ПОВЕЌЕ

    ПЛАТЕН УБИЕЦ И КИДНАПЕР: Кој е и за кого работи Наџи Шарифи Зиндашти, чијашто соработничка мрежа ја разоткрија македонските безбедносни служби?

    Време зa читање: 5 минути

    Акцијата на македонските безбедносни служби, во соработка со грчката полиција, која резултираше со апсења на четири лица во Македонија и еден македонски државјанин во Грција, кој подоцна беше екстрадиран во нашата држава се одвивал во насока на пронаѓање и апсење на Иранецот Наџи Шарифи Зиндашти, баран со меѓународна потерница на САД.

    Иако во новинските извештаи се наведува дека се работи познат нарко-бос, Зиндашти всушност многупати инволвиран во атентати и киднапирања на ирански граѓани, најчесто дисиденти пребегани на Запад, по налог и во соработка со иранските тајни служби. Но, ниту македонската Агенција за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) ниту пак официјална Атина не открија кој бил целта на активностите на Зиндашти и неговата соработничка група. Затоа пак, грчки Катимерини, како и израелскиот Тајмс оф Израел наведуваат дека можна мета на атентати биле еден или повеќе израелски бизнисмени кои живеат или работат во Грција.

    ПОТЕРНИЦАТА НА ФБИ

    Како што се наведува на официјалната страница на ФБИ, Наџи Шарифи Зиндашти се бара поради неговата наводна вмешаност во криминални активности, вклучително и обид за убиство по нарачка на двајца жители на сојузната држава Мериленд. Најмалку од декември 2020 година, па сè до околу март 2021 година, соработниците од криминалната мрежа на Зиндашти, лоцирани во Иран, наводно користеле шифрирани апликации за интернет-комуникација за да ангажираат криминални поединци во Северна Америка со цел да убијат две лица кои пребегнале од Иран. Криминалната мрежа на Зиндашти, исто така, наводно обезбедила ресурси за да овозможи обид за транснационално убиство на едно лице во Соединетите Држави.

    На 13 декември 2023 година, Окружниот суд на САД за округот Минесота издадал федерален налог за апсење на Зиндашти, откако тој беше обвинет за заговор за користење средства за меѓудржавен промет со цел извршување убиство по нарачка.

    Според АНБ, планот наводно бил осмислен од иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех. Тој, наводно, бил поврзан и со други лица кои дејствуваат во име на иранските безбедносни и разузнавачки служби, вклучително и со Зиндашти, преку кого наводно се обидел да најде соработници во криминалното подземје.

    ОД НАРКО ДИЛЕР ДО СОРАБОТНИК СО ИРАНСКИ РАЗУЗНАВАЧКИ СЛУЖБИ

    Зиндашти, кој е роден во западен Иран, наводно бил уапсен во 1996 година поради трговија со дрога и осуден на смрт. Тој, наводно, убил ирански чувар и побегнал во Турција, каде што создал широка мрежа за трговија со дрога, но истовремено, според извештаите, воспоставил и контакти со иранските разузнавачки служби.

    Неговите активности се прошириле и надвор од Турција, при што во други земји тој се поврзува со големи пратки хероин, перење пари и судири меѓу криминални банди.

    Според истражувањето на „Иран интернешнал“ (Iran International), Зиндашти станал главен нарко-бос благодарение на поддршката од Револуционерната гарда. Неговата мрежа контролирала 20% од вкупното количество хероин во Иран и 35% од хероинот што се продавал во главниот град, Техеран.

    Во Грција станал озлогласен поради неговата наводна вмешаност во организирањето и финансирањето на пратка од два тона хероин, која во летото 2014 година пристигнала со товарниот брод „Нур 1“ (Noor 1) од Обединетите Арапски Емирати во Елефсина. Во септември 2017 година, во врска со овој случај, по него била издадена потерница. Се верува дека токму овој случај довел до убиството на 19-годишната ќерка на Зиндашти и нејзиниот возач во Истанбул, во септември 2014 година – чин што се толкува како одмазда, бидејќи некои луѓе од подземјето сметале дека тој ја изневерил нивната криминална шема.

    Зиндашти беше уапсен во Турција во 2018 година, но беше ослободен шест месеци подоцна. Ова предизвика скандал поради наводното мешање во случајот од страна на поранешен соработник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

    КИДНАПИРАЊЕ И УБИСТВА НА ИРАНСКИ ДИСИДЕНТИ

    Најзначајниот аспект од неговата криминална кариера е наводното користење на неговата криминална мрежа за убивање ирански дисиденти. Американските власти тврдат дека неговата мрежа дејствува во име на иранското Министерство за разузнавање и безбедност, таргетирајќи ги противниците на режимот, новинарите и поранешните функционери. За возврат, властите во Техеран му дозволуваат да продолжи со своите незаконски активности.

    Зиндашти се поврзува и со киднапирањето на Хабиб Чааб во 2020 година – иранско-шведски дисидент кој беше грабнат во Истанбул и однесен во Иран, каде што беше затворен, а во мај 2023 година и погубен со бесење.

    Неговата мрежа, исто така, се поврзува со убиството на сопственик на телевизиска станица во Истанбул во 2017 година, како и со убиството на поранешен ирански функционер и разоткривач на нерегуларности (вистлблоуер), извршено во истиот град во 2019 година.

    Неговите активности наводно се прошириле и во САД, каде што во јануари 2024 година властите покренаа обвиненија против Зиндашти и двајца канадски државјани за обид за убиство на двајца ирански бегалци во Мериленд. За овој случај, тој наводно соработувал со криминалната организација „Ангели на пеколот“ (Hell’s Angels).

    Сепак, во Иран, Зиндашти наводно уживал репутација на филантроп и се поврзувал со фондација која градела училишта.

    Во јануари 2024 година, САД и Велика Британија воведоа санкции против неговата мрежа, а истото го стори и Европската унија во јули 2025 година.

    (Фото: Инстаграм профил на Зиндашти)

     

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично