
На 16 септември во Скопје Мериот Хотел, Finelevate Digital Summit 2026 ќе ги обедини регулаторите и претставниците на клучните институции од финансискиот сектор и технолошката индустрија за да ги отвори прашањата што веќе ја обликуваат иднината на банкарството, осигурувањето и финансиските услуги.
Организаторите најавуваат тематски богата програма, со посебен фокус на три клучни панели на кои ќе се посвети внимание на дигиталниот идентитет и интероперабилноста, новите кориснички очекувања и довербата во ерата на вештачката интелигенција.
„Целата програма на Finelevate Digital Summit 2026 е составена многу внимателно, така што секое обраќање ќе донесе нова вредност за учесниците и воедно ќе придонесе кон градењето јасна слика каде се наоѓаме денес и кон што треба да целиме во блиска иднина. Оттаму, целта на трите панели е да ја постават дискусијата таму каде што денес се носат најважните одлуки, на точката во која се сретнуваат технологијата, институциите, регулативата и реалните потреби на клиентите,“ вели Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate.

Панел 1: Темелите на дигиталната трансформација – еИД, доверливи услуги и интероперабилност
Учесниците на првиот панел ќе зборуваат за улогата на државната дигитална инфраструктура, јавните регистри и давателите на доверливи услуги во развојот на безбедни, целосно дигитални и прекугранични финансиски услуги.
Посебен акцент ќе биде ставен на електронската идентификација на граѓаните, но и на сè уште недоволно развиениот дигитален идентитет за правните лица. Ќе се дискутира за можностите за далечинско отворање деловни сметки, дигитално кредитирање, електронски овластувања, квалификувани електронски потписи и печати, како и за пристап до проверени податоци од официјалните регистри.
Оваа панел дискусија ќе ја модерира Васко Кроневски, извршен директор на Nextsense, а меѓу учесниците во разговорот се Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Ана Шаренац, раководителка на Дигиталниот дистрикт при Канцеларијата за ИТ и е-Управа на Србија, како и претставник на Централниот регистар.
Панел 2: Повеќе од банкарство – иднината на кориснички ориентираните финансиски услуги
Вториот панел на присутните ќе им открие како технологијата, плаќањата, кредитирањето, осигурувањето и дигиталната трговија се поврзуваат во едно интегрирано корисничко искуство. Ќе се разговара за тоа како инвестициите во технологија и трансформација да се претворат во поедноставни, подостапни и персонализирани услуги, но и како да се постигне рамнотежа меѓу иновациите, финансиската инклузија, регулативата и одржливиот деловен модел.
Панелот ќе го модерира проф. д-р Ежени Брзовска, редовна професорка на Катедрата за маркетинг при Економскиот факултет – Скопје, УКИМ. Меѓу потврдените учеснички се Филомена Пљаковска-Аспровска, извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на CaSys, и д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Панел 3: Аспектот на доверба во дигиталните финансии: ВИ, сајбер-безбедност, управување со ризици од измама и управување со податоци
Третиот панел ќе отвори едно од најважните прашања за финансискиот сектор – како институциите да ги користат вештачката интелигенција, автоматизацијата и напредната аналитика, без да ги загрозат безбедноста, усогласеноста, транспарентноста и довербата на клиентите.
Дискусијата ќе опфати и одговорно управување со ВИ, заштита на чувствителните податоци, ризици поврзани со cloud-технологиите и надворешните добавувачи, следење на перформансите и пристрасноста на моделите, како и подготовка за новите европски регулаторни рамки.
Модератор на панелот ќе биде проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ. Во дискусијата ќе учествуваат Горан Јанковски, главен супервизор за информативни системи во Народната банка, Филип Симеонов, извршен директор на Tessa Security и Иле Ристов, директор за продажба во Intec System.
Повеќе информации за програмата и можностите за учество се достапни на официјалната веб страница: https://finelevate360.com
Аналитика








