ПОВЕЌЕ

    Ако сака, државата има механизми за укинување на концесиите за мали хидроцентрали во заштитени подрачја

    Време зa читање: 4 минути

    Државата има правни механизми како да ги раскине договорите за концесиите за малите хидроцентрали кои се изградени во Националниот парк Маврово и со тоа да го запре понатамошните штети врз природата и врз локалните заединици. Ова е резултат на правната анализа на случаите на малите хидроцентрали во заштитени подрачја, која ја изработи проф. д-р Игор Камбовски, презентирана од Еко-свест.

    Анализата на целокупната легислатива која ги регулира и допира издавањето на концесии за изградба на мали хидроцентрали утврди дека штетата е направена уште многу порано пред да бидат издадени дозволите и потпишани договорите за трите централи на реките Рибничка и Жировница кои течат во националниот парк Маврово, чиишто случаи беа анализирани.

    Штетата всушност настанала уште на самиот почеток, со тоа што домашното законодавство не предвидело никакви посебни услови или забрана за изградба на вакви капацитети во заштитени подрачја. Поточно, дали се бара концесија за хидроцентрала во национален парк или на било кое друго место во државата, постапката и условите се исти иако последиците по животната средина се многу различни, а самата држава се обврзала да ја заштитува природата, при што заштитените подрачја какви што се националните паркови требало да имаат највисок степен на заштита.

    Доколку државата планира да остане доследна на Бернската конвенција која ја потпишала и е меѓународен правно обврзувачки инструмент и на нејзините препораки за Македонија, треба да ги суспендира и откаже одобрените концесии, како и оние планирани за изградба и да спроведе забрана за хидроцентрали (големи, средни и мали) во национални паркови, заштитени подрачја, локалитети со статус на светско наследство и други кандидати за Емералд локалитети (потенцијални идни Натура 2000 локалитети), сметаат од Еко-свест.

    Според анализата на професор Камбовски, постојат неколку сценарија како ова може да се спроведе:

    1. Спогодбено раскинување;
    2. Еднострано раскинување на договорот доколку е утврдено дека концесионерот не се придржувал до обврските од договорот или со инспекциски надзор е утврдена битна повреда на обврските од концесионерот;
    1. Носење на закон за репрогласување на НП Маврово за национален парк во кој ќе се испочитуваат препораките од Бернската конвенција.

    Трите сценарија на поништување на издадените концесии може да предизвикаат различни правни и финансиски последици за државата почнувајќи од трошоци за враќање на надоместоците за концесија па сѐ до правни спорови за надомест на штета и неостварена добивка со кои може да се блокираат и други процеси како репрогласувањето на Маврово за национален парк кое доцни веќе 8 години. Затоа од големо значење за сите сценарија е да се утврди во која мера концесионерите на постоечките централи се придржувале до договорите и законските ограничувања во однос на заштита на природата.

    Да потсетиме, Владата ги продолжи истечените концесии за малите хидроцентрали во срцето на НП Маврово и покрај протестите и противењето на селото Жировница, чијашто рекичка треба да ја зафатат МХЕЦ Жировница 5 и 6, како и МХЕЦ Рибница, на Рибничка река, која се наоѓа само неколку километри подалеку. Двете реки во горните текови поминуваат низ строго заштитена зона на паркот, се одликуваат со богат растителен и животински свест, а од Жировничка река населението се снабдува со вода.

    Токму доцнењето на носењето на законот за Национален парк – Маврово веќе подолго време ги подгрева сомнежите дека бизнисот со малите хидроцентрали е дел од причините зошто толку години ова подрачје не е повторно прогласено за национален парк и нема нов план за управување. Изградбата на мали хидроцентрали во заштитени подрачја беше интензивна и на подрачјето на сегашниот Национален парк Шар Планина во периодот кој му претходеше на неговото прогласување за заштитено подрачје.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично