Друштвото за трговија и услуги Тхор Импекс експорт импорт ДОО Скопје е инвеститорот на првиот парк на ветерници во земјата, кој ќе го носи името Богословец. Иако приватната инвестиција за прв пат од ваков тип беше одлично најавена изостанаа подеталните информации за компанијата што ќе го гради ветерниот парк. Инвестицијата ќе чини 61 милион евра и ќе се реализира во општините Свети Николе и Штип.
Достапните информации на Pari.com.mk во соработка со БизнисМрежа.мк за финансиската кондиција на оваа компанија, не зборуваат многу.
- Тхор Импекс во 2018-та пријавила нула приходи и загуба од 22.954 евра
- Во 2019 година компанијата направила приход од 537 евра, а минусот на сметка стигнал до 31.398 евра
- 2020 –нема податоци
- нема вработени
Како управител на Тхор Импекс се јавува Благоја Лазаровски. Компанијата е во сопственост на Б Н Б – КОМПАНИ ДОО експорт-импорт Скопје и Грин фор Гроутх Фонд, Југоисточна Европа СА, СИЦАВ-СИФ, Луксембург.
Сопствениците на Тхор Импекс се споменуваат во соопштение на Комисијата за заштита на конкуренцијата објавено на 5 мај годинава. Комисијата објавила за концентрација со која Грин фор Гроутх Фонд, Југоисточна Европа СА, СИЦАВ-СИФ, Луксембург и Б Н Б – КОМПАНИ ДОО експорт-импорт Скопје ќе стекнат заедничка контрола над ТХОР ИМПЕКС експорт-импорт ДООЕЛ Скопје.
Грин фор Гроутх Фонд, Југоисточна Европа СА, СИЦАВ-СИФ е регистрирана со седиште на 14, Булевар Ројал, Л-2449, Луксембург, додека седиштето на Друштвото за производство, промет, посредување и услуги Б Н Б – КОМПАНИ ДОО експорт-импорт Скопје, е на ул. Максим Горки бр. 3А, Центар, Скопје, на истата адреса со Друштвото за трговија и услуги ТХОР ИМПЕКС.
Учесници во концентрацијата и нивни деловни активности: Грин фор Гроутх Фонд, Југоисточна Европа СА, СИЦАВ-СИФ нема регистрирано присуство во Северна Македонија. Неговите активности во Северна Македонија се во согласност со генералните цели да обезбеди финансирање за намалување на климатските промени и промовирање на одржлив економски раст, примарно преку инвестирање во мерки кои ги намалуваат потрошувачката на енергија, употребата на ресурси и ЦО2 емисиите.
Б Н Б – КОМПАНИ ДОО Скопје има активности во повеќе области, но главно во енергетскиот сектор. БНБ е мнозински сопственик на Друштво за производство на електрична енергија БНБ ЕНЕРЏИ ДОО експорт-импорт Скопје, со регистрирано седиште на ул. Максим Горки бр. 3А, Центар, Скопје, кое управува со пет проекти за мали хидроцентрали во Северна Македонија. БНБ исто така има работено во деловните области како што се градежништво, консалтинг, итн.
ТХОР ИМПЕКС ДООЕЛ Скопје е друштво за посебна намена основано за градење на 36 мегавати ветерен парк на територијата на општините Свети Николе и Штип и има привремен статус на повластен производител. Според подносителот на известувањето како релевантен пазар на стоки за пријавената концентрација би можел да се дефинира пазар на производство на електрична енергија, стои во објавата на Комисијата.
Власта вчера најави дека ветропаркот Богословец со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати ќе го удвои постојниот ветерен капацитет во земјата и ќе придонесе кон намалување на ЦО2 емисиите од над 87 илјади тони годишно. Современата инвестиција со имплементирање на најмодерна технологија, се очекува да заврши за две години. Тоа значи во наредните 25 години обезбедување стабилно снабдување со зелена и еколошка електрична енергија за околу 20 илјади домаќинства.
Инвестицијата ќе се реализира преку кредити обезбедени од “Ерсте Гроуп Банк“ која го обезбеди повластениот кредит заедно со комерцијалните банки „Шпаркасе“, „Комерцијална“ и „НЛБ“ и „Австриската банка“ за развој за финансирање на проектот.
Инаку власта вчера објави дека лани го зголемиле производството на енергија од обновливи извори на 827 мега-вати, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто“.
Редакција Пари
Аналитика








