ПОВЕЌЕ

    БАНКИТЕ ИНКАСИРААТ МИЛИОНИ ЕВРА ОД ПРОВИЗИИ – пратеници иницираат законски измени за бесплатни услуги

    Време зa читање: 5 минути

    Одржување трансакциски сметки, користење е-банкарство, аплицирање за кредит… долг е предложениот списокот за забрана на провизии и надоместоци, од кои банките само лани заработиле над 100 милиони евра

    Повеќе од сто милиони евра е чистата заработка на банките од наплатените провизии и надоместоци во текот на минатата година. Во првите три месеци од годинава по таа основа има раст кај нето-проходите за 123 милиони денари, или за 8,6 проценти повеќе од истиот период лани.

    Сумите што им се наплатуваат на граѓаните се различни кај банките. Како пример – провизијата за плаќање уплатница на шалтер е 50 денари, за водење сметка 40 денари месечно, трошок за користење електронско банкарство 35 денари, аплицирање за кредит од 500 до 900 денари, опомена за ненамирена кредитна рата 200 денари, годишна членарина за основна картичка 300 денари, за повлекување средства од банкомат од друга банка три отсто од износот или минимум 200 денари, реизработка на уништена картичка и реиздавање пин код 200 денари, итна изработка на картичка 500 денари, отворање онлајн сметка 300 денари, готовинска исплата од сметка од 50 до 500 денари… Ова се само дел од придонесите што им се наплатуваат на граѓаните за користење на банкарските услуги, а треба да се напомене дека вакви трошоци, со повисоки износи, плаќаат и правите субјекти.

    Оттаму и иницијативата на група пратеници да се забрани наплатата на дел од овие трошоци, преточена во Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи. Одредбите се однесуваат и на правните и на физичките лица. Воедно, предлагаат да се донесе во скратена постапка.

    Како што се наведува во објаснувањето, измените се уредуваат со три члена, а со првиот се дефинираат услугите кои банките ги даваат на корисниците без провизија.

    Еве што предвидува предложениот први член, односно што би требало да се забрани за наплата:

    – отворање, водење, одржување и затворање на трансакциска сметка на физички и правни лица;

    – отворање, водење, одржување и затворање на денарски и девизни сметки (на физички и правни лица);

    – отворање, водење, одржување и затворање на платежна картичка (дебитна или кредитна) – за што не смее да наплаќа дополнителна месечна или годишна членарина, без оглед на бројот на картички (основна или дополнителна);

    – ажурирање на лични податоци на корисниците на платежните услуги;

    – промена на статусот на корисникот на платежна услуга (од резидент во нерезидент и обратно);

    – промена на дневен лимит;

    – промена на пинови;

    – аплицирање или промена на дозволено пречекорување;

    – регистрање и овозможување непречено користење на услугата електронско банкарство и електронско плаќање (активен профил);

    – услуги на мобилно банкарство (инсталација, регистрација, обнова на УСБ сертификати и сл.);

    – СМС известувања;

    – издавање токени и дигитални сертификати;

    – безготовински трансакции и плаќања преку КИБС и МИПС;

    – услуги на траен налог (кон истата или кон други банки);

    – повлекување на платни налози или издавање преписи;

    – издавање потврда за состојба на кредит и потврда за затворен кредит (без оглед на видот на кредитот);

    – издавање изводи за состојба на сметка од експозитура на банка;

    – шалтерско печатење изводи од затворена сметка;

    – издавање извештаи за солвентност;

    – доставување на податоци до судови, нотари, извршители, УЈП или други државни органи;

    – поднесување или повлекување на задолжница за наплата;

    – проверка на состојба на АТМ (банкомат);

    – издавање на задржана картичка на банкомат;

    – овозможување повлекување на готовина од банкомат во негова сопственост или од банкомат во сопственост на друг носител на платен промет (друга банка);

    -провизии за аплицирање и скриени т.н. административни трошоци за разгледување и обработка на барања за кредитни аражмани за било каков вид на кредит (станбен, хипотекарен, студентски, наменски, еко, потрошувачки и сл.);

    – провизии за преддоговори и анекси;

    – надоместоци за поднесување на барања за намалување на каматна стапка;

    – провизии за проценка и репроценка на имот (колатерал);

    -блокирање и деблокирање на сметка по извршни решенија за присилна наплата;

    – провизии за давање или укинување на посебно овластување на друго лице;

    – провизии за постапување по оставински решенија.

    Основната цел на овој Предлог, според предлагачите, е заштита на граѓаните како корисници на платежни услуги, преку регулација на прашањето на банкарските провизии и другите давачки поврзани со одобрување кредити, за одржување трансакциски сметки и плаќања како што се проверка на состојба на сметка на банкомат да се уреди со закон, а не да се остави на интерните политики на банките кои согласно Законот за платежни услуги и платни системи ги уредуваат и јавно објавуваат. Со постигнување на целта заради која се предлага законот ќе се постигне и решението и начелата на законот, а тоа се заштита на граѓаните од нерамноправната и неповолната состојба во која се наоѓаат во изминатите години и која директно влијае на нивната социоекономска положба.

    Инаку, предлагачи на овие промени се пратениците Моника Зајкова И Боби Мојсоски од ЛДП, Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, и Маја Морачанин од ДОМ.

     

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично