Платите во еврозоната ќе продолжат да растат и во 2027 година, а темпото на зголемување би можело да биде нешто повисоко отколку годинава. Според најновите податоци на Европската централна банка (ЕЦБ), растот на договорените плати се очекува да достигне 2,8 проценти во првата половина од следната година, наспроти 2,7 проценти во второто полугодие од 2026 година.
Овие показатели се содржани во најновото ажурирање на индексот на договорени плати, објавено на 4 ноември, кој ги следи колективните договори во девет земји од еврозоната: Германија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Белгија, Австрија, Грција и Финска.
Доколку се исклучат еднократните исплати и бонусите, ЕЦБ очекува растот на договорените плати во првите девет месеци од 2027 година да изнесува просечно 2,8 проценти, наспроти 2,6 проценти за целата 2026 година. Тоа укажува на умерено засилување на трајните зголемувања на платите.
Сепак, динамиката нема да биде еднаква во текот на целата година. Според моментално потпишаните колективни договори, во третиот квартал од 2027 година растот би се намалил на 2,4 проценти според главниот показател. ЕЦБ предупредува дека овој податок засега опфаќа само 23,3 проценти од вработените во земјите вклучени во анализата, па затоа може да претрпи значителни измени со склучувањето нови договори.
Растот на платите внимателно се следи од ЕЦБ поради неговото влијание врз инфлацијата. Повисоките примања можат да ја поттикнат личната потрошувачка и да ја подобрат куповната моќ на граѓаните, но истовремено можат да ги зголемат трошоците на компаниите и притисоците врз цените.
Затоа движењето на платите е еден од факторите што централната банка ги зема предвид при одлучувањето за каматните стапки, особено во услови на зголемени енергетски трошоци и неизвесност околу инфлацијата.
Од ЕЦБ нагласуваат дека овие показатели не претставуваат целосна економска прогноза, туку проценка заснована на веќе склучените колективни договори. Податоците ќе се менуваат како што ќе се договараат нови зголемувања на платите, а следното ажурирање, со опфат на целата 2027 година, е најавено за 18 декември.
Аналитика








