ПОВЕЌЕ

    MicroBalkans 2026: Небанкарското кредитирање расте со 22,3% годишно, банкарското со 9,6%

    Време зa читање: 5 минути

    Кредитирањето преку небанкарските финансиски и лизинг-компании во Македонија во периодот од 2020 до 2025 година растело со просечна годишна стапка од 22,3 отсто. За споредба, кредитирањето од банките кон домаќинствата и нефинансиските компании во истиот период растело во просек за 9,6 отсто годишно.

    Овие бројки ги посочи гувернерот на Народната банка, проф. д-р Трајко Славески, на отворањето на регионалната конференција MicroBalkans 2026 – Lending Reimagined, што се одржува во Скопје и ја отвори дебатата за тоа како ќе изгледа кредитирањето во следната деценија.

    Иако уделот на небанкарското кредитирање преку финансиските и лизинг-компаниите сè уште е релативно мал – околу 2,5 отсто од финансискиот систем, динамиката на раст покажува дека овој сегмент добива сè поголемо значење. Особено за клиентите кои потешко доаѓаат до финансии преку класичните банкарски канали – домаќинствата, самовработените и малите бизниси.

    Токму прашањето како да се обезбеди полесен, побрз, но истовремено и поодговорен пристап до капитал е во фокусот на MicroBalkans 2026. Конференцијата собра претставници на финансискиот сектор, инвеститори, финтек-компании, регулатори и бизнис-заедницата од Западен Балкан и Европа, а темите се движат од дигиталното кредитирање и новите извори на капитал до регулативата, довербата и заштитата на клиентите.

    За некого мал кредит, за друг – нова машина и нов пазар

    Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, вели дека токму малите компании се еден од сегментите каде микрокредитирањето има особено значење.

    Според него, износ што од една перспектива може да изгледа мал, за еден претприемач може да значи нова машина, нова инвестиција или можност за проширување на пазарот.

    Малите компании, објасни Јошевски, често немаат можност да обезбедат класична хипотека или се на самиот почеток од развојот на бизнисот. Затоа моделите на микрофинансирање не се потпираат исклучиво на традиционалниот пристап кон обезбедувањето.

    Гледаме можност во бизнисот, а не само обезбедувањето на хипотеката“, посочи тој.

    Јошевски оцени дека микрокредитирањето во земјава во последните две до три години бележи годишни стапки на раст од околу 17 до 20 отсто.

    Но, неговата централна порака од конференцијата е дека растот сам по себе не треба да биде цел.

    Не треба да се фокусираме да кредитираме само повеќе, туку треба да кредитираме подобро“, порача Јошевски.

    Брзината не смее да оди на сметка на одговорноста

    Дигитализацијата веќе значително го менува процесот на кредитирање. Кај дел од финансиските компании одлуките повеќе не се носат по повеќедневни процедури, туку во текот на истиот ден, а понекогаш и за неколку часа.

    Но, поголемата брзина носи и поголема потреба од јасни правила.

    Токму на овој дел се задржа и гувернерот Славески. Неговата порака беше дека технологијата не ги укинува старите ризици: кредитниот ризик останува кредитен ризик, без разлика дали заемот е одобрен во филијала или преку дигитална платформа, а оперативниот ризик постои и кога одлуките ги носат луѓе и кога во процесот се користат алгоритми.

    Паралелно со тоа се појавуваат и нови ризици, особено во областа на сајбер-безбедноста.

    Оттука, според гувернерот, развојот на новите модели мора да биде проследен со транспарентност, заштита на потрошувачите и регулатива заснована врз ризикот, без создавање простор за регулаторна арбитража меѓу различни типови финансиски институции. Иновацијата треба да го подобрува квалитетот на финансиското посредување, а не само неговата брзина и обем.

    Групното финансирање во Македонија сè уште на почеток

    Една од алтернативите за финансирање што се отвори како тема е и краудфандингот (групно финансирање).

    Според Јошевски, овој модел во Македонија сè уште е на самиот почеток и е многу малку развиен. Причината ја гледа и во ризичноста на компаниите кои вообичаено први бараат капитал преку ваквите модели.

    Во раната фаза, рече тој, почесто влегуваат бизнис-ангели и инвеститори подготвени да преземат поголем ризик. Дури откако компаниите ќе го докажат бизнис-моделот, може да се отвори поголем простор и за вклучување на традиционалниот банкарски сектор.

    Иновација, но со доверба

    На конференцијата беше нагласена и пошироката потреба финансиската иновација да оди паралелно со дигиталната инфраструктура и довербата.

    Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски порача дека дигиталната трансформација и финансиската иновација треба да се движат заедно, со сигурна инфраструктура и јасни правила, додека претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, акцентот го стави на потребата компаниите да имаат поголем избор на извори на финансирање, поголема флексибилност и услови за инвестиции и раст.
    Заедничкиот именител на првиот ден од MicroBalkans 2026 е затоа прилично јасен: прашањето повеќе не е само колку кредити ќе се одобрат, туку кому ќе стигнат, колку брзо, под какви услови и каква економска вредност ќе создадат.

    Или, сведено на пораката што неколкупати се повтори во Скопје – иднината не е само во повеќе кредитирање, туку во подобро кредитирање.

    MicroBalkans 2026 продолжува на 25 септември со теми поврзани со регулативата, дигиталната трансформација, одговорното управување со наплатата и развојот на финансискиот сектор во регионот.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично