ПОВЕЌЕ

    Македонија губи европски пари поради слабиот административен капацитет

    Време зa читање: 5 минути

    Македонија има раст на економијата, стабилен банкарски сектор и постепено подобрување на пазарот на труд, но има и низа слабости што со години тешко се поместуваат. Јавните набавки, капацитетот за користење на европските фондови, даночната администрација, транспортот и животната средина се меѓу областите каде што Европската комисија нотира бавен или никаков напредок.

    Во Извештајот за Македонија за 2026 година, објавен на 4 ноември, ЕК посочува на институционални слабости што директно влијаат врз трошењето на јавните пари, реализацијата на инвестициите, конкурентноста и способноста земјата да ги користи средствата што ѝ ги става на располагање Европската Унија.

    Јавни набавки

    „Од последната оценка не е постигнат напредок“, е оценката на ЕК за изминатиот период. односно во овој дел не е постигнат напредок. Препораките дадени една година претходно не биле спроведени и остануваат во сила.

    Јавните набавки во 2025 година биле во вредност еквивалентна на 9,3% од БДП, наспроти 8,8% една година претходно. Но, конкуренцијата останува ограничена, а најниската цена и натаму доминира како критериум при изборот.

    Кај 33,9% од тендерите била доставена само една понуда. Дополнително, уделот на поништените договори се зголемил на 28,7%. Критериумот за економски најповолна понуда, кој освен цената треба да ги земе предвид и квалитетот и другите карактеристики на понудата, бил применет кај само 6% од договорите.

    ЕК има забелешки и за јавно-приватните партнерства. Законската рамка не е усогласена со европското право, а системите за контрола и управување со фискалните ризици се оценети како многу слаби. Усвојувањето на новиот закон за јавно-приватно партнерство продолжува да доцни.

    ЕК забележува дека иако постои систем за препознавање „црвени знамеца“ – показатели за можни неправилности или корупциски ризици во тендерите, институциите недоволно постапуваат по ваквите сигнали.

    Изгубени пари од ЕУ

    Една од најсериозните забелешки се однесува на способноста на институциите да ги користат европските фондови.

    Во поглавјето за регионална политика и координација на структурните инструменти, ЕК пишува дека структурите задолжени за индиректно управување со програмите ИПА продолжуваат да работат со ограничени административни капацитети, што довело до „значителна загуба на средства од ЕУ“, во рамките на ИПА II.

    Проблемот, според Комисијата, не е само во една институција. Слабости има во административните капацитети на клучните институции што управуваат со европските пари, нема сеопфатна политика за задржување на кадарот, управувањето со човечките ресурси е слабо, а флуктуацијата на вработените во структурите на ИПА останува висока.

    Последиците веќе се почувствувале. ЕК наведува дека недоволниот административен капацитет придонел за значителни загуби на европски средства во секторите транспорт и животна средина.

    Комисијата предупредува дека и натаму постои ризик од нови загуби на средства. Слабата координација, доцнењето на институционалните придонеси и недоволното известување го поткопуваат спроведувањето на европската помош.

    И програмирањето на јавните инвестиции сè уште не е доволно развиено за идното користење на кохезиските и структурните фондови на ЕУ.

    ДДВ се враќа со доцнење

    Даночната политика е уште една област во која ЕК констатира само ограничен напредок. Притоа, се укажува на повратот на ДДВ. Во извештајот стои дека „само 14,3% од повратот на ДДВ бил исплатен во законски предвидениот рок“. ЕК оценува дека доцнењата остануваат изразени.

    Управата за јавни приходи започнала пилот-фаза на електронската фактура и го подобрила планирањето, но сè уште работи со фрагментиран информатички систем. Набавката на нов интегриран електронски даночен систем, според Комисијата, напредува бавно.

    Транспорт: ниски капацитети и реформи што доцнат

    Кај транспортната политика, ЕК повторно забележува дека нема позначителен напредок во општото усогласување со европските правила. Седум години по усвојувањето на Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 сè уште нема акциски план за нејзино спроведување. Оперативните и административните капацитети остануваат ниски, а примената на акциските планови на Транспортната заедница е ограничена.

    Кај патниот транспорт усогласувањето со европското законодавство е само делумно, а ЕК посочува на значителни недостатоци во безбедноста на патиштата, управувањето со безбедноста на инфраструктурата, тунелите и институционалните капацитети.

    Кај железницата проблемите се уште поизразени. Пазарот останува затворен за нови оператори до членството во ЕУ, што не е усогласено со релевантните европски правила и обврските преземени во рамките на Транспортната заедница. Нема напредок ниту во усогласувањето на правилата за железничка безбедност и интероперабилност.

    Истовремено, потребни се забрзани активности на железничкиот дел од Коридорот VIII, а финансиската конструкција за мултимодалниот јазол во Трубарево сè уште не е обезбедена.

    Животната средина меѓу слабите точки

    Во областа на животната средина и климатските промени Македонија има само одредено ниво на подготвеност и во извештајниот период е постигнат ограничен напредок.

    Кај хоризонталното законодавство нема напредок. Администрацијата и натаму нема доволно капацитет и квалификуван кадар, додека усогласувањето со европските правила за процена на влијанието врз животната средина и стратегиската оцена останува слабо.

    ЕК укажува и на недоволна координација и стратегиско планирање на инвестициите во еколошката инфраструктура, како и на недостиг од подготвени проекти.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично