ПОВЕЌЕ

    Само двајца ИТ-вработени, 293 дена без договор за одржување – ревизијата откри слабости во АВРМ

    Време зa читање: 4 минути

    Само двајца вработени на седум предвидени работни места во информатичкиот сектор, три години без обуки за ИТ-кадарот и 293 дена без договор за одржување на информацискиот систем. Ова се дел од наодите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Агенцијата за вработување, чиј електронски систем ги поддржува евиденциите, посредувањето при вработување, активните мерки и исплатата на надоместоците.

    Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на темата „Имплементација на безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување“. Целта е да се даде одговор на прашањето „Дали имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување е ефективна во обезбедување на соодветна заштита на информациите и ИТ ресурсите?“.

    Иако во периодот од 2020 до 2025 година биле реализирани и договорени набавки за ИТ-инфраструктура, безбедносни системи и комуникациски услуги во вредност од 171,2 милиони денари, односно 2,78 милиони евра, ревизорите утврдиле низа слабости во управувањето со системот, заштитата на личните податоци и информациската безбедност.

    Ревизијата на успешноста, која го опфаќа периодот од 2021 до 2024 година, била насочена кон утврдување на ефективноста на безбедносните мерки и контролите во информатичкиот систем на Агенцијата.

    „Со спроведената ревизија, беше опфатен периодот од 2021 до 2024 година, при што се стекна разумно уверување дека имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување е со слабости кои го загрозуваат целокупното ниво на ефективна заштита на информациите и ИТ ресурсите“, наведено е во ревизорскиот извештај.

    Како голем проблеми се посочува недостигот од стручен кадар. Во централниот Сектор за информатика се пополнети само две од седумте систематизирани работни места, односно 28,57 насто.

    Ревизорите утврдиле и дека во последните три години не биле организирани обуки за вработените во информатичкиот сектор, ниту постоела соодветна програма за нивно стручно усовршување:

    „Ограничените човечки капацитети и недоволното континуирано унапредување на знаењата претставуваат предизвик за навремено и систематско управување со ИТ и информациската безбедност“.

    Притоа треба да се има предвид дека електронскиот систем ги поддржува активностите на централната локација и 29 центри за вработување низ државата.

    Во периодот 2020–2025 година, Агенцијата реализирала повеќе набавки поврзани со ИТ-инфраструктурата, безбедносните системи и комуникациските услуги. Вкупната вредност на реализираните и тековните договори опфатени со ревизорската анализа изнесува 171.231.000 денари, односно околу 2,78 милиони евра.

    Сепак, вложувањата не обезбедиле целосен континуитет во договорното одржување, нотирале ревизорите:

    „Во анализираниот период, системот 293 дена, односно 15,7% од периодот опфатен со анализата на договорите за превентивно и адаптивно одржување, не бил покриен со договор за одржување“.

    Државните ревизори утврдиле недостатоци и во контролата на пристапот до информациите, управувањето со личните податоци и мрежната безбедност.

    „Во делот на заштитата на личните податоци, утврдена е потреба од подобрување на механизмите за следење и контрола на пристапот, како и на постапките за чување, архивирање и бришење на податоците согласно законските рокови“, пишува во извештајот.

    Ревизорите укажуваат и на потребата од зајакнување на механизмите за резервно копирање и обновување на податоците, како и од воспоставување и редовно тестирање планови за континуитет на работењето:

    „Редовното тестирање на можноста за обновување на податоците и воспоставувањето соодветни процедури се значајни за обезбедување континуитет на ИТ услугите и намалување на ризиците во случај на прекин или непредвиден настан“.

    Посочена е и потребата од подобрување на физичката заштита на информатичката инфраструктура и обезбедување услови за непречено функционирање на опремата.

    За надминување на состојбите, Државниот завод за ревизија дал препораки за зајакнување на човечките и техничките капацитети, унапредување на безбедносните контроли, управување со ризиците и подобрување на механизмите за резервно копирање и обновување на податоците.

    Од ДЗР информираат дека на 13 ноември директорот на Агенцијата за вработување доставил писмо со информации за степенот на преземените мерки по дадените препораки. Во соопштението не се наведува кои препораки се веќе исполнети, ниту во кој обем се надминати утврдените слабости.

     

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично