ПОВЕЌЕ

    Квадратура на заработката: 228 милиони евра приход во бизнисот со недвижностите

    Време зa читање: 5 минути

    Деловниот простор, трговските центри и становите за изнајмување продолжуваат да носат стабилен приход. Лани 810 компании од оваа дејност инкасирале 227,6 милиони евра, но и покрај растот на приходот, профитот благо се намалил.

    Износот на приходот е за 3,48 насто повисок во однос на претходната година. Истовремено, вкупната добивка опаднала од 62,4 на 59,9 милиони евра, односно за 4,07 насто.

    И овде, како и во другите сектори, работа и заработка има, некаде помалку, а некаде многу, многу повеќе. Во овој бизнис, конкретно, секое второ евро завршува кај десет компании. Тој факт произлезе од анализата што порталот Пари ја подготви со податоците од Бизнис Мрежа. Нема потреба да се нагласи дека главни се сопствениците на трговските центри. Во овие зданија, и покрај намалувањето на бројот на населението и падот на животниот стандард, сепак се наоѓа некоја економска логика, па и натаму се градат. Исто како и големите станбено-деловни комплекси.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМ ПРИХОД НОСИ „КОСМОС“ НА ФИЈАТ ЦАНОСКИ

    Десетте најголеми компании, осум од Скопје и по една од Штип и Тетово, во 2025 година заеднички инкасирале 118,6 милиони евра. Тој исход е за 51,3 насто подобар отколку една година претходно, кога биле изброени 78,4 милиони евра. Тие сега учествуваат со 52,1 насто во вкупниот приход на целата дејност, при што се доаѓа до констатацијата за тоа каде оди секое второ евро.

    Се сеќавате на објектот во сопственост на Фијат Цаноски, што владата на Никола Груевски го уриваше со експлозив? Од возобновениот комплекс „Космос“, односно од продажбата на станови, компанијата Фине лани приходувала 27,3 милиони евра. Тоа е речиси четири пати повеќе отколку во 2024 година (+ 294,5 %). Предводникот на листата е сопственик и на убедливо најголемиот процентуален годишен скок.

    Ист Гејт го зголемил приходот на 20,7 милиони евра. Можеби најпосетуваниот трговски центар продолжува да ја зголемува искористеноста на комерцијалниот простор и приходите од закуп. Компанијата е дел од Skopje East Gate, најголемата приватна инвестициска целина во земјата, а зад неа стои регионалната групација Balfin, која покрај трговскиот центар развива и станбено-деловен комплекс. Сопственици се Арсим Папранику, Илир Папранику, Piaz Investment B.V. и Balfin B.V.

    На третото место е СЦМ Ретаил со 15,4 милиони евра приход, речиси идентични со претходната година. Компанијата управува со Скопје Сити Мол, а единствен сопственик е Balkan Retail N.V., дел од меѓународната групација Hyprop Investments, која во своето портфолио има трговски центри и во Хрватска и Бугарија.

    Меѓу најголемите е и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Државната компанија има приходно остварување од 11,6 милиони евра.

    Се издвојува и Палма Траде Љумиаљ од Тетово со постигнатиот повеќе од двојно поголем резултат од претходната година (+ 105,7 %). Исто така и Хемиски Инженеринг (+ 113,7 %), компанијата што е сопственик на дел од поранешниот комплекс на ОХИС, кој го откупи за околу седум милиони евра, а дел од приходот го остварува од издавање деловен и индустриски простор.

    Пад на приходите, пак, бележат само две компании од првата десетка – Настел (‒ 5,7 %) и КАМ Имобилиен (‒ 4,7 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПАД НА ДОБИВКАТА ИМА САМО КАЈ КАМ ИМОБИЛИЕН

    Најпрофитабилните десет компании заработиле 37,4 милиони евра, за 32,2 насто повеќе од претходната 2024 година. Воедно, тоа претставува 62,4 насто од вкупната добивка на сите 810 компании. Со други зборови, речиси две третини од профитот во дејноста го создаваат само десет фирми.

    Носител на најголемата добивка е СЦМ Ретаил. Заработените 7,1 милион евра истовремено се и потврда за Сити Мол во Карпош како најпрофитабилен објект во секторот.

    Поголем профит (+ 8,31 %) е направен и во Езимит Капитал од Штип, од 6,3 милиони евра. Компанијата што изнајмува и управува cо недвижен имот е дел од домашната групација Езимит, која и на домашен и на регионален терен инвестира во недвижности, туризам, винарство, обновливи извори на енергија и медицина.

    Настел, и покрај падот на приходот, успеала да ја зголеми добивката за 30 насто. Износот од 5,4 милиони евра ја рангира компанијата на бизнисменот Зоран Азманов на високото трето место.

    Ист Гејт Мол ја зголемил добивката за речиси 66 насто, достигнувајќи 5,2 милиони евра, односно растот на приходот бил проследен и со подобра профитабилност.

    Најголемите добитници според динамиката на раст се: Адора Креативе Капитал, со скок на добивката од 427,9 насто и Хемиски Инженеринг со 318,9 насто.

    Единствен поголем пад меѓу водечките компании бележи КАМ Имобилиен, чијашто добивка е намалена за 18,5 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Управувањето со недвижности е меѓу најисплатливите бизниси во земјата. Тоа веројатно можат да го потврдат компаниите што ги поседуваат квадратите што носат милиони.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично