Скопје или Охрид би можеле директно да се поврзат со Тел Авив, а Македонија да стане влезна точка за израелските туристи, компании и инвеститори кон европскиот пазар. Иницијативата за директна авиолинија, заедно со можностите за поголема економска и туристичка размена, беше меѓу темите за кои министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зборуваше во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“.
Муцунски, кој е во прва официјална посета на Израел во својство на министер, посочи дека воспоставувањето директна воздушна врска би било значаен чекор за зголемување на туристичката размена, но и за олеснување на деловните контакти меѓу двете земји.
„Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети“, истакна Муцунски.
Според него, амбицијата не е ограничена само на привлекување повеќе израелски туристи. Македонија сака да ја искористи својата географска положба и инфраструктурната поврзаност за да привлече компании и капитал од Израел.
„Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европски пазар чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз“, порача тој.
Како предност ги посочи коридорите 8 и 10, кои ја поврзуваат земјата со значајни европски транспортни правци, како и инвестициите во енергетската поврзаност. Според Муцунски, тие создаваат дополнителен простор за израелските компании кои бараат можности за проширување на европските пазари.
На разговорите биле отворени и други области во кои постои потенцијал за поголема соработка – земјоделството, управувањето со води, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, но и инвестициите и одбранбената индустрија.
Муцунски смета дека добрите политички односи меѓу двете земји треба да добијат и посилна економска димензија.
„Од формирањето на Владата, билатералните односи со Израел ги поставивме како еден од приоритетите на нашата надворешна политика“, истакна тој.
Во интервјуто е посочено дека во изминатиот период е зголемена и динамиката на политичките контакти меѓу двете земји. Како пример е наведена парламентарната делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи, која во јануари остварила средби со претседателот на Кнесетот, Амир Охана, и со други израелски претставници.
Според Муцунски, посетата на Израел треба да даде дополнителен поттик на оваа динамика и да ја насочи кон конкретни економски резултати – повеќе туристи, инвестиции, деловни контакти и поголема трговска размена.
Аналитика








