ПОВЕЌЕ

    ЕДЕН ПРОГРАМСКИ ЈАЗИК ЈА КРЕНА ЈУЖНА КОРЕЈА НА НОЗЕ: Дали светската дигитална економија е премногу ранлива?

    Време зa читање: 5 минути

    Потребна беше само една сериозна слабост во програмскиот јазик Java за Јужна Кореја да свика итен состанок на највисоко државно ниво, а американските власти да побараат неодложни безбедносни ажурирања. Речиси истовремено, злонамерен JavaScript се појави на веб-страниците на 178 светски познати компании и организации, меѓу кои CNN, BBC, Zoom и HSBC. Двата настани не се директно поврзани, но откриваат ист проблем: глобалната дигитална економија станала толку зависна од заеднички софтверски технологии што една ранливост може да загрози огромен број компании, институции и корисници.

    На 17 ноември, претседателската канцеларија на Јужна Кореја свика итен состанок со претставници на надлежните институции по откривањето сериозни безбедносни ранливости во Java. Следниот ден, Министерството за наука и информатичко-комуникациски технологии побара итни проверки и ажурирања на информациските системи.

    Предупредувањето следуваше откако во OpenJDK, широко користена платформа за извршување Java-програми, беа идентификувани слабости што под одредени услови можат да им овозможат на напаѓачите далечинско извршување злонамерен код или нарушување на работата на системите.

    Американската агенција за кибербезбедност CISA исто така повика на итно отстранување на ранливостите, додека „Оракл“ (Oracle) на 17 ноември објави безбедносни ажурирања за 11 пропусти во Java.

    ЗОШТО ЈУЖНА КОРЕЈА ГО ЗАПАЛИ АЛАРМОТ?

    Големата зависност од оваа технологија покажа дека сајбер-безбедноста одамна не е само техничко прашање туку прашање на економска стабилност, национална безбедност и непречено функционирање на државата. Според податоците што ги пренесе Ројтерс, во истражување на JetBrains од 2021 година, употребата на Java меѓу програмерите во Јужна Кореја изнесувала 53 проценти, наспроти глобалниот просек од 30 проценти.

    Уште повпечатливи се податоците од државниот сектор. Од вкупно 15.618 јавни информациски системи во Јужна Кореја, дури 11.132, односно 71,3 проценти, користеле Java како програмски јазик на крајот од 2025 година.

    Тоа значи дека технологијата е длабоко вградена во функционирањето на јавната администрација, а широко се користи и во финансиските институции, деловните системи и облачните услуги.

    Сепак, толку голема распространетост не значи дека сите системи се ранливи. Реалната опасност зависи од користената верзија, конфигурацијата и изложеноста на одделниот систем.

    Токму затоа јужнокорејските власти не чекаа да се случи масовен напад. Одлучија превентивно да ја мобилизираат државната и приватната информатичка инфраструктура.

    ШИРОКО РАСПРОСТАНЕТИ САЈБЕР-НАПАДИ

    Додека Јужна Кореја се подготвуваше да се заштити од можните последици на ранливостите во Java, светската јавност дозна за друг, веќе реализиран сајбернапад.

    На 16 ноември, истражувачот за сајбербезбедност, Скот Хелм од Report URI откри дека злонамерен JavaScript бил дистрибуиран преку платформата Optimizely Web Experimentation, која компаниите ја користат за прилагодување и тестирање на своите веб-страници.

    Истражувачите идентификувале 188 заразени софтверски скрипти поврзани со 178 организации. Меѓу нив се нашле веб-страници на CNN, BBC, Zoom, Salesforce, IKEA, HSBC, Equifax и други меѓународно познати компании.

    Напаѓачите успеале да внесат злонамерен код преку безбедносна слабост во системот на Optimizely. Кодот потоа се испорачувал преку инфраструктура на која веб-страниците вообичаено ѝ веруваат.

    Неговите функции вклучувале обиди за кражба на податоци од платежни картички, преземање информации од интернет-прелистувачите и замена на адреси за плаќање со криптовалути. Истражувачите откриле и механизми насочени кон ранливи iPhone и iPad уреди.

    Според Report URI, со трансакции на блокчејн била потврдена кражба на криптовалути во вредност од најмалку 7.000 долари. Целосниот обем на евентуалната кражба на други податоци останува непознат.

    Optimizely потврди дека напаѓачите искористиле ранливост во регистрацијата на кориснички сметки, што им овозможила да се претставуваат како овластени корисници. Компанијата соопшти дека пропустот бил отстранет, злонамерниот код исчистен, а истрагата продолжува.

    Важно е да се разјасни дека Java и JavaScript се два различни програмски јазика. Нема потврдена техничка поврзаност меѓу инцидентот во Јужна Кореја и нападот преку Optimizely.

    ДИГИТАЛНАТА МЕЃУЗАВИСНОСТ – СИСТЕМСКИ РИЗИК

    Овие случувања добиваат уште поголемо значење кога ќе се стават во контекст на технолошките нарушувања од изминатите денови. На 12 и 13 ноември, проблеми во инфраструктурата на Мајкрософт предизвикаа прекини на дел од неговите услуги. Во истиот период, телекомуникациски дефект доведе до повеќечасовно запирање на полетувањата во американскиот авиосообраќај. Проблеми имаше и со одредени банкарски услуги на JPMorgan Chase.

    Американските власти нагласија дека нема докази за заеднички организиран напад зад овие инциденти, но, повторувањето на вакви случувања во краток период отвора пошироко прашање: дали светската економија создала преголема зависност од ограничен број софтверски платформи, облачни услуги и технолошки добавувачи?

    Причината е што современите системи се меѓусебно поврзани. Банка може да располага со сопствена информациска инфраструктура, но да зависи од надворешен облачен провајдер. Интернет-продавница може да има одлична заштита на своите сервери, но да користи дополнителни скрипти од надворешни компании. Државна институција може да има резервни системи, но и тие да зависат од истата основна технологија.

    За банките, тоа може да значи недостапни трансакции и нарушени платежни услуги. За трговците – прекин на продажбата и ризик за податоците на клиентите. За производствените компании – застој во снабдувањето, логистиката и управувањето со нарачките.

    Покрај директните трошоци, постојат и индиректни последици: нарушена репутација, намалена доверба, трошоци за враќање на системите и можни регулаторни санкции.

    Особено чувствителен е финансискиот сектор, каде што сигурноста на дигиталните услуги не е само прашање на удобност, туку предуслов за довербата во целиот систем. Затоа, при проценувањето на вредноста на технолошките компании и дигиталните инвестиции, сè поважно станува прашањето колку се отпорни нивните системи, а не само колку брзо растат нивните приходи.

    И македонската економија функционира преку софтверски системи и меѓународни дигитални услуги од кои зависат банките, трговските компании, телекомуникациските оператори и државните институции.

    Затоа ранливостите во широко распространети технологии, како Java, се релевантни и за домашните компании, доколку користат погодени верзии на софтверот, бидејќи во економија во која сè поголем дел од деловните активности се одвиваат дигитално, кибербезбедноста станува и прашање на деловна конкурентност.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично