
Стабилен банкарски систем, одговорно постапување на надлежните институции и насочување на финансиските средства кон продуктивни инвестиции се меѓу клучните предуслови за одржлив економски развој. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на 13. издание на Erste Investors Breakfast, што денеска се одржа во Скопје, порача дека зачувувањето на финансиската стабилност е од особено значење за довербата на граѓаните и компаниите, како и за непреченото функционирање на економијата.
„Затоа е неопходно сите надлежни институции да постапуваат професионално, одговорно и координирано“, истакна министерката, нагласувајќи ја и посветеноста на Министерството за финансии на унапредување на законската рамка и зајакнување на механизмите за заштита на финансискиот систем и граѓаните.
На настанот, организиран од Ерсте групацијата и Шпаркасе банка, Димитриеска-Кочоска се осврна и на улогата на банките во економскиот развој. Според неа, нивното значење одамна не се сведува само на посредување меѓу штедењето и инвестициите, туку тие се важни партнери во финансирањето на компаниите, поддршката на претприемништвото и реализацијата на нови инвестициски проекти.
Оттука, како што посочи, заеднички интерес е развојот на конкурентен и иновативен финансиски сектор, способен да одговори на потребите на современата економија. Особено е важно расположливите финансиски ресурси да се насочуваат кон технолошки развој, дигитализација, енергетска ефикасност и инвестиции што ќе ја зголемат конкурентноста на домашните компании.
Во однос на економските политики, министерката нагласи дека приоритети на Владата и Министерството за финансии остануваат одговорната фискална политика, постепената фискална консолидација, макроекономската стабилност и долгорочната одржливост на јавните финансии.
Во услови на неизвесно глобално економско окружување, според Димитриеска-Кочоска, особено се важни предвидливоста и способноста на институциите да создаваат услови за долгорочен развој. Притоа, целта е јавните финансии да го поддржуваат економскиот раст, но тој истовремено да се темели на продуктивност, конкурентност и стабилни економски основи.
Аналитика








