ПОВЕЌЕ

    АВТОПАТИ, ПРУГИ, БЕЛГРАД НА ВОДА, ЕКСПО: Новата власт во Србија ќе ја отвора финансиската Пандорина кутија на проектите на Вучиќ

    Време зa читање: 12 минути

    Победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори во Србија го отвори прашањето за финансиското наследство на четиринаесетгодишното владеење на Српската напредна странка (СНС). Во фокусот се големите инфраструктурни инвестиции, државните договори со приватни и странски компании, јавните набавки и начинот на кој биле трошени милијарди евра од буџетот. Трагедијата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 16 лица, стана симбол на сомневањата дека политичкото одлучување, градежните бизниси и недоволната контрола на јавните пари можеле да создадат сериозни ризици и за безбедноста на граѓаните.

    На изборите одржани на 25 октомври 2026 година, Студентската листа ја победи коалицијата предводена од Александар Вучиќ. По повтореното гласање на 53 избирачки места на 1 ноември, листата освои 53,01 отсто од гласовите, наспроти 38,98 отсто за коалицијата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. Според објавените пресметки на мандатите, Студентската листа има мнозинство од околу 140 пратеници во Собранието со 250 места. Со тоа заврши долгогодишната политичка доминација на СНС, но конституирањето на новиот парламент и формирањето влада сè уште претстојат.

    Една од првите работи најавени од претставниците на победничкото студентско движење беа дека се побарани проверки на работата на јавните институции, државните компании, јавните набавки и финансиското управување. Особено е нагласена потребата да се зачува службената документација, да се истражат сомнителните договори и повторно да се разгледаат случаите во кои постапките за утврдување одговорност не биле процесуирани.

    Ваквите барања го отвораат патот кон ревизија на начинот на кој биле планирани, финансирани и реализирани најголемите проекти во Србија. Тоа, сепак, не значи дека секој проект е коруптивен или дека новата власт најавила негово запирање.

    ЕКСПО 2027 ПОД ЛУПА

    Еден од најзначајните проекти што ќе се најдат под лупа е ЕКСПО 2027 во Белград, заедно со националниот стадион, станбените комплекси и придружната сообраќајна инфраструктура во Сурчин.

    Студентската листа не најавува откажување на меѓународната изложба. Напротив, предвидува таа да продолжи, со преиспитување на нејзините трошоци и договори, вели Владaн Кузмановиќ, професор на Градежниот факултет во Белград и кандидат на Студентската листа. Во интервју за Н1 тој најави суспендирање на посебните закони што овозможувале големите инвестиции да се реализираат со исклучоци од редовните процедури.

    Според Кузмановиќ, ќе се утврдува кои инвестиции биле неоправдано преплатени, а договорите за кои ќе се докаже дека се коруптивни, штетни и спротивни на јавниот интерес би можеле да бидат раскинати.

    За ЕКСПО посебно се проблематизира вклучувањето други инфраструктурни објекти во поширокиот инвестициски пакет. Тој го поставува прашањето дали е оправдано програмата поврзана со ЕКСПО да достигне речиси 18 милијарди евра. Имено, 17,8 милијарди евра е вредноста на поширокиот инвестициски план „Скок во иднината – Србија 2027“, а не само цената на изложбата. Во него се вклучени автопати, железници, комунална инфраструктура и други инвестиции.

    Сомневањата на јавноста не се поврзани само со високите трошоци, туку и со изборот на компаниите што добиваат работа. Во истражување објавено во јуни 2026 година, српскиот Центар за истражувачко новинарство (ЦИНС) идентификува повеќе од 200 компании вклучени во изградбата на комплексот, стадионот и придружните објекти.

    Меѓу нив открил и компании поврзани со луѓе блиски до тогашната власт, како и со соработници и роднини на лица од криминални кругови.

    Еден од наведените примери е „Макиш бетон“, компанија чиј мнозински сопственик, според ЦИНС, е сестра на Александар Видојевиќ, познат како Аца Рошави, лице поврзувано со кругови блиски до СНС. Истражувањето покажува дека оваа компанија остварила значителни приходи од работите поврзани со ЕКСПО.

    Дополнителен проблем е законската рамка. Организацијата „Транспарентност Србија“ предупредуваше дека посебните правила за ЕКСПО, со кои се заобиколува вообичаениот систем за јавни набавки, го зголемуваат ризикот од повисоки цени и недоволна конкуренција.

    ЕКСПО веќе се гледа како првиот голем тест за најавената политика на Студентската листа: да се продолжат меѓународно преземените обврски, но да се провери како и кому се доделувале договорите.

    „МОРАВСКИ КОРИДОР“ – ОД 943 МИЛИОНА ДО НАД ДВЕ МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    Еден од најконкретните примери за спорното зголемување на трошоците е автопатот „Моравски коридор“, кој ги поврзува Појате и Прељина, со должина од околу 112 километри.

    Проектот, што го реализираат американската компанија „Бехтел“ и турската „Енка“, првично бил проценет на околу 800 милиони евра. Комерцијалниот договор бил склучен во 2019 година, со вредност од 943 милиони евра, но со можност за дополнителни трошоци.

    Според податоците од Фискалната стратегија на Србија што ги анализирал Фискалниот совет, проценетата вредност во 2026 година достигнала околу 2,1 милијарда евра. Тоа е повеќе од двојно зголемување во однос на договорената цена.

    Меѓу причините што се наведувале за поскапувањето се пандемијата, војната во Украина, порастот на градежните трошоци и дополнителните работи. Но, Марко Милановиќ од Фискалниот совет во анализа за „Форбс Србија“, објавена на 29 октомври, предупредува дека овие околности сами по себе не го објаснуваат зголемувањето од повеќе од една милијарда евра.

    Владaн Кузмановиќ од Студентската листа за Форбс Србија најави дека „Моравски коридор“ ќе биде предмет на посебно преиспитување. Тој смета дека проблемот започнал уште при склучувањето на договорот, кога проектната документација не била доволно разработена за прецизно да се утврдат трошоците. запирањето на автопатот не е најавено. Според анализата на Фискалниот совет, до крајот на октомври проектот бил физички реализиран повеќе од 92 проценти, што го ограничува просторот за суштински измени.

    Друг голем проект што Студентската листа експлицитно го посочи за проверка е „Белград на вода“, кој од 2015 година го менува изгледот на српската престолнина.

    Проблемот не се однесува само на вредноста на изградените станови, деловни објекти и трговски центри, туку и на условите под кои државата го ставила на располагање земјиштето и ја финансирала придружната инфраструктура.

    Проектот е реализиран преку партнерство со инвеститор од Обединетите Арапски Емирати. Според анализата на „Транспаренси интернешнл“, приватниот партнер има 68 проценти, а Србија 32 проценти од сопственоста.

    Договорот предвидел долгорочен закуп на земјиштето од 99 години, додека државата презела значителни обврски за уредување на просторот и изградба на инфраструктурата.

    Клучното прашање е дали државните вложувања, земјиштето и преземените обврски се соодветно вреднувани во однос на користа што ја добива Србија.

    Но, „Белград на вода“ има и многу посериозна политичка и правна историја. Во ноќта меѓу 24 и 25 април 2016 година, група маскирани лица со градежни машини урна приватни објекти во белградската населба Савамала. Просторот бил поврзан со реализацијата на „Белград на вода“.
    Истрагата со години не утврди кој го организирал уривањето. Во април 2026 година, десет години по настанот, српските медиуми објавија дека надлежното обвинителство сè уште нема целосно утврдени околности за случајот.
    Студентската листа побара повторно активирање на истрагата за Савамала, како и проверка на финансиските текови поврзани со „Белград на вода“.
    АВТОПАТИТЕ „МИЛОШ ВЕЛИКИ“ И КОРИДОР 10: КОЈ Е ПАТОТ НА ПАРИТЕ?
    На првата постизборна конференција, одржана на 29 октомври, кандидатот на Студентската листа Јован Вујичиќ побара проверка на финансиските текови поврзани со автопатот „Милош Велики“ и Коридор 10. За разлика од „Моравски коридор“, за овие два инфраструктурни проекти засега не е објавен подеднакво конкретен план за ревизија на секој договор или секоја делница.
    Сепак, постојат финансиски прашања што веќе биле предмет на новинарски анализи.

    На пример, делницата Прељина – Пожега на автопатот „Милош Велики“ првично била договорена со кинеска компанија за околу 523,5 милиони долари. Подоцна, според анализата на „Форбс Србија“, нејзината проценета вредност пораснала на околу 633 милиони евра, а договорот претрпел осум измени, од кои пет се однесувале на корекции на цената.

    Ваквите промени не претставуваат автоматски доказ за корупција. Тие, меѓутоа, отвораат прашање дали дополнителните трошоци биле реално оправдани, како биле пресметани и дали државата имала доволно механизми да ги контролира.

    За Коридор 10, пак, најавата на Студентската листа првенствено се однесува на проверка на тековите на јавниот и приватниот капитал. Не се потврдени одлуки за запирање на сообраќајот или поништување на целиот проект.

    Случајот има и врска со трагедијата во Нови Сад. Според истражувањето што го објави Н1, компанијата ГАТ од Нови Сад, која била носител на работите за стадионот во Лесковац, била ангажирана и на реконструкцијата на железничката станица.

    Самото учество на иста компанија во повеќе проекти не докажува незаконитост, но ја нагласува потребата од проверка на изборот на изведувачите, нивните квалификации и контролата на квалитетот.

    АВТОПАТОТ БЕЛГРАД-ЗРЕЊАНИН-НОВИ САД И ЃЕРДАП 3

    Покрај проектите што Студентската листа официјално ги наведе за проверка, стручните анализи издвојуваат уште две крупни инвестиции чии трошоци значително се зголемиле.

    Првиот е автопатот Белград – Зрењанин – Нови Сад, за кој во 2023 година бил склучен договор вреден речиси 1,6 милијарди евра без ДДВ со кинеската компанија China Shandong.

    Интересно е што првичната идеја од 2018 година предвидувала побрза сообраќајница, со значително пониска проценета цена. Подоцна концептот бил променет во автопат со дополнителни инфраструктурни објекти.

    Поради тоа, првичната и конечната проценка не се директно споредливи. Сепак, Фискалниот совет смета дека треба да се утврди врз основа на какви економски анализи е избрана поскапата варијанта.

    Реверзибилната хидроелектрана „Ѓердап 3“ има проценета вредност од околу 1,4 милијарди евра во 2023 година пораснала на приближно 2,6 милијарди евра во 2025 година, иако проектот сè уште бил во фазата на подготовка на техничката документација. Марко Милановиќ од Фискалниот совет оценува дека токму овој проект е можност идната власт да покаже поинаков модел на планирање: економската оправданост, ризиците и трошоците да бидат испитани пред започнувањето на големите градежни работи.
    РИО ТИНТО И ЛИТИУМОТ
    На списокот на финансиски проверки што го претстави Студентската листа се најде и компанијата „Рио Тинто“, поврзана со проектот „Јадар“ за експлоатација на литиум во западна Србија. Тука, за разлика од автопатите, фокусот е на правата за експлоатација, одлуките на државните институции, влијанието врз животната средина и евентуалните финансиски и други обврски што ги презела државата.
    Проектот со години предизвикува протести, особено поради еколошките ризици. Во 2026 година неговиот статус остана предмет на спротивставени толкувања: дел од експертите тврдеа дека не е конечно напуштен, додека германската европратеничка Хилдегард Бентеле во февруари оцени дека е запрен, иако компанијата ги задржала правата поврзани со експлоатацијата.
    ПАДОТ НА НАТСТРЕШНИЦАТА ВО НОВИ САД ГО ОТВОРИ ПАТОТ НА ПРОМЕНИТЕ
    На 1 ноември 2024 година се урна бетонската натстрешница на реконструираната железничка станица во Нови Сад. Во трагедијата загинаа 16 лица. Настанот предизвика масовни протести, кои постепено прераснаа од барање одговорност за конкретната несреќа во пошироко движење против корупцијата и начинот на функционирање на институциите.
    Реконструкцијата била дел од проектот за модернизација на железничката инфраструктура, реализиран со учество на кинески компании. Но, со текот на истрагите, прашањето престана да биде само дали реконструкцијата била правилно изведена.
    Се отворија и сомневања за начинот на финансирање, изборот на подизведувачите, склучувањето дополнителни договори и контролата на трошоците.
    Во август 2025 година, српското Обвинителство за организиран криминал спроведе апсења на повеќе лица, вклучувајќи го и поранешниот министер за градежништво Томислав Момировиќ. Сомневањата се однесуваа на штета за буџетот од повеќе од 115 милиони долари во рамките на проектот за модернизација на железницата.
    Според обвинителските сомневања, дел од работите што веќе биле предвидени и платени во основниот договор биле дополнително наплатувани преку анекси како нови работи. Ова се наводи што треба да бидат докажани во судска постапка, а не правосилно утврдени факти.
    Во интервју за неделникот „Радар“, објавено на 17 октомври 2026 година, Владaн Кузмановиќ, кој бил член на независната анкетна комисија за Нови Сад, изнесе уште потешки обвинувања. Тој тврди дека комисијата, врз основа на анализирана документација, утврдила механизам преку кој државните договори, анексите и изборот на подизведувачи овозможувале неоправдано извлекување јавни средства.

    Според неговата оценка, проектот за модернизација на железницата бил преплатен за околу 700 милиони евра. Тоа е проценка на анкетната комисија и на Кузмановиќ, а не износ што судски е утврден како незаконски присвоен.

    Кузмановиќ обвинува и дека политичкото раководство влијаело врз забрзувањето на работите и изборот на изведувачите. Одговорноста на конкретни функционери, меѓутоа, треба да ја утврдат надлежните институции и судовите.

    ОД КАДЕ ПОТЕКНУВААТ СОМНЕЖИТЕ?

    Особено значајна е врската меѓу случајот Нови Сад и новите инфраструктурни проекти.

    Во истражување објавено на 22 октомври 2026 година, ЦИНС откри дека градежен инженер идентификувал повеќе од 270 грешки и недостатоци во проектната документација за дел од станбениот комплекс ЕКСПО.

    Меѓу нив биле и пропусти во пресметките на оптоварувањето на конструкцијата. Според експертите што ги консултирал ЦИНС, одредени недостатоци можеле да предизвикаат сериозни конструктивни проблеми.

    По предупредувањата биле направени исправки, но дел од консултираните стручњаци изразиле сомневање дали тие се доволни. Претставници на надзорот навеле дека измените биле одобрени со техничка контрола.

    Овие наоди не докажуваат дека објектите се небезбедни, но покажуваат зошто прашањето за независен инженерски надзор станало чувствително по трагедијата во Нови Сад.

    За да се разбере што сака да преиспита Студентската листа, треба да се погледне начинот на кој во изминатите години биле реализирани големите државни инвестиции.

    Во повеќе случаи биле донесувани посебни закони, познати како лекс специјалис, или биле користени меѓудржавни договори што овозможувале отстапување од вообичаените процедури за јавни набавки.

    Таквиот систем можел да обезбеди побрзо започнување на изградбата. Но, истовремено отворал ризик државата да избира изведувачи без доволна конкуренција, да потпишува договори со недоволно разработена проектна документација и дополнителните трошоци да ги утврдува преку подоцнежни анекси.

    Фискалниот совет на Србија посочува дека токму ваквите слабости се повторувале кај повеќе капитални проекти. Според неговата анализа, особено е проблематично кога државата презема големи финансиски обврски пред да ги дефинира обемот и цената на работите односно распределбата на јавните пари: кој одлучувал за инвестицијата, кој ги избирал главните изведувачи, кои домашни компании станувале подизведувачи и дали постоеле политички или деловни врски што влијаеле врз изборот.

    Досегашната власт на СНС ги отфрла обвинувањата за системска корупција. Вучиќ и неговата партија ја истакнуваа изградбата на инфраструктурата како еден од главните резултати на своето владеење, односно како предуслов за економски развој, нови инвестиции и подобра поврзаност на земјата.

    (Фото: рендериран приказ на комплексот ЕКСПО 2027, Белград)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично