ПОВЕЌЕ

    Акциите на „Окта“ и на Стопанска банка Битола меѓу најтргуваните во септември

    Време зa читање: 3 минути

    Акцијата на „Окта“ повторно е меѓу петте најтргуваните хартии од вредност, а во друштвото втор месец по ред е и таа на Стопанска банка Битола. Таквиот распоред ја помести акцијата на „Макпетрол“ во втората половина од табелата. За основните берзански показатели карактеристична е стрелката свртена нагоре. Ова се, накусо, резултатите од активностите на Македонска берза во септември.

    Од аспект на првите две места, состојбата е редовна. Преку 613 трансакции истргувани се 6.521 акција на Комерцијална банка. Постигнат е промет од 156.546.212 денари или 2.545.718 евра, со кој во структурата партиципира со 34,78 проценти. Притоа, постигната е максимална цена од 24.100, а просечна од 24.006,47 денари.

    Промет од 81.615.834 денари, односно 1.327.212 евра е забележан по истргуваната месечна количина од 3.688 акции на скопски Алкалоид. Имало 302 трансакции низ кои цената се движела од минимални 21.899 до максимални 22.700 денари, со просек од 22.130,11 денари. Учествува со 18,13 отсто во вкупниот промет.

    Интензивните купопродажби и ја одредија третата позиција на акцијата од „Окта“, чиј промет од 46.717.734 денари (759.720 евра) има удел од 10,38 проценти. Највисоката цена во текот на месецот била 5.919 денари, а просечната 5.915,88 денари. Станува збор за истргувани 7.897 акции и 185 трансакции.

    Тензијата присутна, прво со дадената, па потоа и со одбиената понуда од Комерцијална банка, го насочи фокусот на инвеститорите кон Стопанска банка Битола ја поткрена за едно место на листата. Вредноста на акцијата е нешто пониска – максималната 3.250, а просечната 3.215,74 денари – од август (4.000, односно 3.292,17 денари). Сепак, количината на истргуваните акции е 10.628, што е за речиси 70 проценти повеќе од претходно. Со нив е остварен и за над 65 насто повисок промет, од 34.176.897 денари (555.764 евра). Оттаму, учеството е 7,59 проценти. Во септември имало 67 трансакции.

    Константа во првата петорка е и акцијата на НЛБ банка. Истргувани се 745 акции во 120 трансакции. Највисокиот праг на цената е 45.900 денари, а месечниот просек 44.987,44 денари. Прометот е во износ од 33.515.642 денари (545.038 евра), а во структурата зафаќа 7,45 проценти.

    Во втората половина се акциите од топ 10 листата, на „Гранит“, „Макпетрол“, „Македонијатурист“, УНИ банка Скопје и Стопанска банка Скопје.

    Во септември пазарната капитализација на берзата се зголемила за 0,77 насто и изнесува 305.471.228.634 денари. Вкупниот реализиран промет е 874.053.167 денари (14,2 милиони евра) при раст од 70,74 проценти. Забележани се за 17,33 процени повеќе трансакции и нивниот број е 1.835.

    Што се однесува до тргувањето со акции, прометот е зголемен за 15,80 насто и е во износ од 455.093.467 денари. Во споредба со август, голема промена од дури 252,34 проценти има кај прометот направен во блок-трансакциите, од 418.959.700 денари.

    По месечниот раст од 2,33 проценти, МБИ10 во септември е со вредност 8.778,56.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично