ПОВЕЌЕ

    Кому банките најмногу му веруваат – на граѓаните, на компаниите или на државата?

    Време зa читање: 7 минути

    Банките сакаат да кредитираат. Но не секого, не под исти услови и не по секоја цена. Зад секоја кампања за кредит и секој одобрен лимит стои едно многу важно прашање: кому банките денес му веруваат доволно за да му ги дадат своите пари?

    Одговорот најдобро се гледа во кредитните портфолија. Бројките за македонскиот банкарски сектор во последните две децении откриваат интересна трансформација – од пазар на кој компаниите биле убедливо најголем кредитен клиент до пазар на кој граѓаните ја преземаат водечката позиција. Корпоративниот сектор повторно забрзува, а во последната година и државните институции прават изненадувачки голем чекор во задолжувањето.

    Според анализата на Пари, во септември 2026 година, домаќинствата имале над 303,2 милијарди денари кредити, компаниите речиси 288 милијарди, јавните институции 15,4 милијарди, а локалната самоуправа помалку од 600 милиони денари. Но, кога овие бројки ќе се постават во временска линија од 24 години, се открива кому банките му ја доверуваат својата кредитна експанзија, кога ги менуваат приоритетите и како економската неизвесност го менува однесувањето на кредиторите.

    Граѓаните станаа најголем клиент на банките

    Во 2003 година, компаниите биле апсолутно доминантен кредитен клиент. Со 33,9 милијарди денари, нивното кредитно портфолио било речиси 3,5 пати поголемо од кредитното портфолио на домаќинствата, кои имале кредити во вкупен износ од само 9,2 милијарди денари.

    Денес, сликата е целосно променета.

    Кредитите на домаќинствата достигнуваат 303,2 милијарди денари, а на компаниите 287,5 милијарди. Граѓаните веќе не се дополнителен сегмент на банкарскиот пазар, туку негов најголем кредитен клиент. За 24 години, кредитите на домаќинствата се зголемиле повеќе од 32 пати, додека кредитите на компаниите се зголемиле околу 8,5 пати. Оваа разлика не е резултат само на поголем број кредитни производи. Таа ја одразува трансформацијата на банкарскиот пазар, развојот на потрошувачкото кредитирање, станбените кредити, растот на личните потреби за финансирање и постепеното вклучување на сè поголем дел од населението во кредитниот систем.

    Во септември 2026 година, домаќинствата учествуваат со околу 50 насто во вкупните кредити, компаниите со 47,4 насто, а јавните институции и локалната самоуправа заедно учествуваат со околу 2,6 насто.

    Кредитната експанзија не се развивала со иста брзина во текот на сите години. Може да се препознаат неколку различни фази.

    Во периодот 2004 – 2010 година: компаниите биле главниот кредитен мотор. Корпоративното кредитирање расте од 33,9 на 105,7 милијарди денари. Во исто време, кредитирањето на домаќинствата расте од 9,2 на 72,1 милијарда денари. И двете категории се развиваат брзо, но компаниите се водечки кредитен сегмент.

    Во периодот 2011 – 2018 година: населението го намалило јазот. Корпоративните кредити продолжуваат да растат, но кредитите на домаќинствата забрзано се приближуваат. Банкарскиот пазар веќе не е исклучиво ориентиран кон деловниот сектор.

    Во периодот 2019 – 2020 година: настанал голем пресврт. Во 2019 година двата сегменти се речиси изедначени, а во 2020 година домаќинствата ги надминуваат компаниите. Ова е најважната структурна промена: населението ја презема водечката позиција и ја задржува во наредните години.

    Во периодот 2021 – 2026 година: новата рамнотежа се зацврстила. Кредитите на домаќинствата продолжуваат да растат, а корпоративното кредитирање постепено ја засилува динамиката, особено во последните 12 месеци, период во кој растот на кредитите кај компаниите е малку поголем од оној кај домаќинствата. Во периодот септември 2025 – 2026 година, кредитите на домаќинствата пораснале за 12,7 насто, а на компаниите за 13,3 насто.

    Зад овој раст може да стојат повеќе фактори: потреба од обртни средства, инвестиции во опрема и технологии, проширување на производството, финансирање извозни активности, нови проекти или, едноставно, поголеми потреби за ликвидност во услови на раст на цените и на трошоците.

    Државата го удвојува задолжувањето

    Кредитирањето на јавниот сектор во септември годинава открива нова приказна. Кредитите на јавните институции достигнуваат 15,4 милијарди денари, во споредба со 7,1 милијарда една година претходно. Тоа е раст од 117,5 насто, односно повеќе од двојно зголемување. Наглиот раст може да означува финансиски проблеми на државните институции или, пак, повлекување средства од претходно договорени кредитни линии за нови инфраструктурни проекти, рефинансирање или други потреби. Во секој случај, јавниот сектор во последната година станува поприсутен во кредитната слика на банките.

    Кај локалната самоуправа речиси и да нема промени. Кредитната задолженост во септември 2026 изнесува 578,81 милион денари, а една година претходно била 577,49 милиони денари.

    Додека македонскиот кредитен пазар бележи раст и компаниите повторно го забрзуваат задолжувањето, во Европа се појавува еден поинаков парадокс: банките стануваат повнимателни кога станува збор за кредитирање на бизнисот. Во октомври 2026 година, Европската централна банка објави дека 9 насто од банките во еврозоната ги заостриле кредитните услови за компаниите. Како главни причини се наведуваат повисоката перцепција за ризик, намалената толеранција кон ризик, геополитичката неизвесност и енергетските движења.

    Уште поинтересно е што и побарувачката за корпоративни кредити во еврозоната во третиот квартал се намалила, а 6 насто од банките пријавиле пад. Причините се повисоките каматни стапки, послабата побарувачка за инвестиции кај малите и средните компании, одложените инвестиции, неизвесноста и делумното пренасочување кон алтернативни извори на финансирање. Процентот на компании што пријавиле пречки при добивањето банкарски кредити се зголемил од 5 на 7 насто. Компаниите истовремено пријавуваат намалена достапност на банкарски кредити и кредитни линии, додека растат потребите за трговски кредити и ликвидност.

    Македонскиот банкарски пазар сè уште покажува силен раст на кредитите, при што и населението и компаниите имаат значителен кредитен импулс. Во еврозоната, прашањето сè повеќе се однесува на ризикот и селективноста. Тоа не значи дека македонските банки не се соочуваат со истите ризици. Но, во овој момент податоците покажуваат различна динамика од еврозоната.

    Што ќе се случува во 2027 година?

    Европската централна банка во октомврискиот извештај наведува дека банките очекуваат и во четвртиот квартал на 2026 година дополнително да ги заострат кредитните услови за компаниите. Во исто време, очекуваат корпоративната побарувачка за кредити да остане речиси непроменета. Тоа значи дека почетокот на 2027 година може да биде период во кој компаниите ќе мора да вложат повеќе напор за да ги убедат банките во квалитетот на инвестициите.

    Во Македонија се очекува кредитирањето да продолжи да расте и во 2027 година, но со поумерена динамика од силниот раст во 2025 и 2026 година. Проекциите на Народната банка за среднорочниот период 2027 – 2028 година укажуваат на просечен кредитен раст од околу 7,4 насто, поддржан од растот на депозитната база и стабилноста на банкарскиот систем. Ова е значително поумерен раст од кредитната експанзија што ја гледаме досега.

    За компаниите, тоа значи дека растот на кредитирањето не треба да се толкува како гаранција дека финансирањето ќе биде лесно достапно. За граѓаните, ќе биде важна финансиската стабилност. За компаниите, одржливоста и квалитетот на инвестициите. За јавниот сектор, ефикасноста на проектите и способноста долгорочно да го сервисира задолжувањето.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично