ПОВЕЌЕ

    СОРАБОТКА СО ЏЕФРИ ЕПСТИН, „ГЛЕДАЊЕ НИЗ ПРСТИ“ ЗА РУСКИ ОЛИГАРСИ: Кои се најважните наоди од протечените документи за скандалозното работење на гигантот Дојче банк?

    Време зa читање: 8 минути

    Повеќе од 15 милиони доверливи документи од Deutsche Bank откриваат досега непознати детали за сомнителни финансиски трансакции, работење со високоризични клиенти, пропусти во контролите против перење пари и ракувањето со доверливи податоци. Меѓу најзначајните откритија се 582 милиони долари пријавени сомнителни трансакции поврзани со Џефри Епстин, финансиска мрежа низ која поминале најмалку 1,7 милијарди евра и интерни предупредувања за ризични деловни односи. Во документите се појавуваат и имињата на американскиот претседател Доналд Трамп и повеќе руски олигарси.

    Заедничка истрага, по протекувањето на 15 милиони документи, покажува дека „Дојче банк“ (Deutsche Bank) ги затворала очите пред криминалните активности на некои од своите клиенти.

    Истражувањето под името „Inside Deutsche Bank“ беше објавено на 17 ноември, по повеќемесечна работа на повеќе од 200 новинари од над 50 медиумски организации, меѓу кои германскиот ZDF, „Шпигел“, францускиот „Монд“ и „Фајненшл тајмс“. Истражувањето открива случаи во кои банката продолжувала со деловни односи и покрај интерни предупредувања за можни финансиски злоупотреби. Дел од проблемите биле идентификувани дури неколку години по извршувањето на трансакциите.

    Материјалите, добиени од двајца укажувачи, содржат милиони електронски пораки, интерни ревизорски извештаи, проценки на ризик, документи за клиенти и извештаи за сомнителни трансакции. Опфатен е период од почетокот на минатата деценија наваму.

    „Inside Deutsche Bank“ е најголемата банкарска истрага спроведена досега. Се заснова на протекување на повеќе од 15 милиони датотеки кои ги опфаќаат активностите на германскиот банкарски гигант од почетокот на 2010-тите години па наваму. До овие податоци дојдоа индискиот новинар и автор Џоси Џозеф и јужноафриканската истражувачка новинарка Кадиџа Шарифе. Материјалите беа споделени со повеќе од 230 новинари и над 50 медиумски куќи ширум светот.

    Истражувањето беше координирано и водено од „Баракуда медиа“ (Barracuda Media NPC) – јужноафриканска непрофитна организација – со техничка поддршка од Центарот за податоци и истражување (Data and Research Center) од Германија.

    Податоците протекоа преку двајца укажувачи, чии идентитети и поврзаност со „Дојче банк“ (Deutsche Bank) нема да бидат откриени, со цел нивна заштита.

    СОРАБОТКА СО ОСУДЕН ПЕДОФИЛ: ТРАНСАКЦИИТЕ НА ЕПСТИН ОД НАД 580 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

    Едно од најобемните откритија се однесува на деловниот однос на Deutsche Bank со Џефри Епстин, осуден сексуален престапник кој бил клиент на банката од 2013 до 2019 година.

    Според документите што ги анализирале ZDF и истражувачките медиуми, американскиот оддел на банката за финансиски криминал поднел 21 извештај за сомнителни активности, кои опфаќале околу 3.000 трансакции во вкупна вредност од 581,9 милиони долари.

    Епстин и неговата деловна околина користеле повеќе од 40 сметки во Deutsche Bank. Износот на пријавените сомнителни трансакции е повеќе од двојно поголем од претходно јавно познатите податоци.

    Документите покажуваат дека банката го примила Епстин како клиент иако тој веќе бил осуден во 2008 година за кривично дело поврзано со сексуална експлоатација на малолетничка. Според интерните извештаи, дел од високите раководители биле запознаени со неговото минато.

    Одлуката за прекинување на деловниот однос била донесена во декември 2018 година, но неговите последни сметки биле затворени дури во јули 2019 година.

    ZDF објави и дека банката издала препорачувачки писма за Епстин на други финансиски институции откако веќе била донесена одлуката за прекинување на соработката.

    Во 2020 година регулаторот на државата Њујорк ја казни Deutsche Bank со 150 милиони долари поради пропусти поврзани со Епстин и други високоризични клиенти.

    Deutsche Bank признава дека било грешка што го прифатила Епстин како клиент во 2013 година и изразува жалење за деловниот однос со него.

    ОДОБРЕНИ ТРАНСАКЦИИ ЗА САНКЦИОНИРАНИ РУСКИ ОЛИГАРСИ

    Друго значајно откритие се однесува на интерна истрага на Deutsche Bank, позната како „Project Wingman“.

    Според „Монд“, во 2020 година аналитичар на банката идентификувал сложена мрежа од финансиски трансакции преку компании регистрирани во Хонгконг, Кипар и други јурисдикции.

    Интерната анализа опфатила речиси 800 компании, а банката утврдила дека низ мрежата поминале најмалку 1,7 милијарди евра.

    Во истрагата биле идентификувани 15 компании со особено значајна улога во трансакциите, од кои десет претходно веќе биле предмет на извештаи за сомнителни активности.

    Дел од компаниите биле поврзани со деловните интереси на рускиот милијардер Олег Дерипаска, кој е под американски санкции од 2018 година.

    Според истражувањето, една од компаниите, Dempshire Corporation Limited, меѓу јануари 2017 и февруари 2020 година префрлила речиси 160 милиони евра во рамките на мрежата и примила околу 125 милиони евра.

    Во интерната документација, Deutsche Bank ја опишувала откриената шема како активна и растечка мрежа со показатели за перење пари.

    Истражувањето наведува дека трансакциите биле извршувани со години пред банката да ја идентификува целокупната структура на нивната поврзаност.

    Протечените документи откриваат и интерни расправи за работењето со руски клиенти по воведувањето на западните санкции по анексијата на Крим во 2014 година.

    Според истражувањето, Deutsche Bank разгледувала проширување на одредени деловни активности поврзани со Русија и во 2020 година, иако вработени во одделите за спречување финансиски криминал предупредувале на ризиците.

    Документите содржат податоци за деловни односи со компании поврзани со руски олигарси, меѓу кои Дерипаска и Роман Абрамович.

    Во јануари 2026 година германските истражители извршиле претрес во седиштето на Deutsche Bank во Франкфурт. Според извори цитирани од истражувачките медиуми, предмет на проверките биле сомневања поврзани со трансакции извршени непосредно пред руската инвазија врз Украина.

    Претставници на Абрамович соопштиле дека германските власти потврдиле оти тој не е под истрага во врска со претресот.

    Самото постоење деловен однос со клиент опфатен во документите не претставува доказ за прекршување на санкциите или за кривично дело.

    ПОВЛАСТЕНИОТ КЛИЕНТ ДОНАЛД ТРАМП

    Посебен дел од истражувањето се однесува на ракувањето со финансиските информации на Доналд Трамп.

    Според ZDF, на 30 март 2017 година вработен во Deutsche Bank по грешка испратил финансиски документи за 1.586 клиентски сметки на надворешен сметководител во американската сојузна држава Мејн.

    Меѓу нив биле и три сметки поврзани со Трамп, кој во тој период веќе бил претседател на САД.

    Во интерната преписка раководството разгледувало дали засегнатите клиенти треба да бидат известени. На крај, според објавените документи, била донесена одлука клиентите да не се известуваат.

    Банката го пријавила инцидентот кај американските надлежни органи. Тогашниот член на управниот одбор, а денешен извршен директор Кристијан Зевинг, бил запознаен со начинот на постапување.

    Deutsche Bank одби да го коментира конкретниот случај, повикувајќи се на доверливоста на клиентските односи и комуникацијата со регулаторите.

    Меѓу објавените документи се наоѓа и интерна презентација од 2021 година за работењето со меѓународни плаќања преку кореспондентски банки.

    Според истражувањето на „Inside Deutsche Bank“, во презентацијата била направена споредба меѓу приходите од оваа дејност и регулаторните казни во периодот од 2007 до 2020 година.

    Во наведениот период банката пресметала 4,7 милијарди евра приходи пред оданочување и бонуси, наспроти 13 милиони евра казни директно поврзани со пропусти во контролите против перење пари во кореспондентското банкарство.

    Во документот бил разгледуван и предлог за повторно прифаќање високоризични клиенти, по претходните ограничувања на таквите деловни односи.

    Deutsche Bank го отфрла тврдењето дека регулаторните казни ги третирала како трошок за водење бизнис. Според банката, ограничувањата за нови високоризични клиенти биле ублажени дури во 2025 година, со дополнителни заштитни механизми.

    Истражувањето објавува и интерна електронска порака на Зевинг, од периодот пред да стане извршен директор, во која наведува дека процедурите за проверка на клиентите негативно влијаат врз приходите.

    Банката го отфрла толкувањето дека пораката покажува негативен однос на Зевинг кон контролите и наведува дека тој постојано ја нагласувал нивната важност.

    ДОЈЧЕ БАНК: СЛУЧАИТЕ СЕ СТАРИ

    По објавувањето на истражувањето, Deutsche Bank соопшти дека најголемиот дел од опишаните случаи потекнуваат од минатото, а некои се стари и по две децении.

    Според банката, релевантните случаи биле разгледувани со регулаторните и надлежните институции кога тоа било потребно.

    Deutsche Bank соопшти дека меѓу 2019 и 2025 година инвестирала седум милијарди евра во унапредување на контролните системи, вклучувајќи спречување финансиски криминал, управување со ризици и технолошка инфраструктура.

    Банката наведува дека под раководството на Кристијан Зевинг спровела значајна трансформација на деловниот модел и на внатрешните контролни механизми.

    Извршниот директор, во изјава за германскиот „Ханделсблат“, признал дека не е без грешки, но истакнал дека насоката во која се развива банката е правилна.

    Објавувањето на документите предизвика реакција и на финансиските пазари.

    Акциите на Deutsche Bank на 17 ноември паднаа за шест отсто, што беше нивен најголем еднодневен пад во повеќе од една година. На 18 ноември следуваше дополнително намалување од околу еден отсто.

    Според „Ројтерс“, во двата дена банката изгубила вкупно околу 3,7 милијарди евра пазарна вредност.

    Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл побара транспарентно објаснување за откриените случаи и преземање соодветни мерки од надлежните институции.

    Германскиот финансиски регулатор BaFin соопшти дека од 2018 година спровел шест проверки поврзани со Deutsche Bank, без директно да коментира дали новите откритија ќе доведат до дополнителни постапки.

    „Ројтерс“ нагласи дека не можел независно да ги потврди сите тврдења од протечените документи.

    Истражувачкиот конзорциум најави дополнителни објави врз основа на документите, кои опфаќаат работење со клиенти, интерни контроли и меѓународни финансиски трансакции.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично