ПОВЕЌЕ

    Македонија ќе го истражува подземниот потенцијал: Во фокус геотермалната енергија и критичните минерали

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија ќе се обиде многу попрецизно да утврди со каков геотермален и минерален потенцијал располага, а дел од истражувањата би можеле да вклучат и длабинско бушење. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип подготвуваат заеднички иницијативи за истражување на геотермалните ресурси, критичните минерални суровини и домашните геолошки потенцијали, со можност во проектите да бидат вклучени и европски партнери.

    Една од главните можности што се разгледува е заедничко учество на повик од програмата „Хоризонт Европа“, насочен кон процена на ресурсите во длабоки седиментни и други длабински резервоари. Идејата е да се формира меѓународен конзорциум во кој, покрај домашните институции, би учествувале и странски партнери со искуство во геолошки и геотермални истражувања.

    Преку ваков проект би се анализирале постојните геолошки и геофизички податоци, би се спровеле лабораториски испитувања и моделирања, а доколку техничките и проектните услови го дозволат тоа, предвидено е и истражувачко бушење. Со него би можело да се добие геолошко јадро што понатаму би се користело за научни анализи и попрецизно утврдување на геотермалниот потенцијал на земјата.

    Паралелно со геотермалната енергија, во фокусот влегуваат и критичните минерални суровини, чија важност расте со развојот на енергетиката, новите технологии и современата индустрија. На состанокот било разгледано изработување посебна Програма за истражување на критичните минерални суровини, со која би се утврдиле приоритетните области и идните активности за истражување на нивниот потенцијал во Македонија.

    Во оваа работа треба да бидат вклучени и научните и стручните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.

    Меѓу темите на состанокот се нашол и Сивец, препознатливата домашна минерална суровина. Разгледана е можноста да се испитаат условите за негова дополнителна заштита и поголема препознатливост преку географска ознака.

    Истовремено се планира и подготовка на Каталог на минералните суровини, во кој на едно место би биле систематизирани расположливите информации за домашните минерални ресурси и нивниот потенцијал. Намерата е геолошките информации да станат попрегледни и подостапни, а каталогот во иднина да служи како основа за нови истражувања, планирање и промоција на минералниот потенцијал на државата.

    За реализација на овие иницијативи ќе биде потребна поблиска соработка меѓу Министерството, Геолошкиот завод, Универзитетот „Гоце Делчев“ и други научни и стручни институции, како и поголемо вклучување во европските програми за истражување и развој.

    Во однос на „Хоризонт Европа“, договорено е да започне подготовка на заеднички проектен концепт и паралелно да се бараат соодветни странски партнери. Како можни партнери биле разгледувани геолошки и стручни институции од Хрватска, Словенија и Германија.

    Со овие иницијативи се отвора можност домашниот геолошки потенцијал да се истражува посистематски, а геотермалната енергија и критичните минерални суровини да добијат поголемо место во долгорочното планирање на енергетскиот и минералниот развој на земјата.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично