ПОВЕЌЕ

    ЖРСМ Инфраструктура: Проблемите се наталожени со децении, работиме да ги надминеме последиците од недомаќинското работење во минатото

    Време зa читање: 3 минути

    Преземаме серија активности во насока на надминување на состојбите и спроведување на дадените препораки во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година, истакнуваат од ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје по објавувањето на наодите на Државниот завод за ревизија, во кој беа наведени податоци за сериозната застареност на инфраструктурата на железницата, како и сериозна финансиска состојба и други проблеми со кои се соочува ова јавно претпријатие. Притоа, од ЖРСМ Инфраструктура потенцираат дека наодите од ревизијата се однесуваат на посочената година – 2024 и оти опфаќаат повеќе сегменти од работењето на претпријатието, меѓу кои управувањето со имотот, реализацијата на инфраструктурните проекти, финансиското и материјалното работење, како и организациските и кадровските прашања.

    „Добар дел од утврдените состојби се долгогодишни, а некои од нив се наталожувале со децении. Особено станува збор за имотно-правни прашања, кадровски предизвици и административни постапки, чие надминување бара континуирана работа, стручен кадар, време и соработка со надлежните институции. Јавното претпријатие веќе презема конкретни активности за нивно решавање и останува целосно посветено на изнаоѓање трајни и одржливи решенија. За поголем дел од утврдените состојби веќе се донесени акти, започнати се постапки или се постигнати резултати што можат да се потврдат со документација“, нагласуваат од претпријатието.

    Во делот на управувањето со имотот, додаваат оттаму, интензивирани се постапките за негово евидентирање и правно уредување, изготвен е најголемиот дел од потребната геодетска документација, а пред надлежните институции се покренати постапки за запишување на железничките објекти и земјиштето под пруга.

    „Во материјалното и финансиското работење, донесени се нови процедури за управување со залихите, усвоени се нови сметководствени политики и воспоставени се дополнителни механизми за контрола. Воедно, дел од залихите кои потекнуваат од деведесеттите години се ставени во функција преку нивно користење при одржувањето на железничката инфраструктура“, се вели во соопштението на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје.

    Во соопштението се додава дека во реализацијата на инфраструктурните проекти, особено на Коридорот 8, на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, по преземените активности за надминување на дел од техничките и проектантските прашања, забележано е значително зголемување на обемот и динамиката на градежните активности.

    Вкупниот физички напредок на проектот достигнал 45 проценти и веќе во 2026 година се бележи рекорден месечен напредок со над 2 отсто месечна реализација и ангажирани преку 650 лица од страна на изведувачот.

    “Паралелно се работи на обезбедување кадровска стабилност, имајќи ги предвид специфичните потреби на железничкиот систем и обврската за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. Донесен е и петгодишен план за одржување на железничката инфраструктура, со кој се создава основа за предвидливо планирање и организирање на активностите за одржување“, велат од претпријатието.

    Дел од отворените прашања, додаваат оттаму, сè уште бараат дополнителна работа и време за нивно целосно надминување. Сепак, досега преземените мерки и постигнатите резултати претставуваат значаен чекор напред и ја потврдуваат нашата определба започнатите процеси да се доведат до крај.

    „Нашата цел е овие долгогодишни прашања да се решаваат системски и одговорно, а напредокот да се потврдува преку конкретни и мерливи резултати што ќе придонесат за трајно подобрување на работењето на претпријатието. ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје и во наредниот период продолжува посветено и интензивно да работи на спроведување на препораките на Државниот завод за ревизија. Притоа, приоритет останува обезбедувањето непречено и безбедно функционирање на железничката инфраструктура, со одговорно користење на расположливите ресурси и ефикасно управување со јавните средства, а во интерес на граѓаните и понатамошниот развој на железничкиот систем“, се нагласува во соопштението.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично