ПОВЕЌЕ

    Елена Петрова: Поголеми јавни приходи без повисок даночен товар за чесните обврзници

    Време зa читање: 7 минути

    Зголемувањето на даночните стапки не е вистинскиот пат за обезбедување поголеми јавни приходи, бидејќи тоа би значело дополнителен товар за граѓаните и компаниите што редовно и одговорно ги плаќаат своите обврски. Просторот за повисоки и постабилни буџетски приходи треба да се бара во подобра даночна усогласеност, проширување на даночната база, поефикасна борба против неформалната економија и многу поголемо користење на дигитализацијата и податоците.

    Ова се согледувањата на директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, која учествуваше на вториот панел во рамките на „Охрид 2026“, посветен на едно од најчувствителните прашања за јавните финансии во регионот – колкав дел од приходите останува ненаплатен и како да се намалат даночниот јаз и просторот за неформалната економија.

    Според Петрова, за одржлив раст на јавните приходи се потребни три клучни фактори: едноставно исполнување на даночните обврски, попаметна и подобро насочена даночна администрација и фер деловно опкружување во кое ќе се стеснува просторот за сивата економија.

    „Зголемувањето на даночните стапки ќе води само кон создавање поголем товар на оние даночни обврзници, компании и граѓани кои секако редовно и одговорно ги плаќаат своите даноци. Затоа, за зголемување на даночните приходи и генерално на јавните приходи, треба да обезбедиме други модели, кои ќе овозможат одржлив, долгорочен и стабилен раст на приходите, без создавање дополнителен товар на чесните даночни обврзници“, рече Петрова.

    Оттука, како што нагласи, формулата за поголеми приходи и поголем фискален простор треба да се бара пред сè во подобрување на даночната усогласеност и во проширување на даночната база.

    Првиот предуслов, според директорката на УЈП, е исполнувањето на даночните обврски да биде што е можно поедноставно.

    „Исполнувањето на даночните обврски не треба да им создава ниту административен, ниту каков било друг товар на даночните обврзници, за тие да мора да прават дополнителни трошоци или да трошат време за да можат да ги разберат и правилно да ги исполнат своите обврски“, посочи Петрова.

    Обврска на даночната администрација, додаде таа, е да обезбеди јасни правила, едноставни процедури, достапни услуги и соодветна поддршка. Како примери ги посочи електронското поднесување даночни пријави, кое во Македонија датира од 2006 година како доброволно, а од 2013 година и како задолжително, системот за пријавување на данокот на личен доход и придонесите, како и однапред пополнетите годишни даночни пријави за граѓаните.

    „Имаме модели и начини на кои создаваме лесни процедури за пресметување и пријавување на даночните обврски“, рече Петрова, нагласувајќи дека следната фаза е многу подлабока дигитална поврзаност меѓу системите на компаниите и даночната администрација.

    Петрова укажа дека новите технологии го менуваат и самиот модел на функционирање на даночните администрации. Таа се повика на новите концепти на ОЕЦД – Tax Administration 2.0 и Tax Administration 3.0, кои предвидуваат сè поголема интеграција меѓу деловните системи на даночните обврзници и системите на даночните администрации.

    „Ако досега имаме електронско поднесување пријави како процес кој треба да го сметаме за лесен и едноставен за даночните обврзници, сега веќе преминуваме од електронски обрасци и електронски пријави кон размена на податоци која се врши директно од системите на обврзниците кон системите на даночната управа“, посочи Петрова.

    Таквиот пристап, според неа, овозможува даночните правила практично да бидат вградени во самите деловни процеси. Како еден од најважните идни примери го посочи системот за е-фактура.

    „Даночните обврзници, при формирањето на документите за своите деловни трансакции и секојдневното работење, воедно ќе исполнуваат и дел од своите даночни обврски, односно ќе ги доставуваат податоците до даночната администрација“, објасни Петрова.

    Крајната цел е податоците што ќе ги добива УЈП да можат да се користат и за изработка на однапред пополнета даночна пријава за ДДВ.

    Вториот важен фактор за подобра наплата, според Петрова, е поефикасното користење на ресурсите на самата даночна администрација.

    „Треба да имаме попаметна даночна администрација, односно паметно и ефикасно користење на ресурсите. Сите се соочуваме со предизвици во поглед на човечките капацитети и другите ресурси и сите ќе се согласиме дека немаме и не можеме да имаме инспектор за секоја фирма“, нагласи таа.

    Поради тоа, УЈП не треба да настојува да ја контролира секоја компанија, туку да ги идентификува и контролира даночните ризици.

    „Мерката не треба да биде контрола на секоја фирма, туку да ги контролираме даночните ризици. Треба да знаеме каде се ризиците и таму каде што постои ризик од загуба на даночни приходи да ги насочиме нашите ресурси и нашите мерки“, рече Петрова.

    Притоа, мерките не мора секогаш да значат инспекциска контрола. На располагање се и превентивни и таканаречени „меки“ мерки – информирање, потсетување и подобрување на знаењето и свесноста на даночните обврзници.

    Во тој процес, освен човечките ресурси, сè поважна улога имаат податоците.

    „Податоците се стратешки ресурс на даночната администрација“, потенцира Петрова.

    Со анализа на ефективните даночни стапки и други показатели, според неа, може многу попрецизно да се утврди во кои области и дејности постои најголем ризик од губење даночни приходи. Таквата анализа треба да овозможи и проценка на големината на ризикот – колкав е секторот, колку компании работат во него, колку приходи генерира и колкав би можел да биде фискалниот ефект.

    „Така ќе знаеме каде да ги насочиме нашите луѓе и со какви мерки“, вели директорката на УЈП.

    Третиот столб е создавањето фер и праведно деловно опкружување и намалувањето на неформалната економија.

    Според Петрова, сивата економија не значи само директно губење буџетски приходи, туку создава и нелојална конкуренција за компаниите што работат во формалниот сектор.

    „Неформалната економија не само што води кон директна загуба на буџетски приходи, туку има и индиректни негативни влијанија врз сите други субјекти во формалниот сектор кои се изложени на таа нелојална конкуренција“, нагласи таа и предупреди дека може негативно да влијае и врз даночниот морал кај оние што досега редовно ги исполнувале своите обврски.

    Токму затоа борбата против сивата економија не може да биде задача само на УЈП.

    „Потребна е поврзаност и соработка со сите други институции во системот кои имаат свои надлежности, одговорности и улоги во борбата за намалување на сивата економија“, рече Петрова.

    Според неа, неформалната економија е комплексен феномен кој не е мотивиран единствено од желбата да се избегне плаќањето даноци, туку може да биде резултат и на социјални и други фактори.

    „Не треба да имаме краткорочно зголемување на приходите со создавање поголем товар за чесните даночни обврзници. Треба да се стремиме кон модели што ќе водат кон одржлив, стабилен и долгорочен раст на приходите – преку зајакнување на усогласеноста, проширување на даночната база, едноставни модели на оданочување, паметно користење на ресурсите на даночната администрација, поврзаност на институциите и користење на можностите што ги носат дигитализацијата и новите технологии“, заклучи Петрова.

    На панелот учествуваа и генералниот директор на Даночната администрација на Косово, Ментор Хисени, вршителот на должноста генерален директор на Финансиската управа на Словенија, Јанко Преац, помошник-директорот во Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина, Винко Скоко, Јасна Голиќ од Даночната управа на Република Српска и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија, Виктор Мизо. Дискусијата ја модерираше Глигор Бишев, поранешен претседател на Фискалниот совет.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично