Приходи од 491,8 милиони евра и нето-добивка од 13,7 милиони евра оствариле Макпетрол и неговите подружници во првите девет месеци од годинава. И покрај растот на приходите од 29,11 насто, добивката пред оданочување е намалена за 10,13 отсто, на 14,7 милиони евра. Како главни причини за намалената профитабилност компанијата ги посочува енергетската криза, зголемените набавни трошоци и одлуките на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Во консолидираниот финансиски извештај Макпетрол ја критикува регулаторната рамка, оценувајќи дека во услови на ценовни шокови таа дополнително го отежнала работењето на трговците со нафтени деривати:
„Наместо да се ублажи ударот врз пазарните учесници преку донесените владини мерки, односно преку намалувањето на данокот за додадена вредност и акцизите на нафтените деривати, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) продолжи со носење унилатерални одлуки на штета на трговците. Најпрво се усвои неодржлива Методологија за пресметка на малопродажни цени базирана на 5-дневен просек, која во услови на дневен берзански шок се покажа како погубна, принудувајќи ги трговците, вклучително и нашата компанија, да продаваат горива под набавната цена“
Од компанијата особено реагираат на одлуката со која признатиот трошок за работење преку склад е намален за 30 отсто, на 1,20 денари за литар, и тоа „без никаква претходна консултација со засегнатите страни“.
Ваквите одлуки, наведуваат од Макпетрол, не ја загрозуваат само профитабилноста, туку создаваат и долгорочни ризици за ликвидноста, инвестициите, работните места и континуитетот на снабдувањето со горива.
Во вкупните консолидирани приходи од 491,8 милиони евра, од продажбата се инкасирани 484,3 милиони евра (+29,09%). На домашниот пазар се остварени 448,6 милиони евра, а на странските пазари 35,7 милиони евра. Извозните приходи се зголемени повеќе од петпати, главно поради продажбата на млазно гориво.
Во малопродажбата приходите пораснале за 22,28 насто, иако количинскиот промет со нафтени деривати се зголемил за само 0,72 насто. Големопродажбата бележи раст на приходите од 81,68 насто, поттикнат од млазното гориво и повисоките цени на нафтените деривати и природниот гас.
Наспроти растот на приходите, вкупните расходи се зголемени за 30,87 насто, на 477,1 милион евра. Набавната вредност на трговските стоки е повисока за 34,51 насто, а трошоците за вработените за 7,85 насто.
Како последица на овие движења, бруто-маржата е намалена од 15,07 на 11,50 насто, додека нето-маржата се намалила од 3,88 на 2,78 насто.
На ниво на поединечни друштва, матичниот Макпетрол остварил добивка пред оданочување од 14,8 милиони евра, за 9,59 отсто помалку од лани. Макпетрол Пром-Гас бележи пад на добивката од 19,51 отсто, а Макпетрол Белград раст од 190,71 насто. Телевизија Телма и натаму работи со загуба, но таа е намалена во споредба со минатата година.
И покрај предизвиците, од Макпетрол наведуваат дека ликвидноста и солвентноста на Групацијата останале генерално стабилни, без доспеани, а ненамирени обврски. Сепак, предупредуваат дека продолжувањето на енергетската криза и регулаторните ограничувања може дополнително да влијаат врз финансиските резултати и стабилноста на пазарот.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








