Предлогот на Стопанската комора бројот на неработни денови индиректно да се сведе на 13 и да не се префрла слободниот ден во понеделник кога празникот паѓа во недела отвори жестока јавна расправа. Одговор експресно стаса и од премиерот Христијан Мицкоски, кој е на став дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат, додека синдикатите и претставници на граѓанскиот сектор предупредуваат дека економската ефикасност не треба да се бара преку кратење на слободното време на работниците.
Кај Македонската православна црква – Охридска архиепископија темата е особено чувствителна бидејќи предлогот директно ги засега петте дополнителни неработни дена што сега ги имаат православните верници: Бадник, Богојавление – Водици, Велики Петок, Духовден и Успение на Пресвета Богородица. Во јавноста веќе се појавија реакции и анализи од црковни кругови со кои се оспорува тезата дека Македонија има невообичаено многу верски празници во споредба со православните и другите европски земји. Заклучокот во анализата објавена на Religija.mk е дека земјата „не отстапува со невообичаено голем број верски неработни денови“.
„Празникот како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните, несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата“, го искажаа својот став од МПЦ-ОА, во изјава за „Слободен Печат“.
ССМ: ПРАЗНИЦИТЕ НЕ СЕ ПРОБЛЕМОТ
Најостро реагираше Сојузот на синдикатите на Македонија. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, смета дека работниците имаат право да ги празнуваат своите верски и државни празници и дека дебатата треба да биде насочена кон условите за работа, а не кон намалување на слободните денови.
Трендафилов поставува и прашање зошто, во време кога во Европа се разговара за пократко работно време и четиридневна работна недела, во Македонија се предлага спротивното – повеќе работни денови.
ССМ дополнително смета дека зад барањето има и финансиски интерес на работодавачите, бидејќи работата на празник подразбира повисок надоместок за работникот.
„АКО СЕ СПОРЕДУВАМЕ СО ЕВРОПА, ДА СЕ СПОРЕДУВАМЕ ЗА СЕ“
На предлогот реагираше и Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Нејзиниот аргумент е дека европските споредби не можат да завршат само кај бројот на празници. Ако Македонија сака да се споредува со Европа, според неа, треба да се споредуваат и платите, плаќањето на прекувремена работа, работата на празник и заштитата на работниците. „Кога веќе Стопанската комора реши да нè споредува со Европа… ајде тогаш да се споредиме со Европа до крај.“
Ампева посочува и дека собирањето на сите 27 празници создава погрешен впечаток, бидејќи тие не ги користи секој работник – 11 важат за сите, а останатите за конкретни верски и етнички заедници.
Против иницијативата се изјасни и Левица, која оценува дека работничкото право не треба да се третира како економски трошок и дека намалувањето на празниците би значело намалување на веќе стекнати права.
Реагираше и пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за труд Јована Тренчевска, која исто така го критикува предлогот за кратење на неработните денови.
ШТО ТОЧНО ПРЕДЛАГА СТОПАНСКА КОМОРА?
Предлогот има две главни точки.
Првата е празник што паѓа во недела повеќе да не се префрла во понеделник. Во 2026 година, на пример, 24 мај, 2 август и 11 октомври паѓаат во недела и според сегашниот закон следниот ден е неработен. Комората сака тоа правило да престане да важи.
Втората е секој работник, покрај 11-те неработни денови што важат за сите граѓани, при вработувањето да избере уште само два дена од празниците што важат за неговата верска или етничка заедница.
На тој начин максималниот број неработни денови по работник би бил 13 годишно.
Според проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови. Веднаш реагираа и претставниците на синдикатите, кои се спротивставија на дадениот предлог, со кој би се намалиле празниците за работниците.
Димовска изјави дека честите прекини на работниот процес создаваат организациски и финансиски трошоци, влијаат врз продуктивноста и го отежнуваат планирањето во компаниите.
Комората направила споредба со 36 европски економии. Според нивната анализа, во речиси 70% од нив бројот на државни празници и неработни денови е меѓу 11 и 14, а во повеќе од половина од земјите празникот што паѓа за време на викенд не се префрла автоматски во следниот работен ден.
Освен тоа, Димовска посочува дека продолжените викенди често се користат за патувања во соседните земји, па дел од парите што би можеле да се потрошат во домашната економија завршуваат во странство.
Најмногу реакции, сепак, предизвика нејзината оценка дека дел од граѓаните верските празници повеќе ги гледаат како можност за продолжен викенд отколку како денови што навистина ги празнуваат. „Граѓаните не ги знаат верските празници, сакаат само да си спојат за викенд.“
Тоа дополнително ја префрли дебатата од чисто економско прашање кон прашања за верата, традицијата и правото на работниците сами да одлучуваат како ќе го користат слободното време.
Комората најави дека своите предлог-измени ќе ги достави до Министерството за економија и труд. Потоа би требало да следи институционална расправа, а евентуална промена на Законот за празниците на крајот би морала да добие поддршка во Собранието.
Аналитика








