На 8 септември 1991 година Македонија го отвори поглавјето „Независност“ со голем ентузијазам и со економија „подјадена“ од југословенската криза. Со производство во пад, со невработеност што како зараза се прошири и опфати близу четвртина од работната сила, со висока инфлација и голема зависност од единствениот пазар. Без сопствена валута и без потпорен ѕид од девизни резерви.
Три и пол децении подоцна, економската слика, што на полошо, што на подобро, е целосно променета. БДП е зголемен, невработеноста е повеќе од преполовена, девизните резерви се мерат во милијарди евра, а структурата на економијата се базира на услугите. Македонија денес има и многу помалку жители отколку на почетокот на независноста. Во меѓувреме се менува и земјоделството, а земјата сè повеќе се потпира на увоз за дел од прехранбените потреби.
Во пресвртната 1991 година, бруто-домашниот производ на Македонија, според историските податоци на Светската банка, изнесувал околу 4,94 милијарди долари, а населението броело 1,916 милиони жители. Тогашниот БДП бил на ниво од 2.578 долари по жител.
Веќе претходно, во 1990 година, реалниот БДП се намалил за 9,7 отсто, а во 1991 година падот продолжил со 9,8 отсто. Во 1992 година економијата паднала за 12,4 отсто, а во 1993 година за уште 9,4 отсто.
За разлика од денешната состојба, невработеноста тогаш била една од најголемите слабости. Стапката во 1990 година била 23 отсто, а во 1991 година се зголемила на 24,5 отсто. Во следниот период негативниот тренд продолжил, достигнувајќи 41,7 отсто во 1997 година.
Накусо, уште во првата година од независноста без работа бил секој четврти човек од расположливата работна сила. Потоа дојде трансформацијата на општествениот во приватен капитал и голем број работници беа прогласени за технолошки вишок.

Сите што со големи очекувања тргнаа по патеката на независноста се сеќаваат и на драматичните чекори што ги донесе таканареченото „аргентинско танго“. Инфлацијата во таа 1991 година била 110,8 насто, но тоа биле и добри денови во споредба со инфлаторниот удар што уследил во 1992 година – од 1.511,3 насто.
Тоа е период во кој државата го воспоставуваше сопствениот монетарен систем. Денарот беше воведен во април 1992 година и идната година ќе биде јубилејна за домашната валута.
Најдобро видлив пример за промените се веројатно девизните резерви. Во првата година од независноста Македонија располагала со едвај 12 милиони долари. Денес тие се мерат во милијарди евра. Последните податоци на Народната банка се однесуваат на јули, кога официјалните девизни резерви достигнале 5,011 милијарди евра.
Ова е една од најголемите институционални промени во изминатите 35 години. Од економија која штотуку воспоставуваше своја валута до целосно самостоен монетарен и финансиски систем.
Македонскиот номинален БДП, според податоците на ММФ, со проценката за 2026 година треба да достигне 21,61 милијарди долари. Тоа треба да значи дека економијата е на повеќекратно поголемо ниво во однос на „гранките“ од кои ја започна независноста. Сепак, тоа не означува реален раст од четири или пет пати. Номиналниот БДП во долари ги вклучува и инфлацијата и промените на девизниот курс. За вистинската промена во производството треба да се гледа реалниот БДП.
А во тој сегмент сликата е посложена. Македонија имаше долг транзициски пад во првата половина од 90-тите, потоа бележеше периоди на забрзан раст, но и големи шокови предизвикани од воениот конфликт во 2001 година, од глобалната финансиска криза, од ковид-пандемијата, од енергетскиот шок…
Сега, и покрај надворешните влијанија и домашните случувања, економијата статистички повторно расте. Државниот завод за статистика објави дека БДП во второто тримесечје од 2026 година пораснал за 4,3 насто во споредба со истиот лански квартал. Притоа, особено висок е растот од 21,9 насто во градежништвото.
Предизвиците што ја следат македонската независност се огледуваат и на пазарот на трудот. Ако на почетокот секој четврти човек од работната сила бил невработен, сега е секој деветти. Статистиката утврдила дека стапката на невработеност во второто тримесечје е 11,3 отсто. Тоа е намалување од 13,2 процентни поени, односно релативно намалување од околу 54 отсто во однос на стапката на невработеност од 24,5 отсто во 1991 година. Денес, во потрага по работно место се 90.020 лица.
Економијата се смени, но населението се намали. Во 1991 година Македонија имала околу 1,916 милиони жители, а официјалната проценка за крајот на 2025 година покажува 1,819 милиони жители. Тоа е околу 97 илјади жители помалку во однос на почетокот на независноста.
Иселувањето и демографското стареење остануваат меѓу најголемите долгорочни предизвици. Можеби е така затоа што нема конкретен и позитивен одговор на прашањето – колку од растот на економијата се претвора во повисок животен стандард за граѓаните.
Своевремено, приватизацијата се „продаваше“ или оправдуваше со фразата „Богати поединци, богата држава“. Во меѓувреме, државата се соочи со низа економски и институционални проблеми, а денес е меѓу најсиромашните или поблаго кажано, меѓу земјите во Европа со понизок животен стандард. И сè уште го бара своето место под сонцето за развој и просперитет.
Без оглед на бројките, многумина сметале и сметаат дека Македонија не се придвижила многу од почетните позиции. Затоа и заминуваат.
Сите што останавме не губиме надеж дека некогаш ќе нè биде, дека и одовде ќе го здогледаме доброто утро. Можеби, во наредните 35 години.
Маја Анастасова
Аналитика








