ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска – Гир: Усогласеноста на земјата со стандардите на ЕУ во сферата на монетарната политика е на напредно ниво, благодарение и на целосната поддршка од ЕУ

    Време зa читање: 4 минути

    Позитивните оцени за Народната банка изнесени во годишниот извештај од Европската комисија за напредокот на земјата во 2020 година и за напредната усогласеност со барањата на Европската Унија (ЕУ) во сферата на монетарната политика и законодавството од оваа сфера се многу важни за напредокот на земјата на патот кон ЕУ. Усогласувајќи се со европските стандарди, Народната банка покажува цврста решеност и подготвеност за натамошно пристапување кон Европскиот систем на централни банки. Во остварувањето на овие стратегиски цели, Европската комисија (ЕК) и многу централни банки од ЕУ ја поддржаа Народната банка преку значајни проекти, техничка помош и активности за јакнење на капацитетите.

    Функционалната и институционалната независност се неопходни барања на секоја централна банка во ЕУ. Овие принципи што се опфатени во законот треба да се применуваат целосно во земјата.

    Ова се дел од заклучоците од првата работна средба на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, со новиот шеф на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир.

    На средбата се разговараше и за предизвиците за економијата по избувнувањето на ковид-кризата, при што беше посочено на важноста на поддршката добиена од ЕУ, вклучително и преку макрофинансиската поддршка добиена од ЕУ неодамна. Како што беше истакнато, за овозможувањето поддршка од ЕУ се клучни и позитивните оцени за работењето на Народната банка и за нејзината поставеност во текот на ковид-кризата. Според оцените на ЕУ, во текот на актуелната глобална криза, Народната банка покажа дека е подготвена за максимално користење на монетарните инструменти коишто се клучни за одржување на макрофинансиска стабилност, којашто е неопходна за побрзо заздравување на економијата во посткризниот период. Како што е истакнато и во извештајот на ЕК, Народната банка реагира брзо, со целни мерки за поддршка на економијата, како преку инструментите на монетарната политика, така и со промените во регулаторната рамка.

    Соговорниците напоменаа дека е исклучително важна и поддршката што Народната банка ја доби од Европската централна банка (ЕЦБ), преку пристапот до девизна ликвидност во евра, овозможен за првпат, којшто може да се користи доколку е потребно, што е дополнителна потврда за подготвеноста на Народната банка за успешно одржување на макрофинансиската стабилност. Со пристапот до девизна ликвидност обезбедена од ЕЦБ, Народната банка доби уште поголем простор за брзо и ефикасно дејствување во случај на остварување негативни ризици поврзани со ковид-кризата, што како што беше кажано на средбата, може да биде особено важно за јакнењето на финансиската стабилност на земјата.

    На средбата се разговараше и за проектните активности коишто ги спроведува Народната банка со поддршка од ЕУ, меѓу коишто особено се издвојува твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки”. Гувернерката и амбасадорот на ЕУ искажаа заемно задоволство за спроведувањето на проектот. Досегашните остварувања овозможуваат простор и за натамошни проекти преку коишто ЕУ ќе ги поддржува определбите на Народната банка за постојано следење на најновите и највисоки европски стандарди и регулативи.

    Во завршницата на средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за поддршката којашто Народната банка постојано ја добива од ЕУ и за успешната соработка со Делегацијата на ЕУ. Амбасадорот Гир истакна дека таквата соработка продолжува и дека во натамошниот период може да се одвива и преку низа нови заеднички активности.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично