Грција воведе ново правило според кое големите центри за податоци ќе мора секоја година да издвојуваат значителни средства за општините и граѓаните во чија околина работат. Одлуката доаѓа во момент кога земјата се подготвува за инвестициски бум во дигиталната инфраструктура, со потенцијални вложувања од дури 10 милијарди евра. Според новиот закон, усвоен на 11 ноември, дата-центрите ќе плаќаат по 20.000 евра годишно за секој мегават максимална електрична моќност, а парите ќе се распределуваат меѓу локалните самоуправи и домаќинствата.
Со новиот модел, Грција се обидува да одговори и на загриженоста на локалното население поради зголемената потрошувачка на струја, оптоварувањето на инфраструктурата и влијанието врз животната средина.
Според законското решение, 75 отсто од надоместот ќе добиваат општините, а преостанатите 25 отсто ќе бидат наменети за домаќинствата во подрачјата каде што функционираат дата-центрите. Средствата ќе се распределуваат по модел сличен на оној што Грција веќе го применува за постројките за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Првично било предложено операторите да плаќаат 15.000 евра по мегават, но по барање на грчките општини надоместот бил зголемен за една третина, на 20.000 евра.
За разлика од традиционалните индустриски инвестиции, големите дата-центри не отвораат многу работни места во однос на вложениот капитал. Нивната економска вредност главно произлегува од дигиталните услуги, технологијата и инфраструктурата што ја обезбедуваат. Дополнителен механизам треба да обезбеди локалните заедници да добиваат финансиска корист од присуството на овие објекти, независно од бројот на директно вработени.
ДАТА-ЦЕНТАР ОД 100 МЕГАВАТИ ЌЕ ПЛАЌА ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО
Финансиските придобивки можат да бидат значителни. На пример, дата-центар со максимална електрична моќност од 100 мегавати ќе има обврска да издвојува два милиона евра годишно. Од нив, 1,5 милиони евра ќе добива општината, додека 500.000 евра ќе бидат наменети за локалните домаќинства.
Уште поголеми износи би се генерирале од најавените мегапроекти.
Еден од најамбициозните е планираниот центар за податоци во Кожани, во северна Грција, кој го развива грчката електроенергетска компанија PPC во соработка со Amazon Web Services (AWS). Првата фаза е предвидено да има капацитет од 300 мегавати, со можност за проширување до 1.000 мегавати.
Само првата фаза, според новата тарифа, би генерирала шест милиони евра годишно за локалната заедница. Доколку проектот се прошири до планираниот максимум од еден гигават, годишниот надомест би достигнал 20 милиони евра.
Проектот е во развојна фаза, а за неговата прва етапа се планирани инвестиции од околу 1,2 милијарди евра. Почетокот на работењето е предвиден до крајот на 2028 година, под услов да бидат обезбедени потребните дозволи и исполнети договорните услови.
Интересот за изградба на дата-центри во Грција нагло расте, поттикнат од сè поголемата побарувачка за услуги во облак, обработка на податоци и вештачка интелигенција.
Овие објекти се основната инфраструктура врз која функционира современата дигитална економија. Во нив се сместени илјадници компјутерски сервери што обработуваат и чуваат огромни количества информации, а нивното значење дополнително расте со експанзијата на вештачката интелигенција.
Според податоците што ги претстави Грчката асоцијација на дата-центри (GRDCA), потенцијалниот инвестициски интерес во секторот достигнува 10 милијарди евра. Ова не се веќе договорени или реализирани инвестиции, туку проценка за можностите за развој на пазарот.
Вредноста на објектите што веќе функционираат или се во изградба се приближува до една милијарда евра.
Моменталниот оперативен компјутерски капацитет на грчките дата-центри изнесува околу 30 мегавати, додека со објектите во изградба би можел да достигне меѓу 40 и 60 мегавати. Асоцијацијата проценува дека во наредните три до пет години пазарот може да надмине 200 мегавати оперативен капацитет.
Интересот е уште поголем ако се гледаат барањата за приклучување на електроенергетската мрежа. Според податоците од секторот, инвеститорите веќе поднеле барања за вкупно 11 гигавати електрична моќност, наспроти пет гигавати на почетокот од годинава.
Сепак, станува збор за побарана, а не за изградена или одобрена моќност, при што реализацијата на сите најавени проекти не е извесна.
ЗЕЛЕНАТА ЕНЕРГИЈА КАКО ОБВРСКА
Новиот закон не се ограничува само на финансискиот надомест за локалните заедници.
Дата-центрите се меѓу големите потрошувачи на електрична енергија, бидејќи нивните сервери работат непрекинато и бараат моќни системи за ладење. Затоа грчките власти воведуваат и дополнителни енергетски и финансиски услови.
Најмалку 60 отсто од годишната потрошувачка на електрична енергија на новите дата-центри ќе мора да биде покриена од обновливи извори. Инвеститорите ќе ги финансираат и потребните приклучоци и дополнителни зајакнувања на електроенергетската мрежа.
Предвидена е и банкарска гаранција од 200.000 евра за секој мегават побарана моќност. Тоа значи дека инвеститор кој планира објект од 100 мегавати би требало да обезбеди гаранција од 20 милиони евра.
Целта е да се спречат шпекулативните барања за резервирање електричен капацитет од компании што немаат реални финансиски можности да ги изградат најавените објекти.
Аналитика








