ПОВЕЌЕ

    ПАРИ АНАЛИЗА: Ем нивите ненаводенети, ем АД Водостопанство во загуба

    Време зa читање: 3 минути

    Сушата прави пустош по нивите. Земјоделците се жалат дека изгореа пиперките, доматите, класјето, грозјето… Агрометеоролозите предупредуваат дека станува збор за екстремно високи и надпросечни температури што ја зафатија земјава и дека тие се загрозувачки за сите земјоделски култури. Тие алармират дека е целосно дехидрирана почвата и дека недостатокот на вода за наводнување дополнително ја влоши состојбата.

    Земјоделците не се задоволни и од државната стратегија за наводнување, како и од работата на АД Водостопанство под чија капа се наоѓаат локалните водостопанства. Од Здружението „Напредни лозари“ велат дека „настанатите штети се должат на долгогодишната негрижа и неодржување на постоечките системи за наводнување и немањето државни стратегии за поттикнување на инсталирање на системи со помала потрошувачка, како системите капка по капка и контрола на количините потрошена вода за наводнување по пат на вградување на мерачи“.

    АД Водостопанство на Македонија, пак, е во загуба. Последниот квартален извештај е за првите три месеци од годинава кога ова АД во државна сопственост направило загуба од речиси 680.000 евра. Лани, во истиот период загубата била околу 440.000 евра.

    Од друга страна, земјоделците често знаат да се пожалат и на тоа дека цените за водните услуги им се високи. На приходната страна на АД Водостопанство, во првиот квартал влегле 1,6 милиони евра. Но, за трите месеци, од наводнување влегле околу 8.000 евра. Сепак, периодот јануари, февруари и март не е репрезентативен за наводнување. Планот за 2021 година покажува дека АД Водостопанство планира од наводнувањето да собере 10 милиони денари, или околу 160.000 евра.  За одводнување ЈП во првите три месеци собрало околу 43.000 евра, а за цела година планира да собере исто како и од наводнувањето, 10 милиони денари. Ова јавно претпријатие има приходи и од водоснабдување на индустрија, комунални претпријатија, продажба на речен материјал, продажба на вода за струја….

    Објавениот буџет на претпријатието за 2021 година покажува дека тоа планира годинава да собере вкупно 696.038.178 денари (околу 11,3 милиони евра), а да потроши 694.518.816 денари. Во трошоците, најголема ставка се платите – 258.583.034 денари.

    Инаку минатата година, според податоците од Бизнис мрежа, компанијата ја завршила со загуба од речиси 460.000 евра.

    Премиерот Зоран Заев, вчера најави мултифункционално решение. Со ова решение ќе ги помогне јавните комунални претпријатија кои што должат према АД Водостопанство 298 милиони денари обврски од 2013 наназад. Владата ќе интервенира со 200 милиони денари, а 98 милиони денари АД Водостопанство ќе ги избрише од обврски и за нив ќе плати 10 осто данок на државата како застарени побарувања, избришани побарувања.

    АД Водостопанство почна со работа од 10.11.2015. Организациони делови на АД Водостопанство на РМ се дирекција и 14 подружници. Имотот, опремата, средствата за работа и другите средства, архивата, документацијата, вработените лица и правата и обврските на тогашните водостопанства, како што беа  ВС Тиквеш од Кавадарци, ВС Брегалница од Кочани, ВС Скопско Поле од Скопје, ВС Прилепско поле од Прилеп… се обединија во АД Водостопанство на РМ.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично