
Македонија постепено излегува од позицијата на земја што е крајна точка во енергетските текови и се обидува да стане дел од поширок регионален коридор што ќе ги поврзе Егејот, Западен Балкан и Централна Европа. Новите гасни интерконектори со Грција и Србија се клучниот дел од таа промена, а паралелно се отвораат и можности за нови правци за транспорт на нафтени деривати, електрична енергија и во иднина – водород.
Ова беше една од главните теми на вториот состанок на министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, што се одржа во Белград, а на кој учествуваше министерката Сања Божиновска.
Најконкретниот проект во моментов е гасното поврзување на Македонија со Грција и Србија. Интерконекторот Македонија–Грција е веќе во изградба, при што грчкиот дел треба да биде завршен до крајот на 2026 година, а македонскиот во 2027 година. Во Србија, пак, веќе се испорачани првите цевки за идната врска со Македонија и во следниот период треба да почне нивното поставување.
Кога двете врски ќе бидат функционални, Македонија ќе добие нов правец за снабдување со природен гас од југ, вклучително и пристап до LNG преку терминалот во Александруполис. Истовремено, преку врската со Србија, гасот ќе може да продолжи кон север, што ѝ дава на земјата потенцијално поголема транзитна улога.
Македонија и Србија веќе се приклучуваат и кон таканаречениот „Вертикален гасен коридор“, регионална иницијатива чија цел е подобро поврзување на гасната инфраструктура од Грција кон Централна и Источна Европа.
На состанокот се разговарало и за можноста сегашните и идните гасни капацитети во перспектива да се користат за транспорт на водород, како дел од пошироката енергетска транзиција.
Но разговорите во Белград не биле ограничени само на гасот.
Министрите ја разгледале и подготвеноста на електропреносните системи за претстојната зима, можностите за прекугранична размена на струја, развојот на обновливите извори, батериските системи и реверзибилните хидроелектрани. Фокусот е ставен на поголема флексибилност на системот, особено во услови на раст на соларните и ветерните капацитети во регионот.
Разговарано било и за понатамошно поврзување на пазарите на електрична енергија од земјите на Енергетската заедница со пазарите на Европската Унија, што треба да овозможи полесна прекугранична трговија и поголема сигурност во снабдувањето.
Дополнително, на маса бил и потенцијалниот развој на југоисточниот крак на системот на нафтоводи по трасата Солун–Скопје–Ниш. Доколку се реализира, Србија преку Македонија би добила дополнителна врска со пристаништето и енергетската инфраструктура во Солун.
Министрите разговарале и за декарбонизацијата на Западен Балкан и за влијанието на европскиот CBAM механизам, при што била нагласена потребата земјите од регионот да добијат соодветна финансиска и институционална поддршка од ЕУ во процесот на приспособување.
За Македонија, суштината на овие проекти е јасна: повеќе правци за снабдување, помала зависност од еден извор и поголема улога во регионалниот транспорт на енергија.
Вториот состанок во Белград покажа дека четирите земји сакаат регионалното поврзување да премине од политички договори во конкретна инфраструктура – со нови интерконектори, посилни мрежи и поголема меѓусебна зависност на енергетските пазари.
Аналитика








