ПОВЕЌЕ

    ФРАНЦИЈА НА НОЗЕ: Ученичкиот бунт прерасна во масовни протести, судири со полицијата и национални штрајкови

    Време зa читање: 9 минути

    Франција се соочува со нов бран масовни протести, штрајкови и блокади, кои во четвртокот, 5 ноември, зафатија десетици градови и парализираа дел од јавните услуги. Движењето, кое пред нешто повеќе од еден месец започна како ученички протест против недостигот од средства за образованието, прерасна во широк социјален бунт поради високите животни трошоци, незадоволството од платите и владината економска политика.

    Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, до раните попладневни часови на протестите во 180 градови надвор од Париз учествувале околу 270.000 луѓе. Синдикатот CGT претходно соопшти дека само во 73 града регистрирал повеќе од 250.000 демонстранти. Бројките се прелиминарни и не го опфаќаат целосниот одѕив на демонстрациите, особено во Париз, каде што централниот протест започна во 14 часот.

    За денешниот ден беа најавени околу 250 протестни собири низ земјата, а властите распоредија дури 70.000 полицајци и жандарми за обезбедување на демонстрациите.

    Полициската префектура го забрани бараниот пат од Бастија до Конкорд и одобри маршевска рута од Републик до Насион од 14 до 19 часот. Министерството соопшти дека бројни неовластени маршеви се „систематски следени и растерувани“. Полицијата употреби солзавец за да спречи ученици да го блокираат гимназиското училиште „Елен Бушер“.

    Иако најголемиот дел од протестните поворки се одвиваат мирно, во повеќе градови се регистрирани судири со полицијата, запалени барикади и интервенции со солзавец. Особено тензична е состојбата во Рен, Лион и Тулуз, каде што утрово беше пријавен и пожар во средно училиште.

    Во Лион полицијата употреби солзавец и јуриш врз група претежно маскирани демонстранти, а министерството пријави неколку стотици лица што формирале „црн блок“.

    ОД УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ ДО СЕОПФАТЕН БУНТ НА УЛИЦИТЕ НА ФРАНЦИЈА

    Синдикатите од интерсиндикалниот сојуз (CFDT, CGT, FO, Unsa и FSU) повикаа на штрајк против предлог-буџетот за 2027 година. Организаторите најавија протести во 260 градови, а Министерството за образование очекуваше 16 проценти од наставниците да штрајкуваат.

    Корените на сегашната протестна криза се во незадоволството на средношколците од условите во образованието.

    Кон крајот на септември, ученици во повеќе француски градови започнаа собири и блокади на училиштата, барајќи подобри услови за настава, повеќе наставници и дополнителни средства за образовниот систем. Акциите започнаа во предградијата на Париз во септември. Голема средношколска мобилизација почна во Ил-де-Франс против преполните паралелки, недостигот на наставници и недостигот на средства, а следната недела се прошири низ целата земја со стотици затворени гимназии.

    Незадоволството беше насочено кон недостигот од наставен кадар, преголемиот број ученици во одделенијата, дотраените училишни згради и разликите во квалитетот на образованието меѓу различните делови на земјата.

    Постепено, ученичките барања добија поширока поддршка. На протестите се приклучија студентите, родителите и наставниците, а потоа и синдикатите од јавниот и приватниот сектор. На 6 октомври се приклучија и синдикати, меѓу нив CGT. Протестите се совпаднаа со штрајк во јавниот сектор поради владините буџетски планови, кои вклучуваат нови кратења од 61 милијарда евра. Движењето се прошири во поширок предизвик за владата. Протестите опфатија мноштво поплаки поврзани со растечките трошоци на живот.

    Дополнителен поттик за ширењето на движењето беа полициските интервенции против ученичките блокади. Употребата на солзавец, приведувањата и ограничувањата на протестните собири предизвикаа реакции кај организациите за човекови права и дополнително го засилија незадоволството.

    Во меѓувреме, првичните образовни барања се споија со проблемите што ги чувствува значително поширок дел од француското општество: растечките трошоци за живот, платите што не го следат поскапувањето, станбените трошоци и намалувањето на средствата за јавните услуги.

    Токму тоа го претвори ученичкиот протест во национално социјално движење.

    Ескалацијата која сега се случува е поради незадоволството од одговорот на Владата на ученичките барања. Иако властите најавија ангажирање 3.000 дополнителни наставници, мерки за намалување на бројот на ученици во одделенијата, повеќе училишен персонал и четири милијарди евра заеми за реновирање на образовните објекти, дел од учениците и наставниците оценуваат дека предложените мерки не се доволни.

    Втората, и во моментов најзначајна причина, е падот на куповната моќ. Растот на цените, особено на енергијата, храната и домувањето, ги засили барањата за повисоки плати и подобра социјална заштита.

    Француските синдикати бараат зголемување на минималната плата, итно отворање преговори за примањата, заштита на работните места и поголема праведност во оданочувањето. Дел од синдикалните организации инсистираат на зголемување на платите за најмалку 100 евра месечно, а CGT бара и зголемување на минималната плата за 10 проценти.

    Третата причина е незадоволството од владините буџетски приоритети. Франција е под притисок да го намали јавниот дефицит, а синдикатите предупредуваат дека ограничувањето на јавните расходи може дополнително да ги влоши состојбите во образованието, здравството и другите јавни услуги.

    Четвртата причина е растечката конфронтација меѓу демонстрантите и безбедносните сили.

    Насилните инциденти на протестите од 17, 24 и 31 октомври го зголемија полициското присуство, а ограничувањата на движењето на протестните поворки создадоа дополнителни тензии.

    Организациите за заштита на човековите права, пак, ги критикуваат ограничувањата на правото на протест и предупредуваат дека прекумерната полициска реакција може дополнително да ја радикализира ситуацијата.

    НАСИЛСТВА И ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ

    Првичниот полициски одговор вклучуваше разни сили за контрола на толпа и предизвика сериозни повреди, и кај деца; Amnesty International го осуди „непропорционалното“ користење сила, а канцеларијата на ОН за човекови права изрази загриженост. Меѓу случаите: 16-годишник во Тур го изгуби видот на едното око, а 15-годишник во Ленс ја загуби раката од граната. Полицаец во Тур беше обвинет за „отежнато насилство“ по случајот со ученикот чие око беше повредено. Владата ги отфрла обвинувањата за репресија, а министерот Нунез тврди дека одговорот бил пропорционален речиси секогаш.

    Според најновите извештаи на француските медиуми, денешните протести започнаа со блокади на повеќе училишта, по што следуваа масовни синдикални поворки.

    Во Рен, локалните власти пријавија насилни инциденти и обиди на маскирани групи да постават барикади на сообраќајниците. Во близина на неколку средни училишта биле запалени контејнери, а според префектурата, кон полицијата биле фрлани и тврди предмети, вклучувајќи метални топки.

    Во Тулуз и околината, утрово беше пријавен пожар во средно училиште, поради што објектот бил евакуиран. Во градот претходно беа воведени ограничувања на маршрутата на протестните поворки, со цел да се спречат повторувања на насилството од октомври.

    Во Лион, според Euronews и француските медиуми, дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата. Безбедносните сили употребија солзавец, а биле пријавени и приведувања. Значително беше нарушено функционирањето на градскиот јавен превоз.

    Во Париз, полицијата интервенираше уште претпладне за да спречи блокади на средни училишта. Пред училиштата „Елен Буше“ и „Оноре де Балзак“ беше употребен солзавец за растерување на дел од демонстрантите.

    Централната протестна поворка во француската престолнина започна околу 14 часот од Плоштадот на Републиката, во правец на Плоштадот на нацијата.

    Според известувањата на новинарите од терен, централниот париски протест во првите часови се одвивал претежно мирно, со исклучително голема посетеност. Плоштадот на Републиката и околните улици биле исполнети со демонстранти.

    Во други градови, меѓу кои Гренобл, Шамбери и Вилербан, исто така биле регистрирани инциденти и полициски приведувања.

    Масовниот штрајк веќе предизвика сериозни нарушувања во секојдневното функционирање на Франција.

    Ајфеловата кула денеска беше затворена поради учеството на вработените во националниот штрајк. Дел од просториите на музејот Лувр исто така не беа достапни за посетителите.

    Во образованието, според владините податоци од претпладнето, директно биле блокирани 81 средно училиште, од вкупно околу 3.700. Ученичките организации, меѓутоа, тврдат дека околу 1.000 училишта биле целосно или делумно надвор од редовниот наставен процес, вклучувајќи ги и оние затворени со административни одлуки.

    Штрајкот го погоди и железничкиот сообраќај. Четирите главни синдикати на француската железничка компанија SNCF повикаа на прекин на работата, кој започна во средата навечер и треба да трае до петок наутро.

    Регионалниот железнички превоз е значително нарушен, иако поголемиот дел од брзите возови продолжуваат да сообраќаат. Во дел од градовите има прекини и ограничувања во јавниот превоз.

    Националниот штрајк доби поддршка и од вработени во здравството, јавната администрација и други сектори кои бараат подобри плати и спротивставување на планираните буџетски ограничувања.

    ВРАЌАЊЕ НА „ЖОЛТИТЕ ЕЛЕЦИ“

    Значаен елемент на сегашното протестно движење е повторното активирање на „Жолтите елеци“, движењето што во 2018 година започна со протести против поскапувањето на горивата, а потоа прерасна во поширок бунт против социјалните нееднаквости.

    Нивните претставници сега настојуваат да ги поврзат ученичките, синдикалните и граѓанските протести во единствено движење.

    Пораката е дека незадоволството не треба да остане ограничено само на одделни професии или генерации, туку да се претвори во заеднички притисок за промена на економските и социјалните политики.

    Синдикатите, од своја страна, настојуваат масовното незадоволство да го претворат во конкретни преговори за платите, работните места и јавните услуги.

    ПРОТЕСТИ СРЕДЕ ФИНАНСИСКА КРИЗА ВО ФРАНЦИЈА

    Протестите се случуваат во чувствителен период за француската економија.

    Земјата се соочува со притисок врз јавните финансии, растечки трошоци за енергија и тешки политички преговори за буџетот за 2027 година.

    Според Reuters, продолжените протести влијаат врз довербата на потрошувачите и компаниите, а политичката неизвесност дополнително ги загрижува инвеститорите.

    Протестното движење ја доведува Владата во сложена положба. Од една страна, синдикатите бараат повисоки плати, повеќе вработувања во јавните служби и поголеми социјални расходи. Од друга страна, фискалните ограничувања го стеснуваат просторот за нови буџетски мерки.

    Властите разгледуваат можности за зголемување на минималната плата, но засега нема договор со синдикатите за обемот на мерките.

    Незадоволството добива и политичка тежина во пресрет на претседателските избори во 2027 година, на кои Емануел Макрон нема право на трет последователен мандат.

    Различните политички сили се обидуваат да го артикулираат незадоволството на демонстрантите, но меѓу нив постојат значителни разлики околу решенијата.

    Така, додека дел од левичарските организации бараат силно зголемување на минималната плата, лидерката на крајната десница Марин Ле Пен предупредува дека наметнување зголемување од 10 отсто би можело да предизвика отпуштања во финансиски ранливите компании.

    Синдикатите и граѓанските организации засега не најавуваат крај на протестното движење.

    Дел од организаторите повикуваат штрајковите и блокадите да продолжат и на 6 ноември, додека за сабота, 7 ноември, се најавени нови собири низ Франција, во рамките на следната фаза од мобилизацијата на „Жолтите елеци“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично