Економијата на Европската унија се очекува да расте побрзо во 2026 година отколку што претходно се предвидуваше, при што за Германија се очекува особено силно закрепнување, се наведува во прогнозата на Европската комисија објавена вчера.
Комисијата сега очекува бруто-домашниот производ (БДП) во блокот од 27 земји-членки да порасне за 1,4 % оваа година, што е зголемување во однос на 1,1 % предвидени во мај.
За Германија, најголемата европска економија, се предвидува раст од 1,3 % по неколкугодишна стагнација – што е повеќе од двојно во однос на претходната проценка.
Подобрените изгледи за блокот се резултат на стабилната потрошувачка и наглото закрепнување на извозот на стоки, поттикнати од инвестициите во вештачка интелигенција (ВИ) и инфраструктура за електрификација, соопшти Комисијата.
Се предвидува растот во целата ЕУ да остане стабилен на 1,4 % во 2027 година, а потоа благо да се зголеми на 1,5 % во 2028 година.
Комисијата, исто така, ги подобри проценките за еврозоната, која брои 21 земја-членка; таму се очекува БДП да порасне за 1,2 % во 2026 година, што е пораст од претходно предвидените 0,9 %.
За економијата на еврозоната се предвидува раст од 1,2 % во 2027 година и 1,3 % во 2028 година.
„Во 2026 година, европската економија се држи подобро од очекуваното“, изјави еврокомесарот за економија, Валдис Домбровскис.
„Но, не смееме да го земаме ова здраво за готово, ниту пак да се задоволиме само со отпорноста. Мораме да ги заштитиме јавните финансии, да ја зголемиме конкурентноста и да поставиме темели за посилен долгорочен раст“, рече тој.
И покрај подобрените изгледи за раст, инфлацијата во ЕУ продолжува да расте, поттикната од вртоглавиот пораст на цените на енергенсите по почетокот на војната во Иран во февруари. „Се предвидува дека годишната инфлација во ЕУ ќе достигне 3,3 % во 2026 година и 3,2 % во 2027 година – што е значително повисоко од проекциите направени пролетта – по што ќе се намали на 2,3 % во 2028 година“, се наведува во соопштението на Комисијата.
Во мај, Комисијата предвидуваше инфлација од 3,1 % во 2026 година, проследена со пад на 2,4 % во 2027 година.
Се очекува инфлацијата во еврозоната да се движи по сличен пат, достигнувајќи 3,2 % оваа година.
Според податоците на ЕУ, земјите членки потрошиле дополнителни повеќе од 100 милијарди евра за увоз на фосилни горива од почетокот на војната.
Аналитика








