ПОВЕЌЕ

    ЖЕЛЕЗНИЦАТА ПУКАЛА ПО СИТЕ ШЕВОВИ: Ревизијата за 2024 открива дотраени пруги, милионски загуби и прескапи проекти

    Време зa читање: 7 минути

    Нестабилен железнички мост, десетици оштетени делови од пругите, милионски трошоци поради одложени инфраструктурни проекти, непродуктивни инвестиции и неправилности при вработувањето и управувањето со државниот имот. Ова се дел од најсериозните наоди во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на ЈП „Железници на Република Северна Македонија – Инфраструктура“ во 2024 година.

    Ревизорите изразиле неповолно мислење и за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законските прописи. Тоа значи дека утврдените неправилности се доволно значајни за ревизорите да оценат дека финансиските извештаи не ја прикажуваат реално состојбата на претпријатието, а неговото работење во материјално значајни аспекти не е усогласено со прописите.

    Наодите опфаќаат повеќе области, но особено загрижуваат состојбата на железничката мрежа и начинот на кој се реализираат големите инфраструктурни инвестиции.

    МОСТОТ КАЈ СТОБИ НЕСТАБИЛЕН, КОРИДОРОТ 10 ИМА 50 ЛОКАЦИИ СО ДЕФЕКТИ

    Едно од најсериозните предупредувања наведени во ревизорскиот извештај се однесува на безбедноста и функционалноста на постојната железничка инфраструктура.

    На Коридорот 10, кој ја поврзува Македонија со Србија и Грција, ревизорите посочуваат околу 50 локации со дефекти што можат да се отстранат само со поголеми градежни зафати. На овие места брзината на движење на возовите е ограничена на само 20 километри на час.

    Посебно е нагласена состојбата на железничкиот мост кај Стоби. Неговата конструкција е нестабилна поради поткопување на столбовите од водите на Црна Река, а мостот попуштил двапати во изминатите шест години. Извршената санација е оценета како привремено решение, поради што е потребно да се обезбедат средства за изградба на нов мост.

    Дополнителен проблем е староста на железничките објекти. Дел од мостовите се изградени пред повеќе од 80 години, а последните испитувања со пробно товарење на најголем дел од нив биле извршени во осумдесеттите години на минатиот век. На поголемиот дел од Коридорот 10 последните ремонти се направени пред повеќе од 35 години, додека сигналните системи се постари од 40 години.

    Состојбата не е подобра ниту на останатите пруги, се наведува во извештајот на ревизорите. На делницата Велес – Битола има ограничувања на брзината поради оштетени прагови, одрони и нарушени параметри на колосекот. По пругата Велес – Кочани сообраќај не се одвива од 2020 година, а на линијата Скопје – Кичево нема сообраќај поради непостоење интерес за патнички и товарен превоз.

    ДЗР оценува дека железничката инфраструктура е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална, што негативно влијае врз безбедноста, капацитетот и квалитетот на железничкиот сообраќај.

    ПРВАТА ДЕЛНИЦА НА КОРИДОРОТ 8 ПОСКАПЕЛА ЗА 96 ОТСТО

    Големи финансиски и организациски слабости се утврдени при реализацијата на источниот дел од железничкиот Коридор 8.

    За првата делница, Куманово – Бељаковце, во 2014 година бил склучен договор за изведба на работите вреден 39,7 милиони евра. Проектот требало да заврши во септември 2016 година, но следувале повеќегодишни одложувања, раскинување на договорот со првичниот изведувач и избор на нов.

    До раскинувањето на првиот договор, во 2020 година, биле реализирани 74 отсто од финансиската вредност, додека физичката реализација на проектот достигнала само 54 отсто.

    По новиот договор и неговите измени, вкупната вредност на договорите и реализираните средства достигнала 77,8 милиони евра, што е зголемување од 96 отсто во однос на првично договорените 39,7 милиони евра.

    Делницата е завршена во декември 2024 година, со пролонгирање на рокот за осум години и три месеци. Меѓутоа, според ревизорскиот извештај, поради нецелосно решената експропријација сè уште не биле извршени технички преглед и издавање одобрение за употреба.

    Проблемите продолжуваат и на втората делница, Бељаковце – Крива Паланка. Договорот за изградба е вреден 155 милиони евра, но во текот на реализацијата се појавиле 33 измени на проектот и две дополнителни побарувања, со вкупна вредност од 16,3 милиони евра.

    Рокот за завршување бил продолжен за 370 дена, до 23 октомври 2026 година. До моментот опфатен со ревизорските проверки, биле исплатени 50,5 милиони евра, а физичката реализација достигнала 40 отсто.

    Ревизорите оценуваат дека ваквите состојби укажуваат на недостиг од системски и аналитичен пристап, како и на недоволна подготвеност при планирањето, проектирањето и изградбата на двете делници.

    НАД 8 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОВИЗИИ ЗА КРЕДИТИ КОИ НЕ СЕ ИСКОРИСТЕНИ НАВРЕМЕ

    Особено сериозна финансиска забелешка се однесува на кредитите од меѓународните финансиски институции.

    За реализација на железничките проекти биле одобрени заеми во вкупна вредност од 191,4 милиони евра. Но, на крајот од 2024 година дури 44 отсто од овие средства сè уште не биле повлечени.

    Поради тоа, до крајот на 2024 година биле платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени кредитни средства, а до крајот на 2025 година нивниот вкупен износ достигнал 8,18 милиони евра.

    Најголем дел од овие провизии, односно околу 6,84 милиони евра до крајот на 2024 година, се поврзани со заемот за втората фаза од Коридорот 8.

    Дополнително, само во 2024 година биле платени 2,85 милиони евра камати на заемите.

    Ревизорите откриле и дека 8,22 милиони евра од веќе повлечените кредитни средства не биле потрошени, туку биле префрлени на наменска сметка во Народната банка. За овие пари не се плаќа провизија за неповлечен кредит, но продолжува да се пресметува камата кон кредиторот.

    Тоа значи дека одложувањето на проектите не предизвикува само поскапување на градежните работи, туку создава и дополнителни финансиски трошоци по основ на кредитното задолжување.

    АКУМУЛИРАНА ЗАГУБА ОД 77 МИЛИОНИ ЕВРА

    Финансиската состојба на претпријатието е уште еден сериозен проблем. Според ревизорскиот извештај, ЈП ЖРСМ Инфраструктура во 2024 година остварило загуба од приближно 3,1 милион евра. Заедно со пренесените загуби од претходните години, вкупната акумулирана загуба достигнала околу 76,8 милиони евра.

    Ревизорите нагласуваат дека претпријатието во континуитет работи со загуби и дека нивното акумулирање негативно влијае врз можностите за тековно одржување, инвестиции и развој.

    Според нив, ваквата финансиска состојба ја доведува во прашање способноста на претпријатието ефикасно и квалитетно да управува со железничката инфраструктура.

    Значителни слабости се утврдени и во начинот на управување со инвестициите и средствата во подготовка.

    На крајот од 2024 година претпријатието имало евидентирано материјални средства во подготовка во вредност од околу 216 милиони евра. Од нив, 33 отсто, односно приближно 71 милион евра, се почетни состојби, при што 98 отсто од оваа категорија потекнуваат од периодот пред 2010 година.

    Најголем дел се физибилити студии и основни проекти за кои сè уште нема одлука дали воопшто ќе бидат реализирани.

    Ревизорите не можеле да се уверат во оправданоста и потребата од нивната набавка. Дополнително предупредуваат дека поради изминатиот временски период постои ризик документацијата да ја изгуби својата употребна вредност.

    ВРЕДЕН ИМОТ – НЕЦЕЛОСНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

    Голем проблем е и правниот статус на земјиштето и железничките објекти.

    Земјиштето е евидентирано со вредност од околу 117 милиони евра, но за него не биле обезбедени имотни листови што би овозможиле целосно потврдување на неговата површина, вид и правен статус.

    Дополнително, линиски инфраструктурни објекти вредни околу 208 милиони евра не биле соодветно запишани во катастарот на инфраструктурни објекти.

    Станува збор за објекти поврзани со железничките пруги, мостови, тунели, надвозници и подвозници.

    Кај преостанатите градежни објекти ревизорите утврдиле дека за 88 отсто од нив претпријатието не располага со имотни листови со кои ќе го докаже запишаното право на сопственост.

    На крајот од 2024 година претпријатието располагало со залихи на материјали, резервни делови и друга опрема во вредност од приближно 5,45 милиони евра.

    Ревизорите утврдиле дека 75 отсто од залихите, вредни околу 4,08 милиони евра, потекнуваат од периодот пред 2019 година. Посебно се посочени постари залихи на бетонски прагови во вредност од околу 1,43 милиони евра, кои се чувале на отворен простор.

    ЖЕЛЕЗНИЦАТА БЕЗ ПЛАНОВИ И СТРАТЕШКИ ДОКУМЕНТИ

    Ревизорскиот извештај укажува и на слабости во стратешкото планирање.

    Во 2024 година не постоела Национална програма за развој на железничката инфраструктура за периодот 2021–2025 година. Не бил изработен ниту задолжителниот петгодишен план за одржување на железничката инфраструктура, а недостасувал и петгодишен договор меѓу претпријатието и Владата.

    Во март 2025 година Владата усвоила нова Национална програма за периодот 2025–2029 година, а во април бил склучен и петгодишниот договор. Сепак, според ревизорите, во ревидираниот период недостигот од овие документи не овозможувал соодветно долгорочно планирање и управување.

    Дополнително, утврдено е дека внатрешната ревизија не била соодветно екипирана и не располагала со потребните плански документи за 2024 година.

    Заклучокот од наодите е дека проблемите на железничката инфраструктура не се сведуваат само на недостиг од пари за изградба и одржување. Ревизијата открива слабости во управувањето со инвестициите, планирањето, финансиската контрола, човечките ресурси и државниот имот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично