Милијардите евра во банкарскиот систем се своевиден показ за високиот степен на доверба што го имаат граѓаните во домашните банки. Сметаат дека парите се на сигурно и се достапни веднаш кога ќе им затребаат. Но, што ако банката ја снема? Тоа е прашањето што најмногу ги интересира штедачите кога ќе се спомене можноста за пропаѓање на банка: дали парите исчезнуваат заедно со неа или постои заштита?
Заштита има. Но, не без ограничување.
Депозитите на населението се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, а максималното обесштетување изнесува до 30.000 евра во денарска противвредност, по депонент во една банка, филијала на странска банка или штедилница. Во овој износ влегуваат и главнината и пресметаната камата. Едноставно, ако некој има 12.000 евра во една банка и таа остане без дозвола за работа, целиот осигурен износ е покриен. Ако има 30.000 евра – и тие се покриени. Сепак, ако на сметката има 50.000 евра, Фондот гарантира до 30.000 евра, а за преостанатите 20.000 евра штедачот станува доверител и ги побарува од стечајната или ликвидациската маса на банката. Тој дел не е автоматски изгубен, но нема гаранција дека ќе биде наплатен во целост.
Една банка, еден лимит
Меѓутоа, ако едно лице има повеќе сметки во иста банка, тие не се осигуруваат секоја посебно до 30.000 евра. Сите негови депозити во таа банка се собираат и се третираат како еден. Од друга страна, ако штедач има пари во две различни банки, лимитот се применува одделно во секоја банка.
Осигурувањето ги опфаќа денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите поврзани со платежни картички и девизните приливи на физичките лица. Сите банки, филијали на странски банки и штедилници со дозвола за прибирање депозити се членки на Фондот и плаќаат премија за осигурување на депозитите.
Ако, пак, депонентот истовремено има и кредитни обврски кон банката, при утврдување на обесштетувањето депозитот се намалува за износот на задолженоста, согласно законските правила.
Исто така, не се обесштетуваат ниту сите видови депозити. Законот предвидува исклучоци, меѓу кои депозити со привилегирани каматни услови различни од јавно објавените, депозити на значајни сопственици на банката, членови на органите на управување и одредени поврзани лица, како и депозити поврзани со правосилно утврдено перење пари.
Заштитата како нужна мерка
Првиот Фонд за осигурување на штедни влогови е формиран во јануари 1997 година како акционерско друштво на банките и штедилниците. Првичниот лимит за обесштетување беше значително понизок – денарска противвредност на 7.500 германски марки.
Само неколку месеци подоцна, на 7 март 1997 година, се случи една од најголемите и најтешки финансиски афери, пропаста на битолската штедилница ТАТ. Повеќе од 12 илјади штедачи останаа без своте пари, во износ од 120 милиони марки што денес е соодветно на сума од околу 60милиони евра.
ТАТ не беше единствениот таков случај, но поради огромниот број оштетени штедачи, загубените животни заштеди и долготрајните последици за илјадници семејства, остана најсилниот симбол на финансиските потреси од транзицијата. И токму тие неколку примери со штедилниците и нарушената доверба во финансискиот систем ја нагласија потребата од посигурна и институционализирана заштита на штедачите.
Во 2000 година системот добива нова форма. Со Законот за Фондот за осигурување на депозити, дотогашното акционерско друштво се трансформира во Фонд во државна сопственост. Оттогаш функционира како државна институција.
Од 7.500 марки до 30.000 евра
Со текот на годините се менува и лимитот на заштита. Од почетните 7.500 германски марки, покритието постепено се зголемувало. Од 2010 година важи сегашното решение според кое депозитите на физичките лица се обесштетуваат до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент во една банка.
За споредба, во Европската Унија стандардното ниво на гарантирање депозити е 100.000 евра.
Според важечкиот Закон, кога ќе биде донесено конечно решение за одземање на дозволата на банка, филијала на странска банка или штедилница, Фондот го пресметува износот што му следува на секој осигурен депонент.
Воедно, Фондот треба да почне со исплата на обесштетувањето во рок од 20 дена од конечноста на решението за одземање на дозволата, со можност во исклучителни околности рокот да се продолжи за најмногу уште десет дена.
Фонд за заштита на депозити и фонд за решавање банки
Предложените измени на Законот за Фондот за осигурување на депозити, кои се во собраниска процедура, предвидуваат Фондот во иднина да управува со две одделни финансиски целини – фонд за заштита на депозити и фонд за решавање банки.
Првиот ќе остане наменет за заштита и обесштетување на штедачите. Вториот ќе служи за финансирање на мерки кога банка ќе западне во сериозни проблеми, а за користењето на тие средства ќе одлучува Народната банка во согласност со Законот за решавање банки.
За штедачите е најважно што лимитот од 30.000 евра нема да се менува. Новина е што се дава рок во кој можат да се повлечат парите од обесштетувањето. Со измените се предлага правото на исплата од Фондот да престане по пет години од конечноста на решението со кое банката ја губи дозволата за работа. Ако тоа не се случи, парите ќе се вратат во Фондот за заштита на депозити. Исклучок ќе има за средствата за кои постои право на наследство.
Фондот мора да има резерва, односно се задржува правилото според кое средствата со кои располага треба да изнесуваат најмалку 4 проценти од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците.
Јасно е – кога се штеди, не е доволно да се гледаат само каматните стапки. Добро е да се знае и до каде се протега заштитната мрежа под нашите пари.
M.A.
(Фото: Jakub Żerdzicki on Unsplash)
Аналитика








