ПОВЕЌЕ

    Кај платежните картички сѐ се врти околу провизијата, а завршува со кеш

    Време зa читање: 5 минути

    Кеш или картичка? Иако државата и банките со години го поттикнуваат безготовинското плаќање, во пракса готовината и натаму има силна предност. Во малите продавници, киосците и локалните дуќани често се преферира кешот. Дури и во дел од јавното здравство, во одделни државни институции ПОС терминалите не се во функција.

    А, има трговци кои нудат попуст доколку парите ги добијат на рака. Има и случаи кога бараат од купувачите да платат дополнителен износ доколку користат платежна картичка. Образложението е – банките наплатуваат високи провизии.

    На ова реагираше и даночниот експерт Павле Гацов, кој предупреди дека ваквата практика е незаконска.

    „Трговците (продавачи) наместо да вршат институционален притисок банките да ги намалат провизиите за користење на платежните картички, започнаа во пракса да ја превалуваат провизијата на граѓаните (купувачи). Објаснувањето е дека банката земала висок % на име провизија за наплата со картичка“, напиша Гацов на Фејсбук во статусот насловен Продолжува „контаминацијата на терен“ на плаќањето со платежни картички.

    Тој ги повика трговците (и не само нив) да го прочитаат членот 217 од Законот за платежни услуги и платни системи, според кој е забрането да се наплатува дополнителен надомест за плаќање со платежна картичка или да се дава поголем попуст за плаќање во готово отколку за плаќање со други платежни инструменти.

    „Оваа ‘покана за правно потковување’ се однесува и на разните државни установи / институции кои исто така наплаќаат дополнителни суми од граѓаните што плаќаат со картички. Кршењето на законските одредби има посебно засекување со ‘моралот’ што треба да го промовира и брани државата (имено, секоја политичка изјава започнува и завршува ‘заради граѓаните’ или ‘во корист / интерес на граѓаните’….)“.

    Воедно, Гацов го цитира и дел од членот 217, кој превидува глоби од 500 до 10.000 евра, зависно од големината на трговецот:

    „(1) Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец ќе му се изрече за прекршок доколку:

    – нуди попуст за платежни трансакции кои се извршуваат со готовина, непосредно од плаќачот на примачот, без вклучување на посредник, поголем од попустот којшто го нуди при платежни трансакции, кои се извршуваат со други платни инструменти различни од готовина, наплатува надоместок за употреба на одреден платен инструмент заснован на картичка или наплатува дополнителни надоместоци (член 77 ставови (5), (6) и (7) од овој закон)“.

    А, какви се провизиите?

    Аргументот што го даваат трговците дека банките наплатуваат превисоки провизии не наоѓа целосна поткрепа во официјалните податоци.

    Според платежната статистика на Народната банка, просечниот пондериран надомест што банките и другите обезбедувачи на платежни услуги им го наплатувале на трговците за плаќања со картички, во 2025 година изнесувал 1,01 процент. Тоа е најниско ниво во последните осум години.

    Во 2020 година просечниот надомест достигнал 1,21 процент, по што следува континуирано намалување – на 1,19 проценти во 2021 година, 1,13 проценти во 2022 година, 1,12 проценти во 2023 и 2024 година, за лани да се сведе на 1,01 процент.

    Висината на провизијата, пак, зависи од дејноста и од годишниот промет што трговецот го остварува преку картички. Најниски надоместоци плаќаат трговците со најголем промет, при што кај нив провизијата во одредени дејности се движи и под 0,8 проценти.

    Податоците од Народната банка покажуваат дека кај бензинските станици, на пример, просечниот надомест лани изнесувал 0,76 проценти, кај аптеките 0,93 проценти, а кај продавниците за прехранбени производи 0,86 проценти. Повисоки стапки и натаму има кај електронската трговија (1,72 %), државните институции (1,63 %), кај изнајмувањето превозни средства (1,58 %)…

    Со картичка до првиот банкомат

    Делумно поради навиките на граѓаните, делумно поради одбивниот однос на трговците кон картичките, кешот и понатаму има силна позиција во секојдневниот промет. Без оглед и на фактот за континуираниот раст на безготовинските плаќања, што го бележат статистиките.

    Само во првите три месеци од годинава, според Народната банка, со платежни картички биле извршени 6,93 милиони трансакции за повлекување готовина. Од нив, повеќе од 6,85 милиони се реализирани од физички лица.

    За таа намена, платежните картички во јануари биле искористени 2.168.513 пати, во февруари 2.283.285 пати, а во март бројот на трансакциите се зголемил на 2.482.393.

    Паралелно се зголемува и вредноста на подигнатите средства. За три месеци – повеќе од 880 милиони евра. Во јануари од банкоматите биле повлечени повеќе од 17,15 милијарди денари (278,9 милиони евра), во февруари 17,72 милијарди (288,2 милиони), а во март дури 19,25 милијарди денари или 313,1 милион евра. Само граѓаните физичките лица во март повлекле кеш во вредност од 18,74 милијарди денари, односно 304,7 милиони евра.

    Додека дел од трговците не прифаќаат картички, а други незаконски им наплатуваат дополнителни трошоци на купувачите, банкоматите се задолжителна попатна станица за многумина.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично