
Германскиот пазар на труд, кој со години важи за најголема дестинација за работна миграција од регионот, се подготвува за сериозно затегнување на правилата. Владата во Берлин веќе го направи првиот конкретен чекор за преполовување на годишната квота за работници од Западен Балкан – одлука која директно ги засега македонските граѓани, но истовремено предизвика остар судир меѓу федералната власт, германските сојузни покраини, институциите за вработување и стопанството.
На 4 ноември 2026 година, германскиот кабинет го усвои предлогот за измена на Регулативата за вработување, со кој бројот на првични одобренија за работа во рамки на таканареченото правило за Западен Балкан се намалува од сегашните 50.000 на 25.000 годишно. Доколку мерката ја помине и последната институционална пречка, новите ограничувања ќе стапат на сила на 1 јануари 2027 година, а намалената квота од 25.000 дозволи ќе важи збирно за сите шест држави опфатени со програмата – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Сепак, одлуката на кабинетот сè уште не е конечна. Според официјалниот владин документ доставен до Бундестагот и Бундесратот, за стапување во сила на измените е неопходна согласност од горниот дом на парламентот, Бундесратот, каде што расправата и одлучувањето се планирани за 18 декември 2026 година. Токму тука се отвора најголемата неизвесност, бидејќи, како што пренесува германскиот јавен сервис „Дојчландфунк“, дури седум германски сојузни покраини веќе изразиле противење на ваквиот потег, сметајќи дека кратењето на квотата е во спротивност со реалните потреби на нивните локални економии.
Иницијативата за враќање на старата граница од 25.000 дозволи, која важеше пред зголемувањето во јуни 2024 година, произлегува од коалицискиот договор меѓу ЦДУ, ЦСУ и СПД на инсистирање на унионистите, со официјално образложение дека слободните работни места треба првенствено да се пополнуваат со невработени лица кои веќе се наоѓаат во Германија. Од владата проценуваат дека помалиот обем на предмети ќе донесе и административно олеснување, односно заштеда од околу 2,8 милиони евра годишно за јавната администрација и над 215.000 часови помал временски ангажман при процедурите.
Од друга страна, германската Федерална агенција за вработување и стопанските комори предупредуваат дека ваквата пресметка е економски штетна. Во официјалното соопштение на Агенцијата се наведува дека постојната квота од 50.000 одобренија веќе се покажала како недоволна и била целосно исцрпена пред крајот на годината, поради што барања морале да бидат одбивани.
Според нивните податоци од септември 2026 година, околу 546.000 државјани од земјите на Западен Балкан се социјално осигурани и вработени во Германија, што е зголемување за 170.000 лица во последните пет години. Иако правилото за Западен Балкан овозможува вработување без формално признаена диплома, дури 53 проценти од овие работници, односно околу 287.000 лица, работат најмалку на ниво на квалификуван стручен кадар, а речиси секој втор од нив е ангажиран во дефицитарни професии како градежништвото, транспортот и логистиката, угостителството и здравствената нега.
Најостри реакции доаѓаат од градежниот сектор, кој според анализите на здруженијата на германската градежна индустрија ќе го понесе најтешкиот товар. Од Главниот сојуз на германската градежна индустрија предупредуваат дека преполовувањето на квотата наеднаш ќе им одземе околу 9.000 неопходни работници на градилиштата, во услови кога само во текот на минатата година околу 17.000 вработени во оваа гранка заминале во пензија.
Од Централниот сојуз на германското градежништво порачуваат дека секој седми вработен во секторот има странски пасош и дека без работниците од Западен Балкан директно се доведуваат во прашање најавените инфраструктурни проекти, изградбата на станови и проширувањето на енергетските мрежи. За македонските работници и компаниите што посредуваат при вработување, 18 декември ќе биде клучниот датум кој ќе покаже дали Германија навистина ќе ја преполови вратата за влез на работна сила од регионот од почетокот на 2027 година.
Аналитика








