Недостигот на електронски компоненти го попречува производството на Fiat во Италија, а проблемите би можеле да продолжат и во текот на декември, соопштија од Stellantis во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Компонентата што недостасува се користи во единицата за контрола на моторот – компјутерот што управува со моторот на автомобилот. Stellantis, компанијата што поседува 14 брендови, меѓу кои Fiat, Peugeot и Jeep, не го откри добавувачот одговорен за овој недостиг.
Ова нарушување веќе влијаеше врз производството на неколку модели на Fiat и негативно се одрази на продажбата во октомври. Најтешко погоден е Fiat Pandina, ажурирана верзија на моделот Panda и еден од најпродаваните автомобили на брендот.
Во ноември и декември се можни дополнителни прекини во производството. Тие би можеле да ја зафатат фабриката „Помиљано“ (Pomigliano) во близина на Неапол, каде што се произведува Pandina, како и фабриката „Мирафиори“ (Mirafiori) во Торино, каде што се произведува Fiat 500.
Според Ројтерс, прекини се можни и во фабриката за мотори во Термоли, каде што Stellantis го склопува моторот N3 GSE, кој се вградува во двата споменати модели.
Фабриката „Мирафиори“ веќе се соочува со посебен прекин во производството. Таа е затворена три недели, почнувајќи од средината на октомври, поради недостиг на друга компонента.
Од синдикатите наведоа дека слабата побарувачка за Fiat 500 исто така придонела за одлуката да се запре производството.
Од Stellantis изјавија дека тие и Fiat „работат со највисок приоритет на изнаоѓање алтернативни решенија“ и постепено ги враќаат операциите во нормала.
Ова најново нарушување се случува во време кога европските производители на автомобили сè уште се соочуваат со пошироки проблеми во снабдувањето во индустријата за полупроводници.
Овие проблеми се интензивираа откако холандската влада кон крајот на 2025 година презеде контрола врз производителот на чипови Nexperia, што ја наведе Кина да го ограничи извозот од фабриките на оваа компанија лоцирани во Кина. Од Stellantis не прецизираа дали моменталниот недостиг е поврзан со тој спор.
Спорот околу Nexperia минатата година предизвика загриженост во целата автомобилска индустрија. Volkswagen и други производители предупредија дека производството би можело да биде загрозено бидејќи нивните залихи од чиповите на оваа компанија се намалуваат.
Снабдувањето со полупроводници стана причина за загриженост и во други сектори на технолошката индустрија, вклучително и кај оптичките компоненти, кои се опфатени со предложената забрана на САД за увоз на кинески примопредаватели (трансивери). За „Stellantis“, недостигот дополнително ги отежнува условите во кои работат неговите капацитети во Италија. Синдикатите во повеќе наврати предупредуваа на падот на производството во фабриките на групацијата во оваа земја.
Исто така, компанијата не соопшти колкав број возила очекува да изгуби како последица на најновиот прекин во работењето.
(Фото: фабриката Мирафиори, Торино)
Аналитика








