Банките и во време на најголемата здравствена криза работата со дебела добивка. Според статистиката на Народната банка во 2020 година профитот на банките бил 7,25 милијарди денари или 118 милиони евра. Претходната, пак 2019 година профитот изнесувал 6,68 милијарди или зголемување од 567 милиони денари, односно 9,2 милиони евра заработиле повеќе.
Од вкупно 14 банки колку што го сочинуваат банкарскиот сектор во земјава пет од нив се сметаат за големи со актива над една милијарда евра, шест се средни банки и три се мали.
Над 57 проценти од банкарскиот бизнис им припаѓа на трите најголеми банки, Комерцијална банка, Стопанска банка АД – Скопје и НЛБ Банка. Петте големи банки во земјава учествуваат со речисис 77 проценти во банкарскиот бизнис. Освен водечката банкарска тројка, други две големи банки во земјава според големината на активата се Халкбанк АД Скопје и Охридска банка. Средните банки зафаќаат 20,42 проценти од банкарскиот бизнис, а малите банки само 2,86 проценти.
Иако во целина профитот на банкарскиот сектор е зголемен во споредба со 2019 година, големите банки минатата година бележат значително намалување на добивката. Претходната година нивната добивка изнесувала 101,1 милиони евра, наспроти 113,3 милиони евра колку што изнесувала во 2019 година, што претставува намалување за 12,2 милиони евра.
Значајно зголемување на профитот има кај средните банки, а тука влегуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка, како и Развојната банка на Северна Македонија.
Кога станува збор за малите банки, пак, нивната профитабилност е слична, односно само за 200 илјади евра е повисока во 2020 година, кога вкупно изнесувала 2,4 милиони евра, наспроти 2,2 милиони во 2019 година.