сè уште не е на пазарот. Производителот наводно добил 11.000 преднарачки за малиот електричен автомобил, но продал само 1.350 единици од својот претходник, e.GO Life.

    Во 2022 Next.e.GO Mobile SE, нарекуван „иновативен производител на урбани електрични возила“ што го користи својот специфичен производствен систем MicroFactory, објави дека склучил договор со Република Северна Македонија за изградба на МикроФабрика во технолошките индустриски развојни зони на земјата (ТИРЗ), во близина на градот Тетово, а свечениот почеток на градежните работи, со присуство на претставници на македонската Влада беше во август 2022 година. Микрофабриката во Тетово требаше да биде трета микрофабрика, по веќе отворената во Ахен, Германија и во Бугарија каде што требаше да отпочне со изградба.

    За време на јавната церемонија на локацијата на проектот на која присуствуваа повеќе македонски државни функционери, меѓу кои премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, страните потпишаа дефинитивен договор, врз основа на на кој e.GO планира да изгради производствен погон MicroFactory за своите електрични возила со батерии, со очекуван капацитет до 30.000 возила годишно. Почетокот на производството на новиот капацитет требаше да биде во последниот квартал на 2024 година.

    Next.e.GO тогаш најави почетна инвестиција од 130 милиони евра, а некои медиуми објавија дека вкупната вредност на проектот ќе изнесува дури 720 милиони евра. На свеченоста по повод поставувањето на камен-темелникот премиерот Димитар Ковачевски истакна дека ова ќе биде првпат комплетен автомобил да се произведува во Северна Македонија и воедно ќе биде првата фабрика за електрични автомобили во земјата. Северна Македонија веќе има неколку фабрики за производство на автоделови.

    Фабриката за автомобили е-Го требаше да биде лоцирана во слободната индустриска зона во северозападниот град Тетово, но изградбата не одмина подалеку од поставениот камен-темелник.

    Во првата фаза од проектот фабриката требаше да отвори најмалку 890 нови работни места.

    Ова не е првпат оваа германска компанија да прогласи несолвентност – пред три и пол години – во јули 2020 – според достапните податоци на интернет, окружниот суд во Ахен за прв пат отворил постапка за несолвентност за e.Go. Тоа значи дека финансиските неволји на компанијата почнале цели две години пред помпезната најава на македонската Влада дека e.Go. ќе произведува автомобили во Македонија.

    Спасувањето дојде во форма на инвеститорот ND Industrial B.V. Холандската компанија го презеде целиот бизнис на e.GO Mobile AG, вклучувајќи ги сите подружници и 400 вработени во тоа време, на 1 септември 2020 година. Оттогаш, компанијата работеше под името Next.e.GO Mobile SE.

    Подготвила: Југослава Дуковска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично