
Инфлацијата е стабилизирана, девизниот курс останува стабилен, но неизвесностите на светските пазари, особено можните нови поскапувања на енергенсите, и натаму претставуваат ризик за македонската економија. Ова се дел од прашањата што биле во фокусот на средбата меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Бо Ли, одржана во рамки на Годишните средби на ММФ и Светската банка во Бангкок, Тајланд.
Во разговорите било посочено дека навремените мерки на Народната банка придонеле за стабилизирање на инфлацијата, зачувување на стабилниот курс на денарот и зголемување на отпорноста на домашната економија. Сепак, глобалните економски и геополитички случувања бараат внимателно следење, особено поради можноста промените на цените на енергенсите да се пренесат и врз домашните цени.
За мала и отворена економија како македонската, ваквите надворешни влијанија се особено значајни. Токму затоа, на средбата било нагласено дека монетарните одлуки треба да се носат внимателно, врз основа на релевантни податоци и стручни анализи.
Покрај актуелните економски предизвици, значаен дел од разговорите бил посветен и на независноста на централната банка. Било истакнато дека јасно дефинираниот законски мандат, транспарентноста и отчетноста се неопходни за доследно спроведување на монетарната политика и зачувување на ценовната стабилност.
Особено била нагласена важноста на довербата во Народната банка, бидејќи кај економиите што применуваат стратегија на стабилен девизен курс, кредибилитетот на монетарната институција има клучна улога и во обликувањето на очекувањата за идната инфлација.
На средбата се разговарало и за досегашните активности за подобрување на транспарентноста и комуникацијата на Народната банка со јавноста. Во таа насока, била истакната соработката со ММФ преку примената на Кодексот за транспарентност на централните банки, кој овозможува оценување на постојните практики и утврдување области за нивно понатамошно унапредување.
Славески и Бо Ли ја потврдиле определбата за продолжување на соработката меѓу Народната банка и ММФ, преку советодавна поддршка, техничка помош и јакнење на институционалните капацитети.
Аналитика








