
До неодамна бакарот беше металот што инвеститорите го следеа за да дознаат како „дише“ светската индустрија. Денес неговата улога е многу поголема. Низ бакарните кабли треба да помине струјата што ќе ги напојува дата-центрите, новите електромрежи, електричните автомобили, фабриките и сè поголемиот број системи за вештачка интелигенција. А токму кога на светот му треба повеќе бакар од кога било, од рудниците пристигнува помалку.
Резултатот веќе е видлив на берзите. Бакарот на Лондонската берза за метали се искачи до нов историски максимум од 14.728 долари за метрички тон, со што растот од почетокот на годинава се приближи до 18 проценти. Само еден ден претходно беа соборувани рекорди на ниво од околу 14.500 долари, што покажува со каква брзина се движи пазарот.
Но, зад цената не стои само берзанска еуфорија.
Глобалното производство на бакар од рудниците во првата половина од 2026 година се намалило за 1,1 процент, а производството на бакарен концентрат паднало за 2,6 проценти, покажуваат податоците на International Copper Study Group. Особено се чувствуваат проблемите во големите производители како Чиле, Индонезија и Демократска Република Конго. Во Чиле, најголемиот светски производител, рударското производство во првата половина од годинава било пониско за 6,6 проценти.
Тоа создава необична ситуација. Во моментов на светскиот пазар сè уште има мал вишок на рафиниран бакар – околу 131 илјада тони според првичните податоци за првото полугодие – но под површината се појавува многу поголем проблем: рудниците не произведуваат доволно брзо за она што светот планира да го изгради во следните години.
Новите електрични мрежи трошат огромни количества бакар. Истото важи за дата-центрите што ја движат експанзијата на вештачката интелигенција, за електричните возила, обновливите извори, индустриската инфраструктура и одбранбените системи. „Волстрит журнал“ токму инвестициите во електромрежите, AI, дата-центрите и електричните возила ги посочува како главна долгорочна поддршка на побарувачката.
Меѓународната агенција за енергија оди уште подалеку. Според нејзиниот најнов Global Critical Minerals Outlook, до 2040 година светската побарувачка за бакар би требало да се зголеми за околу седум милиони тони, а според моментално најавените проекти, во 2035 година понудата би можела да биде околу 25 проценти помала од потребите.
Бакарот сè повеќе излегува од рамките на обична индустриска суровина и станува стратешко прашање за државите.
Дека веќе започнала борбата за физичкиот метал покажуваат и случувањата во САД. Очекувањата дека Вашингтон би можел да воведе нови царини за рафиниран бакар предизвикаа огромно пренасочување на залихите кон американскиот пазар. Само во првата половина од 2026 година САД увезле околу 885.000 тони бакар, додека залихите на американската COMEX берза достигнале рекордни нивоа. Металот што оди кон Америка, истовремено недостига на други пазари, што дополнително ја турка нагоре глобалната цена.
Аналитика








