Речиси осум децении градежна традиција, нов доминантен акционер и добивка што расте побрзо од продажбата. Вака изгледа деловната слика на Фабрика Карпош, која во првите девет месеци од годинава заработила 934,1 илјада евра пред оданочување. Резултатот е за 28,20 насто подобар од истиот лански период лани, кога добивката изнесувала 728,6 илјади евра.
Повисокото финансиско остварување доаѓа во месеците кога компанијата влезе во фаза на сопственички промени. Кон крајот на минатата година Сервис Петрол го презеде мнозинскиот пакет акции од Градежниот институт Македонија, а во март годинава беше успешно завршена и понудата за преземање. Според податоците по преземањето, Сервис Петрол поседува 239.270 обични акции, односно 79,99 отсто од акционерскиот капитал на Фабрика Карпош.
Од јануари до септември, од продажбата на производи и услуги Фабрика Карпош инкасирала 14,7 милиони евра. Во споредбениот период од 2025 година приходите изнесувале 13,8 милиони евра. Зголемувањето е за 6,82 насто.
Во тие рамки, забележливо е дека трошоците за продадените производи и услуги се повисоки за минимални 0,73 насто – од речиси 13 милиони на 13,1 милион евра.
Сепак, нема пад кај другите трошоци. Услугите со карактер на материјални трошоци достигнале 6 милиони евра, каде што е регистриран раст од 13,89 насто.
Од друга страна, финансиските расходи се намалени за 42,64 отсто. За девет месеци изнесувале околу 56 илјади евра, наспроти 97,7 илјади евра лани.
Пониски се и останатите оперативни приходи, кои од 308,1 илјада евра се сведени на 255,1 илјада евра (-17,21%). Финансиските приходи, пак, изнесуваат 3,9 илјади евра, наспроти 6,2 илјади евра во споредбениот период.
Во образложението на деветмесечните резултати од Фабрика Карпош најавуваат продолжување на активностите за одржување на обемот на реализацијата, подобрување на оперативната ефикасност и контрола на трошоците. Приоритетите и во наредниот период ќе бидат навременото извршување на договорените работи, стабилната ликвидност, конкурентноста и зачувувањето на пазарната позиција.
Аналитика








