ПОВЕЌЕ

    ТТК Банка со понуда од 1.500 корпоративни обврзници: запишувањето почнува на 12 август

    Време зa читање: 2 минути

    Домашните инвеститори, во период од три месеци, ќе имаат можност да запишат корпоративни обврзници од четвртата емисија на ТТК Банка, преку која треба да се обезбедат до 1,5 милиони евра свежи средства од пазарот на капитал.

    Јавната понуда, објавена денес на Македонска берза, опфаќа 1.500 корпоративни обврзници со шифра TTKOA33, при што секоја обврзница има номинална и продажна вредност од 1.000 евра во денарска противвредност, сметано по средниот курс на Народната банка на денот на уплатата.

    Запишувањето ќе започне на 12 август, а последниот рок за доставување налози е 12 ноември. Продажбата ќе се врши по модел на фиксна цена, со примена на принципот на приоритет на налози со порано време на внес во БЕСТ системот.

    Обврзниците ќе носат фиксна каматна стапка од 4,75 проценти годишно за целиот период на доспевање, а според одобрението од Комисијата за хартии од вредност, станува збор за долгорочни должнички хартии од вредност кои ќе се третираат како капитален инструмент.

    Од КХВ претходно информираа дека целта на емисијата е зајакнување на капиталната сила и вкупниот финансиски потенцијал, со што ТТК Банка ќе може да ги реализира деловните цели утврдени во Деловната политика и развојниот план за периодот 2026–2028 година.

    Банката и претходно користеше ваков инструмент за обезбедување дополнителни средства за раст и развој.

    Во рамки на јавната понуда, инвеститорите ќе имаат увид во проспектот за издавање на обврзниците, ревидираните финансиски извештаи на банката за 2023, 2024 и 2025 година, неревидираните финансиски извештаи за првиот квартал од 2026 година, како и деловната политика и развојниот план на банката.

    Со новата емисија, ТТК Банка се приклучува на трендот на поголемо користење на домашниот пазар на капитал за обезбедување средства и јакнење на капиталната позиција, наместо традиционално потпирање само на депозитната база и кредитниот раст.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично