Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека го оценува ризикот по јавното здравје во Русија како низок, по извештаите дека еден лабораториски техничар починал од чума.
Извештаите дека пневмонична чума предизвикала смрт кај 28-годишната Дарја Шипилова, која работела во институтот за борба против чума во регионот Иркутск во Сибир, предизвикаа загриженост.
„Првичната проценка на ризикот од страна на СЗО, врз основа на достапните информации, го дефинира ризикот како умерен до низок за Иркутск, низок за Руската Федерација во целина и многу низок за европскиот регион на СЗО“, изјави портпаролот на здравствената агенција на ОН, Кристијан Линдмаер.
„Почина жена која работеше во лабораторија во областа Иркутск, а властите испитуваат дали пневмоничната чума е причината за нејзината смрт“, рече тој на брифинг за новинарите во Женева.
Шипилова работела во институт што проучува опасни патогени во дел од Сибир каде што чумата природно се јавува кај дивите животни, изјави портпаролот.
„Болеста првично се манифестираше како типична акутна респираторна вирусна инфекција“, рече тој.
Линдмаер изјави дека руските власти ги идентификувале лицата со кои таа била во контакт и ги следеле. „Според резултатите од тестовите, кај ниту едно од лицата со кои таа била во контакт не се откриени патогени на опасни заразни болести“, рече тој. „СЗО внимателно ја следи ситуацијата, соработувајќи со седиштето за да ги информира другите земји“, и е подготвена да им помогне на руските власти доколку тие побараат помош.
РУСИЈА ЈА МИНИМИЗИРА ОПАСНОСТА ОД ЧУМА
Русија се обиде да ги минимизира извештаите дека Шипилова починала од чума, иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата и понуди помош.
„Многу сериозно го разгледуваме ова, штотуку слушнавме за тоа“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, одговарајќи на прашањето што ќе преземе Вашингтон во врска со ризикот од чума што доаѓа од Русија. „Ќе им помогнеме, ќе им помогнеме колку што можеме.“
Рускиот информативен портал „Луѓето од Бајкал“ (People of Baikal), повикувајќи се на неименувани извори блиски до регионалните безбедносни служби, објави дека Шипилова можеби се заразила со пневмонична чума преку скршена епрувета. Други медиуми известија за можна поврзаност помеѓу нејзината смрт и лабораториска несреќа во објектот.
Дури 200 лица со кои таа можеби имала контакт биле ставени во карантин, додаде медиумот „People of Baikal“, без да наведе дополнителни детали.
Сепак, руските власти нагласија дека тестовите извршени по смртта не ја откриле болеста.
Гувернерот на регионот Иркутск, Игор Кобзев, изјави дека инспекцијата спроведена од специјална експертска комисија во регионот утврдила оти „причината за смртта била пневмонија со недефинирана етиологија“.
Тој на „Телеграм“ соопшти дека руската служба за заштита на потрошувачите и јавното здравје, „Роспотребнадзор“, по спроведените тестови утврдила оти „во нејзините биолошки примероци не се пронајдени микроорганизми поврзани со професионалната работа на младата жена“.
Тој додаде дека по смртта на жената „немало нови случаи на вработени од институтот за борба против чума кои побарале медицинска помош“.
Кобзев изјави дека санитарно-епидемиолошката состојба во Иркутск е „стабилна“.
„Ситуацијата останува под наша контрола и под контрола на експертите.“
Кога вчера беше прашан за ситуацијата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им порача на новинарите „да се потпрат на официјалните изјави на ’Роспотребнадзор‘, а не на… гласини и шпекулации“.
Чумата е бактериска болест која може да се појави во неколку форми, вклучително и пневмонична чума, која е најзаразниот тип и може да се пренесе преку респираторниот систем. Бубонската чума се пренесува преку заразени болви.
Според Светската здравствена организација, пневмоничната чума може да биде фатална доколку не се лекува навреме.
Извештаите внимателно ќе се следат во Вашингтон, каде што сè уште се свежи сеќавањата на пандемијата на Kовид-19, која започна за време на првиот мандат на Трамп.
Трамп силно ја поддржуваше теоријата дека болеста настанала како последица на истекување од лабораторија во Вухан, Кина.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека неговата земја ја следи ситуацијата во Русија, но не гледа „причина за загриженост“. „Очигледно е дека патувањата меѓу САД и Русија се многу ограничени, но како и со сè друго, ако такво нешто излезе на виделина, може брзо да се прошири“, изјави Рубио за новинарите пред да замине во посета на Исланд.
„Затоа внимателно ја следиме ситуацијата. Не сметам дека има причина за тревога, но секако треба да се посвети внимание и состојбата да се следи. Токму тоа и го правиме.“
Според експертите, реакцијата за која се известува во Русија делува „пропорционално“. „Се чини дека се спроведуваат мерки за ставање во карантин на сите потенцијални контакти и за спречување на понатамошно ширење“, изјави во својот коментар Малик Гибани, клинички вонреден професор по бактериска вакцинологија на Империјалниот колеџ во Лондон, објави РТЕ.
Аналитика








