Дата-центарот може да се гледа од повеќе различни агли – како показател за економскиот развој, како голем потрошувач на електрична енергија, но и како инфраструктура без која денешниот дигитален свет практично не би можел да функционира.
Професорот Орце Симов во својата објава на Фејсбук прво прави разлика меѓу поимот и неговото значење.
„Дата центар е капацитет (објект, зграда) во кој се наоѓаат голем број на компјутерски сервери кои служат за обработка и складирање на информации“, наведува тој.
Како пример го посочува Фејсбук. Она што корисникот го гледа на телефонот или на компјутерот – фотографии, видеа, коментари и лајкови – всушност не се складира на неговиот уред. Податоците се чуваат во дата-центрите, распоредени на различни локации низ светот, а од нив се испорачуваат до корисниците кога пристапуваат до социјалните мрежи.
Оттука, според Симов, тешко е да се замисли современиот интернет без ваквата инфраструктура.
„Дали може да постои Youtube без дата центар? Одговорот е Не. Facebook без дата центар, исто не, Amazon, Instagram, Google, Yahoo, Alibaba, Temu, електронско банкарство, дигитални услуги, ништо нема да има без дата центри. ChatGPT исто така, Claude (Antropic) и многу други“.
Тој укажува и на еден парадокс во актуелната дебата – најголем дел од полемиките против дата-центрите се водат токму преку интернетот и социјалните мрежи, односно преку инфраструктура која самата зависи од дата-центрите.
„Главната битка против дата центри се води на Интернет и социјални мрежи кои не би постоеле ако нема дата центри“, пишува Симов, споредувајќи ја актуелната ситуација со дебатите околу 5G-мрежите пред неколку години.
Но, професорот не го занемарува ниту проблемот со потрошувачката на енергија. Напротив, посочува дека особено дата-центрите за вештачка интелигенција можат да бидат големи потрошувачи.
Според него, тоа не значи автоматски дека ќе се зема струја од домаќинствата. Дата-центрите, како што објаснува, треба да набавуваат електрична енергија на берзите, односно на пазарни услови.
„Дата центрите, особено ВИ дата центрите трошат многу електрична енергија. Но, тие нема да ја трошат енергијата на граѓаните, тие ќе набавуваат електрична енергија на берзите за енергија како мемо или hupx“.
Слично е и со ладењето. Симов посочува дека постојат различни технологии, од воздушно и immersion-ладење до директно течно ладење со затворен систем, кои не бараат потрошувачка на вода.
„Типови на ладење: Воздушно ладење – не троши вода. Immersion ладење – не троши вода. Директно ладење со течност, не троши вода затоа што е затворен систем. Ладење со испарување, троши вода (испарува во атмосферата) но, таа со врнежи пак се враќа на земјата. Има уште неколку системи на ладење кои не трошат вода“.
Дата-центрите како економска шанса…
Симов посочува и на економската страна на приказната. Како пример ја наведува Германија, каде што Гугл гради дата-центри со вкупна инвестиција од 5,5 милијарди евра.
Според неговата пресметка, ваквата инвестиција може да има значаен придонес во економијата, а ефектот врз Македонија би бил многу поголем доколку се земе предвид големината на домашниот БДП.
„Македонија е земја во која има многу сончеви денови. До пред некое време барањата на граѓани и компании за градење на фотоволтаични системи во РКЕ беа со вкупна моќност од 7 GW. Нашите потреби отприлика се околу 1 GW. Значи немаме потрошувачи, затоа на многу барањата не им се одобрени. Ако се изградат дата центри, ќе има потрошувачи, на многумина може да им се одобрат барањата да произведуваат и да ја продаваат електричната енергија. На пример, ако имаме дата центри со потрошувачка од 1 GW може да се дадат одобренија за фотоволтаици за 3 GW, 1 GW za тековна потрошувачка, 2 за складирање за временскиот период кога не работат фотоволтаиците (батерии, водород, пумпна хидроакумулациона електрана и други начини…)“.
Но, не по секоја цена
И покрај поддршката за развојот на оваа индустрија, Симов поставува и неколку јасни услови.
Дата-центрите, според него, треба да се градат според највисоки еколошки стандарди, на локации каде што нема да го нарушуваат животот на локалното население и таму каде што постои или може да се обезбеди доволна електроенергетска инфраструктура.
Особено важно е новите објекти да не го загрозат снабдувањето на постојните потрошувачи.
Дополнително, инвеститорите треба сами да си обезбедат електрична енергија преку енергетските берзи и по пазарни цени – правило кое, како што потсетува Симов, веќе произлегува од постојната законска регулатива.
„Пишував скратено, изоставив многу аспекти…“, вели на крајот професорот, кој под постот објавува и фотографија со табеларен приказ на 20 држави и бројот на дата-центри што функционираат во нивните рамки. Во САД има 4.767, во Обединетото Кралство 568, во Германија 533 дата-центри…
(Photo by Joshua Sortino on Unsplash)
Аналитика








