ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I АНГЕЛКА ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Лош производ може да се продаде, но не може да стане бренд само со добар маркетинг

    Време зa читање: 3 минути

    Репутацијата се гради со децении, а може да се уништи за само една минута. Добриот маркетинг може да продаде и лош производ, но само на краток рок, додека комуникацијата без јасна стратегија речиси секогаш носи потпросечни резултати. Во време кога инфлуенсерите го менуваат начинот на кој различните генерации добиваат информации, а вештачката интелигенција сè повеќе навлегува во креативната индустрија, довербата и човечката креативност остануваат клучни за успешната комуникација.

    За моќта и границите на маркетингот, најчестите грешки на менаџерите и предизвиците што ги носат новите технологии, во интервју за „Пари“ зборува Ангелка Пеева-Лауренчиќ, директорка на „Имиџ ПР“.

    ПАРИ: Може ли добар маркетинг да продаде лош производ?

    Пеева-Лауренчиќ: Добриот маркетинг може да продаде и лош производ, но таквиот успех е краткотраен. На долг рок, за еден производ да се позиционира на пазарот и да прерасне во бренд, неопходна е комбинација од квалитетен производ и уште подобар маркетинг.

    ПАРИ: Која е најголемата комуникациска грешка на македонските менаџери?

    Пеева-Лауренчиќ: Најголемата грешка на менаџерите, не само во Македонија туку и пошироко, е уверувањето дека успешна комуникација е можна без јасна стратегија. Кога комуникацијата нема дефинирана цел, логичен тек и соодветни тактики, резултатите неизбежно изостануваат. Таквиот пристап, во најдобар случај, носи потпросечни резултати.

    ПАРИ: Дали инфлуенсерите денес се повлијателни од традиционалните медиуми?

    Пеева-Лауренчиќ: Тоа е прашање за милион евра, а одговорот во голема мера зависи од генерацијата на која ѝ се обраќаме.

    Кај беби-бумерите традиционалните медиуми сè уште имаат доминантно влијание, додека генерацијата X е поделена меѓу традиционалните и новите канали на комуникација. Миленијалците им веруваат на инфлуенсерите, но таа доверба не е безрезервна.

    Генерацијата Z, пак, претпочита кратки и директни пораки, наместо подолги содржини. Токму затоа инфлуенсерите претставуваат ефикасен канал за комуникација со оваа генерација.

    ПАРИ: Колку брзо може да се уништи репутација градена со децении?

    Пеева-Лауренчиќ: За само една минута. Тоа не е само мое мислење, туку одамна утврдено сознание во областа на односите со јавноста.

    Репутацијата се темели на довербата, а довербата се гради преку долгорочна и доследна корпоративна комуникација. За тоа е неопходна стратегија што ги опфаќа односите со сите целни јавности на компанијата, бидејќи токму од тие односи во голема мера зависи нејзиниот успех или неуспех.

    ПАРИ: Дали вештачката интелигенција може да ги замени маркетиншките агенции?

    Пеева-Лауренчиќ: Развојот на вештачката интелигенција е непредвидлив и тешко е да се каже во која насока ќе се движи. Сметам дека со одредени предизвици веќе се соочуваат и самите нејзини создавачи.

    Сепак, во моментов вештачката интелигенција е далеку од можноста целосно да го замени човекот, неговото размислување и автентичната креативност. Таа се потпира на веќе постојни идеи, додека човечкиот ум останува незаменлив во создавањето оригинални концепти.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично