ПОВЕЌЕ

    Царинската управа продолжува со дигитализација, електронските бесхартиени декларации најзначајно достигнување изминативе години

    Време зa читање: 4 минути

    Примената на новите технологии го олеснува брзото движење на луѓето, стоките и превозните средства придонесувајќи за поефикасна контрола на ризикот, намалување на трошоците и поедноставувањето на царинските постапки. Живееме во дигитален универзум во кој ниедна држава нема време за губење. Треба брзо да учиме, да се подготвиме за брз одговор на промените, затоа што нема друг начин за напредок. Пред нас е декада во која властите, бизнисите, академската заедница и сите ние како граѓани ќе треба да докажеме дека сме во состојба да се справиме со постојаните промени. За да можеме да ги искористиме моќта и потенцијалот на дигитализацијата, треба да ја подготвиме администрацијата. Треба итно да започнеме со градење на нашите капацитети затоа што ако застанеме, се враќаме наназад, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на затворањето на 14.Конференција за партнерство во царинското истражување и развој – ПИКАРД, што годинава се одржа во Скопје, на тема „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“.

    – Новите технологии отвораат поголеми можности за економски раст, инклузија и натамошно инвестирање. Ефикасната употреба на податоците во услови на дигитализација е клучна за носење политики кои можат да ни ги подобрат животите на сите, на правичен и мерлив начин. Да, највредниот ресурс во светот повеќе не е нафтата, туку податоците, меѓутоа ако се нерафинирани, не може да се искористат. За да создадат вредност, мора да се разложат и анализираат. Напредокот во науката за податоци ни дава можност да ги откриеме скриените обрасци, врски и причинско-последични односи зад одредено деловно однесување. За да се постигне тоа, неопходно е постојано надоградување на царинските системи за да се подобри и рационализира царинското управување, почнувајќи од документацијата, преку мониторирањето, анализата и следењето на движењето на стоките – рече министерката Ангеловска.

    Таа се заблагодари на Царината на Република Кореја за проектот, кој ќе биде поддржан и од Светска банка, вреден над половина милион евра, со кој ќе се овозможи градење капацитети во областа на контролата на брзите пратки, откривање нелегални финансиски текови и анализа на ризик застапен во е-трговијата. Царинската управа ќе има претходна информација каква стока стигнува преку електронска трговија во Пошта и тој податок ќе може да го стави во системот за анализа на податоци. Така, ако едно лице, секоја недела, преку глобалните снабдувачи добива одредена стока, за Царината ќе биде јасно дека станува збор за бизнис а не за приватна употреба.

    – Царинската управа го отпочна процесот на дигитализација. Електронското поднесување декларации и акцизни документи, што стартуваше од средината на годинава, е едно од најзначајните достигнувања на Царината во последниве години, што обезбедува бесхартиена околина и го намалува административниот товар на учесниците во постапките. Но, тоа е само првиот чекор. Она што претстои е конвертирање на сите податоци што ги содржат електронските фактури, во лесно читлива форма. Тоа ќе го овозможи анализата на податоци со што Царинската управа ќе се оспособи за примање, складирање и обработка на такви хетерогени форми на податоци, кои потоа може да ги соедини за аналитички цели. Тоа е процес што ќе овозможи со само неколку допири на тастатурата, цариникот да ги добие неопходните податоци за одреден увоз, извоз или транзит. Натамошната дигитализација на Царината ќе му овозможи на Министерството за финансии да креира подобри даночни и царински политики – укажа министерката.
    Според Ангеловска, термините како наука за податоците, машинско учење блокчеин технологија и големи податоци што често се слушаа на конференцијата ПИКАРД, покажуваат дека иднината веќе почна и дека дигитализацијата е клучот за влез на малите економии во современите трговски текови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично