Студентската листа, која минатиот месец победи на парламентарните избори во Србија, но сè уште формално не ги презела институциите, најави итни мерки за стабилизација на трговскиот синџир IDEA, кој се најде во неизвесна положба по пропаѓањето на АЛТА банка. Во прашање се повеќе од 7.000 работни места, над 600 добавувачи, побарувања поголеми од 180 милиони евра и иднината на стотици продавници IDEA, Roda и Mercator.
Кој ќе ги спаси IDEA, Roda и Mercator и дали еден од најголемите трговски системи во Србија наскоро повторно ќе добие нов сопственик? Прашањето, кое до пред неколку недели беше исклучиво деловно, сега станува и сериозен политички и институционален предизвик.
Студентската листа, победник на вонредните парламентарни избори од 25 октомври, уште пред формирањето на новата влада најави дека стабилизацијата на IDEA ќе биде еден од приоритетите на идната извршна власт. Во соопштението објавено на 9 ноември, кое го пренесоа „Блиц“, агенцијата „Бета“ и Радио-телевизија Србија, се наведува дека веднаш по формирањето на владата ќе бидат претставени итни мерки за заштита на вработените, добавувачите и потрошувачите.
Според Студентската листа, IDEA е системски значајна компанија со годишни приходи од околу 93 милијарди српски динари, односно приближно 800 милиони евра, и со учество поголемо од 15 проценти на српскиот малопродажен пазар, но идната власт бара темелна проверка на купопродажбата, потеклото на парите со кои била финансирана и евентуалната поврзаност на трансакцијата со АЛТА банка и другите компании од групацијата на бизнисменот Давор Мацура.
Конститутивната седница на парламентот е закажана за 17 ноември. Тоа значи дека најавените мерки во моментов се политички ветувања на изборниот победник, а не веќе донесени владини одлуки. Не е соопштено ниту дали евентуалната интервенција би подразбирала финансиска поддршка, посредување со доверителите, дополнителен надзор или друга форма на стабилизација.
Сепак, самото отворање на прашањето покажува дека проблемот одамна ги надминал границите на една приватна компанија.
ФИРМА СО 660 ЕВРА КАПИТАЛ КУПИЛА РЕГИОНАЛЕН ТРГОВСКИ ГИГАНТ
Според српскиот неделник „Радар“ во истражувањето од 9 ноември, Alta Retail е основана на 24 март 2026 година, со запишан основачки капитал од само 77.777 српски динари, односно околу 660 евра, кој до моментот на истражувањето не бил уплатен. Основачкиот акт дозволува капиталот да биде уплатен до крајот на 2030 година.
Компанијата е формирана како посебно правно лице за преземањето на трговскиот синџир, а нејзин краен сопственик е Давор Мацура, кој ја контролирал и АЛТА банка.
„Радар“ потсетува дека хрватската Fortenova, наследникот на поранешниот Agrokor, на 18 септември објавила договор за продажба на IDEA и четири поврзани компании на Alta Retail. Трансакцијата била завршена на 12 октомври, а промената на сопственоста во српскиот регистар била евидентирана на 13 октомври.
Само седумнаесет дена подоцна, на 30 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка.
Цената на купопродажбата не е официјално објавена. Дел од српските медиуми претходно пишуваа за околу 40 милиони евра, со преземање приближно 100 милиони евра наследени обврски, но ниту продавачот ниту купувачот јавно ги потврдиле тие износи.
Fortenova, во меѓувреме, за „Форбс Србија“ потврдила дека купопродажната цена е намирена и дека веќе нема сопственички удел во компаниите што биле предмет на трансакцијата.
Останува прашањето: од кои извори Alta Retail ги обезбедила парите и какви финансиски обврски презела за нив?
Според Радар, купопродажбата била предмет и на постапка пред македонската Комисија за заштита на конкуренцијата. Според документацијата што ја анализирал „Радар“, пријавата за концентрација е поднесена на 9 април, а македонскиот регулатор ја одобрил на 28 април.
КОМПАНИЈАТА ИМАЛА ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ УШТЕ ПРЕД КУПУВАЊЕТО
Финансиските податоци покажуваат дека проблемите на IDEA не започнале со пропаѓањето на АЛТА банка.
Според анализата на „Радар“, во 2025 година компанијата остварила нето-загуба од 34,54 милиони евра, наспроти загуба од 3,2 милиони евра во 2024 година.
Приходите од работењето се намалиле од 910,9 на 779,9 милиони евра, односно за приближно 14 проценти.
Дополнително, на крајот од 2025 година краткорочните обврски биле поголеми од тековните средства за околу 107,5 милиони евра, што укажува на значителна изложеност на ликвидносен ризик.
Според Радар, во април IDEA зела петгодишен заем од 33,75 милиони евра од неименуван доверител, кој во финансиските извештаи бил опишан како неповрзано правно лице. Со тие средства и со расположливите депозити предвреме биле отплатени околу 54 милиони евра банкарски долгови.
На тој начин дел од дотогашните банкарски обврски биле заменети со обврска кон нов доверител, чиј идентитет не е јавно објавен.
ДОБАВУВАЧИТЕ ГО ДРЖАТ КЛУЧОТ НА ОПСТАНОКОТ НА ИДЕА
Во меѓувреме, главниот ризик за секојдневното работење стануваат обврските кон добавувачите.
Според Студентската листа, на повеќе од 600 добавувачи им се должат над 180 милиони евра, а голем дел од нив засега се подготвени да соработуваат за стабилизирање на компанијата.
Овој износ е наведен во политичкото соопштение и не претставува независно ревидирана тековна состојба на обврските.
Но,според „Форбс Србија“ трпението на дел од доверителите веќе се намалува. Од 3 до 6 ноември четири компании започнале постапки за наплата на вкупно 45,9 милиони динари, односно околу 392.000 евра. Дополнително, голем производител на кондиторски производи бара наплата на побарување од 1,07 милиони евра.
Иако овие износи се релативно мали во однос на годишните приходи на трговскиот синџир, проблемот би можел да стане значително поголем доколку и останатите добавувачи масовно започнат присилна наплата.
Многу од нив располагаат со меници како инструменти за обезбедување на побарувањата. Нивното истовремено активирање би можело да доведе до блокада на сметките и да го наруши снабдувањето со стока.
Менаџментот на IDEA на 4 ноември соопшти дека постигнал договор за поддршка со клучни добавувачи кои учествуваат со повеќе од половина од прометот на компанијата.
Според „Форбс Србија“, се разговарало и за можност претставник на добавувачите да учествува во надзорот над плаќањата. Компанијата не ја потврдила оваа информација, но ниту ја демантирала.
Во официјалното соопштение IDEA тврди дека продавниците продолжуваат редовно да работат и дека снабдувањето не е прекинато.
Трговскиот систем опфаќа повеќе од 300 продавници IDEA, 33 маркети Roda и два хипермаркета Mercator, распоредени во повеќе од 80 места низ Србија.
Пропаѓањето на АЛТА банка не значи дека сите овие објекти автоматски мора да се затворат.
Alta Retail, IDEA Marketi и АЛТА банка се одделни правни лица. Стечајот на банката не предизвикува по автоматизам стечај на трговските компании, иако евентуални меѓусебни финансиски обврски би можеле да имаат последици.
Според „Форбс Србија“, IDEA има 12 активни динарски сметки во други банки, додека нејзината динарска и девизна сметка во АЛТА банка биле затворени на 2 ноември. Не е познато колкав износ на средства имало на тие сметки.
Исто така, AIK banka потврдила дека долгогодишните кредитни обврски на IDEA кон неа и Gorenjska banka биле целосно подмирени пред промената на сопственоста.
Тоа го намалува притисокот од овие конкретни кредитни односи, но не го решава проблемот со добавувачите, останатите доверители и идното финансирање.
За Alta Retail, пак, ситуацијата е посложена.
Нејзиниот сопственик Давор Мацура се наоѓа во притвор поради сомневања за злоупотреби во АЛТА банка. Според информациите од српското обвинителство што ги пренесе „Радар“, истрагата се однесува на сомневања за противправно присвојување приближно 45 милијарди динари, односно околу 384 милиони евра.
Аналитика








