ПОВЕЌЕ

    ПИСА го вклучи алармот: Речиси тројца од четири македонски ученици не го достигнуваат основното ниво во читање

    Време зa читање: 5 минути

    Речиси тројца од четири македонски петнаесетгодишници не го достигнуваат основното ниво на читачка писменост. Во математиката под основниот праг се 68 отсто од учениците, а сериозни слабости се бележат и во природните науки. Најновите резултати од ПИСА 2025 не носат само уште едно лошо рангирање за Македонија, туку отвораат многу посериозно прашање – колку учениците навистина умеат да го применат знаењето што со години го стекнуваат во училиште.

    Само 26 отсто од македонските ученици опфатени со ПИСА 2025 го достигнале најмалку основното, второ ниво на способност за читање. Преведено поедноставно – околу 74 отсто се под тоа ниво. Тоа значи дека голем дел од петнаесетгодишниците имаат тешкотии со вештини како препознавање на главната идеја во текст со умерена должина, пронаоѓање информации според зададени критериуми и размислување за целта и формата на прочитаното. Просекот на ОЕЦД за ученици кои го достигнале најмалку ова ниво е 69 отсто.

    Ниту математиката не нуди многу простор за оптимизам. Основното ниво го достигнале 32 отсто од учениците во Македонија, наспроти 65 отсто во просекот на ОЕЦД. Тоа остава 68 отсто под прагот што ПИСА го смета за минимална функционална математичка писменост. Станува збор за способност ученикот да препознае како едноставна животна ситуација може математички да се претстави – на пример, да спореди две растојанија или да направи конверзија на цени во друга валута. Само еден процент од македонските ученици се меѓу најуспешните, на петтото или шестото ниво, додека просекот на ОЕЦД е осум проценти.

    Кај природните науки 36 отсто достигнале најмалку второ ниво, во споредба со 74 отсто во ОЕЦД. Речиси и да нема македонски ученици на највисоките две нивоа. Последните резултати покажуваат дека во читањето и природните науки Македонија е приближно на нивото од 2022 година, додека кај математиката има пад. Во сите три области резултатите остануваат под просекот на ОЕЦД.

    Но, ПИСА 2025 кажува нешто што можеби е уште поважно од самите тестови. Зад слабите резултати се појавува слика на ученик кој сè потешко го задржува вниманието, почесто отсуствува, поминува значително време со дигитални уреди и добива помалку редовна поддршка од дома.

    Дури 33 отсто од македонските ученици изјавиле дека нивните соученици често се расеани поради користење дигитални уреди на повеќето или на сите часови по природни науки. Учениците кои пријавиле вакво дигитално одвлекување на вниманието во Македонија во просек имале 22 поени послаб резултат по природни науки од оние кои не пријавиле таков проблем, откако ќе се земат предвид социоекономските карактеристики на учениците и училиштата. Тоа е двојно погема разлика од просечните 11 поени на ниво на ОЕЦД.

    Дигиталниот свет веќе не е само телефон и социјални мрежи. Вештачката интелигенција практично влегла во училницата. Во Македонија 44 отсто од учениците велат дека користат чет-ботови со вештачка интелигенција за учење најмалку еднаш неделно. Триесет и три проценти ги користат за првично истражување нова тема, 31 отсто за сумирање текст што требало да го прочитаат, а 34 отсто за подготовка на текст за писмени задачи. Само десет проценти од учениците велат дека никогаш или речиси никогаш не користат чет-ботови за задачите опфатени со истражувањето.

    Бројките за присуството на настава дополнително ја усложнуваат сликата. Околу 35 отсто од македонските ученици изјавиле дека пропуштиле најмалку еден цел училишен ден во двете недели пред тестирањето. Дури 41 отсто пропуштиле барем еден час, а 57 отсто барем еднаш задоцниле на училиште. Во 2022 година овие показатели биле пониски – 28 отсто за пропуштен ден, 37 отсто за пропуштен час и 50 отсто за доцнење.

    Истовремено се намалува и она што не се гледа во дневникот – интересот од дома. Во 2025 година 67 отсто од учениците во Македонија изјавиле дека родител или старател најмалку еднаш неделно ги прашува што правеле на училиште. Три години претходно уделот бил 73 отсто. Само 52 отсто велат дека барем еднаш неделно разговараат дома за проблемите што ги имаат на училиште, наспроти 63 отсто во 2022 година. ОЕЦД регистрира намалување на семејната поддршка во речиси сите земји што учествувале во ПИСА, па проблемот не е исклучиво македонски.

    Тоа е важно затоа што ПИСА 2025 не покажува само македонска криза. Во земјите од ОЕЦД просечните резултати по читање и математика се најниски откако се спроведува истражувањето. Еден од пет ученици во земјите на ОЕЦД сега има ниски резултати истовремено по природни науки, математика и читање, наспроти 16 отсто во 2022 година. Во најголемото ПИСА-тестирање досега учествувале повеќе од 760.000 петнаесетгодишници од 91 земја и економија.

    Во Македонија тестирањето го завршиле 6.977 ученици од 124 училишта, кои претставуваат околу 16.700 петнаесетгодишници во земјата. ОЕЦД наведува дека македонските податоци ги исполнуваат стандардите за квалитет на ПИСА и се соодветни за објавување и анализа.

    Затоа, најлесниот заклучок би бил дека македонските ученици „не знаат доволно“. Но бројките кажуваат покомплексна приказна. Тие зборуваат за образование во кое проблемот не завршува со учебникот или наставната програма. Се појавуваат прашања за концентрацијата во училницата, редовноста на наставата, начинот на кој се користи технологијата, односот кон читањето и вклученоста на семејството.

    ПИСА, на крајот, не проверува колку лекции ученикот може да репродуцира. Проверува дали знаењето стекнато во училиштето може да го употреби кога пред него ќе се појави реален проблем.

    А токму на тој тест, бројките покажуваат дека македонското образование има сериозна домашна задача.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично