ПОВЕЌЕ

    ДАЛИ BLACK FRIDAY ПОЛЕКА ЗАМИНУВА ВО МИНАТОТО: Pinko се откажа од попустите, а The Ordinary ја запира продажбата

    Време зa читање: 4 минути

    Дали доаѓа крајот на Black Friday, честопати синоним на купувачката хистерија што се случува ден по Денот на благодарност во Соединетите Американски држави? Експертите потсетуваат дека сликите на редици пред продавниците, кои чекаат да нагрнат внатре, стануваат минато, а она што некогаш беше лудило за купување во продавници, сега е вистински бум во е-трговијата со зделки само на еден клик на интернет.

    Италијанскиот моден бренд Pinko годинава првпат го прескокнува Black Friday во Италија, на неколку други европски пазари и на Блискиот Исток. Претседателот на компанијата, Пјетро Негра, проценува дека одлуката ќе го чини брендот околу два милиона евра приходи. Очекува влијанието врз добивката да биде пропорционално помало, бидејќи при попустите се намалува и маржата. За Pinko, ризикот е купувачите да се навикнат да ја чекаат следната акција и сè поретко да купуваат по редовна цена, објави Ројтерс.

    КРВОДАРИТЕЛСТВО, ДОНАЦИИ, ЗАТВОРЕНИ ПРОДАВНИЦИ, СЛОБОДЕН ДЕН ЗА ВРАБОТЕНИТЕ

    Козметичкиот бренд The Ordinary на 27 ноември ја запира продажбата преку својата веб-страница и сопствените продавници. Во Њујорк и Торонто организира крводарителски акции. Матичната компанија Deciem годинава ја укина и својата традиционална ноемвриска акција „Slowvember“, со која нудеше 23 отсто попуст на асортиманот, и го префрли тој попуст во април. Во ноември задржа одделни празнични понуди, меѓу кои и попуст на пакет производи што паузира на самиот Црн петок.

    Американскиот REI и годинава ги затвора физичките продавници на Црн петок и им дава платен слободен ден на околу 12.000 вработени. Нарачки преку интернет може да се направат, а нивната обработка продолжува следниот ден. Patagonia ја остава отворена својата онлајн продавница без посебна распродажба за Black Friday, насочувајќи ги купувачите кон половна опрема и поправка на она што веќе го имаат. Двата бренда со години ја применуваат оваа политика.

    Британскиот бренд за облека Finisterre од 24 ноември до 1 декември ја води кампањата „Blue Friday“, со која издвојува две фунти од секоја нарачка во Велика Британија за организацијата „Surfers Against Sewage“, без да ја намали цената за купувачот. Францускиот производител на кујнски садови Cookut, пак, ја затвора онлајн продавницата на 24 часа и ги упатува купувачите кон својата мрежа од околу 1.500 продавачи во Франција. Во Франција и иницијативата „Make Friday Green Again“, започната од брендот Faguo, соопшти дека годинава обединува повеќе од 1.000 брендови што се обврзуваат да ја прескокнат акцијата.

    ЦРНИОТ ПЕТОК СЕ ПРЕТВОРИ ВО ЦРН НОЕМВРИ

    Во САД, 126 милиони потрошувачи планираат да купуваат на самиот Црн петок, според анкетата на Националната федерација за малопродажба. Adobe прогнозира 12,9 милијарди долари онлајн продажба тој ден, или 9,2 отсто повеќе од лани. Истовремено, шест од десет анкетирани американски потрошувачи почнале со празничното купување до почетокот на ноември. И во Македонија има примери на таков календар. Платформата „Ананас“ годинава ја прошири кампањата на целиот ноември.

    Колку е посебна цената на самиот настан покажува проверката на британската потрошувачка организација „Which?“, објавена оваа недела. Од понудите за 756 производи кај осум големи трговци, само 22 отсто биле поевтини во четиринеделниот период на Black Friday во 2025 година отколку во кој било друг период од годината. Кај уште 44 отсто, истата цена била достапна и порано.

    Засега бројките покажуваат дека Black Friday и натаму привлекува купувачи, а прогнозата за американската онлајн продажба упатува на раст. Она што се менува е улогата на самиот петок. За дел од трговците тој е еден ден во повеќенеделна кампања. За брендови како Pinko, годинава е ден кога решиле да ја задржат цената и да видат колку продажба можат да остварат без попуст.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично