Правилата поврзани со парите може да ги научите, но тешко е да се придржувате кон нив. Ако сакате да стекнете богатство, константно треба да работите на навиките поврзани со парите. Подолу ви даваме 10 работи за парите што секој треба да ги знае и да ги применува.
1. Не постои единствен пристап за сé
Личните финансии се пред сé, лични. Не може еден модел да се примени за секого и во секоја ситуација. Доколку примените совет „да трошите помалку отколку што заработувате“, а вие сте банкротирале и немате заработка во моментов, многу е веројатно дека ваквите совети нема да бидат применливи во вашиот случај и покрај тоа што се точни и добронамерни. Сите ние имаме различни стратегии за буџетирање и финансиски цели. Затоа, СЛУШАЈТЕ ГИ ФИНАНСИСКИТЕ СОВЕТИ, НО ПРИМЕНУВАЈТЕ ГИ САМО ОНИЕ ШТО ВИ ОДГОВАРААТ.
2. Некои правила за парите не излегуваат од „мода“
Постојат основни правила за личните финансии што не се учат во училиште, а од кои секој може да има корист. Најважните правила за лични финансии никогаш не се менуваат, вклучувајќи го најосновното правило дека ПОМЕЃУ ПРИХОДИТЕ И РАСХОДИТЕ МОРА ДА ИМА РАЗЛИКА, било да трошите помалку отколку што заработувате или да заработувате повеќе одошто трошите – иако делува исто, не е. Доколку заработувате 10.000 евра годишно, а трошите 12.000 евра годишно ќе влезете во спирала на долгови од којашто тешко ќе се извлечете. Трошењето помалку ќе ви даде слобода нешто и да заштедите, да се подготвите за иднината, и да се справите со неочекуваните (непланираните) финансики трошоци низ животот. Колку поголема разликата помеѓу приходите и трошоците, подобро!
3. Парите може да купат среќа во зависност од тоа на што ги трошите
Парите се средства. Иако не можат да купат вистинска љубов, можат да купат среќа ако го приоретизирате трошењето кон потребните купувања и плаќања. За да одлучите каде да ги потрошите вашите тешко заработени пари, ЗЕМЕТЕ ГО ПРЕДВИД КУПУВАЊЕТО СО КОЕШТО ЌЕ ПОМИНЕТЕ НАЈМНОГУ ВРЕМЕ И НАЈМНОГУ ЌЕ ВИ КОРИСТИ.
4. Буџет
Буџетот ви помага да сфатите каде вашите пари треба да завршат. Без следење на буџетот ќе ви изгледа дека вашите пари едноставно ги снемува од паричникот. Следењето на трошоците ќе прикаже на што најмногу трошите пари и истите можете да ги поделите по категори пр. храна, облека, сметки, гориво итн. Со следење на расходите ќе увидите за што најмногу ви оделе парите, а вие до одредена мера не сте биле свесни за тоа. Следниот чекор е да ги скратите непотребните трошоци. ДАЈТЕ МУ НА СЕКОЈ ДЕНАР ВРЕДНОСТ И ЦЕЛ, И ЌЕ ВИ БИДЕ ПОЛЕСНО ДА ГИ ИСПОЛНИТЕ ВАШИТЕ ФИНАНСИСКИ ЦЕЛИ.
5. Управувањето на парите е многу полесно кога ќе ги автоматизирате финансиите
Дури и со буџет и одличен финансиски план, човечката природа сите нас нé издава кога се парите во прашање. АВТОМАТИЗИРАЈТЕ ГИ ВАШИТЕ ФИНАНСИИ, НА ТОЈ НАЧИН ПРОБАЈТЕ ДА ЗАШТЕДИТЕ ПОВЕЌЕ, И ИЗБЕГНУВАЈТЕ ГИ ИСКУШЕНИЈАТА. Познато во денешно време е дека со развојот на технологијата, автоматизацијата, како и електронското банкарство сé повеќе се користат, и истите ни го олеснуваат процесот на плаќање, даваат можност за извршување на голем број трансакции, притоа избегнувајќи долги редици на шалтерите, а што е најважно за голем број од услугите на банките, со користење на електронското банкарство пред сé, нема да ви биде наплатена провизија. Со автоматизација на одредени трансакции, ќе заштедите време и пари без посебно да вложите труд.
6. Секогаш преговарајте за вашата плата
Секогаш! НАЈГОЛЕМАТА ГРЕШКА ВО ПРЕГОВАРАЊЕТО ЗА ВИСИНАТА НА ВАШАТА ПЛАТА ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ Е ДА НЕ ГО НАПРАВИТЕ ТОА. Не се плашете да преговарате, работодавачот нема да ве гледа како некој што го интересираат само парите, напротив, работодавачите тоа и го очекуваат од апликантите и притоа го земаат предвид при апликацирањето. Доколку не преговарате, пак, тоа може да ве чини и до 100,000 евра во текот на целата ваша кариера. Вреди да смислите стратегија за преговарање на висината на вашата идна плата.
7. Нека вашите пари прават повеќе пари
Ве интересира како богатите стануваат уште побогати? Тоа е затоа што парите „растат“ додека спиете. ДОБРО ИНВЕСТИРАНИТЕ ПАРИ ПРАВАТ ЗАРАБОТКА НА ПОВЕЌЕ ПАРИ НИЗ ВРЕМЕТО. Немојте да ја ставите целата ваша заштеда само на штедна сметка со ниски каматни стапки. Инвестирајте во работи што ќе ви донесат повеќе пари од состојбата што претходно сте ја имале. Понекогаш тоа може да биде инвестициска сметка, но некогаш е и почеток на бизнис, а може да биде и образование – диплома што ќе ви донесе повисоко платена позиција на работното место.
8. Парите како игра која води кон промени
Личните финансии се како игра на бројки. Како размислуваме за парите ќе го диктира начинот на движењето на играта. На сите ни е јасно дека со малку напор можеме да ги подобриме навиките на трошење, но потребно е да се „измамиме“ себе си за да заштедиме одредена сума на пари, бидејќи често и самите флуктуираме со чувствата помеѓу тоа дали сме „штедливци“ или „расфрлачи“ на пари. НАЈДОБРАТА „ИГРА“ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЛИЧНИТЕ ФИНАНСИИ Е ВСУШНОСТ МЕНУВАЊЕТО НА УМОТ И НАЧИНОТ НА РАЗМИСЛУВАЊЕ ЗА ПАРИТЕ.
9. Колку порано почнете со штедење, толку подобро
Ова е нешто што на сите ни е интуитивно познато, а пред сé ни станува јасно кога ќе ја сфатиме важноста на точната пресметка (сложена камата, буџет, бруто плата, даноци и сл.) и на времето како моќна алатка, за во одреден дел од животот да си речеме „требаше да почнам со штедење уште од пред неколку години или од пред една, две декади“. Според Ворен Бафет, без стекнување рани навики за штедење, ја правиме најголемата грешка во животот. НО ЗАПАМЕТЕТЕ, НИКОГАШ НЕ Е ДОЦНА ДА СЕ ПОЧНЕ СО ШТЕДЕЊЕ.
10. Учењето за парите е континуиран процес – Учете од другите луѓе
Вашата финансиска ситуација се менува и ќе се менува постојано. Финансиската средина ќе се менува, исто така, постојано. БИДЕТЕ СПРЕМНИ СЕКОГАШ ДА ПРИФАЌАТЕ НОВИ СОВЕТИ ЗА ВАШИТЕ ФИНАНСИИ. Проверувајте колку се точни вашите претпоставки за финансиите и парите на редовна основа. Исуствата на другите луѓе, исто така, можат многу да помогнат. Затоа, советуваме да прочитате и по некоја книга за управување со личните финансии, како што е бестселерот на Њу Јорк Тајмс, од авторот Дејв Ремзи со наслов: „The Total Money Makeover: A Proven Plan for Financial Fitness“.